Овој пат, драги другарчиња, решив на малку поинаков начин да ви ја претставам книгата што ја прочитав во последно време. Всушност, станува збор за сликовница. Името ѝ е „Чао!“ Мене ми се виде супер ова име. Затоа посакав да ви ја препорачам. Но, наместо да ви ја поткажам содржината, си реков да пробам да ви создадам приказна од цртежите во „Чао!“ Сериозна задача ќе да е оваа, ама вреди човек да се вложи за вашето љубопитство.

[Го навлекувам витешкиот оклоп и тргнувам во освојување на тоа височество – читачкото внимание!]

Замислете си еден носорог. Ама не вистински. Носорог-креветче. И на тоа креветче, под црвено јорганче, спремни да потонат в сон, лежат едно мече, една балерина Евелина, еден кенгур и една коала. Ама не вистински, туку кукли. На Мартје. Ја чекаат за да им почне сонот. Мартје на сите им вели „добра ноќ“. Сите се нејзината мајка, татко ѝ и братчето Бор. На „добра ноќ“, Бор одговара: „Чао!“

А, сега, сите сме во сонот на Мартје. Таму сè е зелено. Ридесто. Со многу дрвја. Ене, гледам едно слонче се бања во едно езерце. Таму погоре, еден лав задремал на една височинка. Две желки играат шах, а табла им е грбот на поголема желка што лета. Се разлетал и еден тигар. Всушност, сите летаат. Мислам дека летаме и ние со нив, и тоа што го гледаме – го гледаме од високо…
…од уште повисоко… Сега под нас има некакви куќи. Куќи-слончиња. И летаме… летаме без престан. Веќе сме над голема вода и надлетуваме острови.

Веројатно толку долго летавме со Мартје, што моравме да се вратиме во јавето за да се одмориме.
Семејството на Мартје и Мартје се собрани на маса, а мајка ѝ, потпрена на лактите, заинтересирано гледа кон ќерка си. Сигурно ѝ го раскажува сонот. Се чини Мартје ужива во своите соништа и би сакала да може да лета и во реалноста. Веројатно, мајка ѝ мисли дека за тоа ѝ недостигаат крилја, но тоа не би претставувало проблем зашто би можела да ѝ сошие костим за летање. Брат ѝ Бор не мисли исто. Прво е намуртен. А малку потоа, стуткан под јорганчето, неговите очиња оддаваат страв. Овој пат нема „Чао!“ за „добра ноќ“.

Соништата на Бор не се зелени и раскошни. Таму има гаврани, па некаквиси крокодили, канџи, синкаво шаренило. Ништо од што би можеле да направиме пријатна приказна. Ни Мартје не го разбира сето тоа, ама насетува дека може да помогне. Впрочем, нејзините кадифени кукли можат да помогнат. Веројатно тие ги носат убавите соништа.
Сигурно е така штом сега сите заедно, Мартје и Бор и кадифените играчки, безгрижно ги надлетуваат зелените ридови.
Се чини дека Бор уживал летајќи, штом му „пораснале“ крилја на грбот. Одлично превозно средство за братчето и сестричката, насмеани и првпат заедно да се „одвезат“ на училиште.

Па, другарчиња, подгответе ги очичките за шарени страници и за една приказна со среќен крај, зашто оваа сликовница е истерувач на кошмари.



912

X