Современите семејства страдаат од хроничен недостиг на време. Родителите многу работат и се преморени, па тоа директно се одразува и врз нивните родителски вештини. Парадоксално, но токму тактиките по кои најчесто посегнуваат за брзо да ги решат проблемите дополнително им го одземаат драгоценото време.
Танит Кери, авторка на книгата „Мајчински трикови за заштеда на време и поопуштен семеен живот“, смета дека овие пет родителски тактики претставуваат обично губење време:
- Викање по децата: Викањето може да функционира првиот пат поради факторот изненадување, но ефикасноста на оваа метода брзо слабее. Децата едноставно се адаптираат и учат да се „исклучат“ кога ќе го подигнете тонот. Да не зборуваме дека можете да го расплачете детето, па потоа ќе изгубите дополнително време за да го смирите. Кога ќе почувствувате дека ви расте притисокот, тргнете се настрана и вдишете длабоко. Од нервните напади нема никаква корист.
- Немање јасни правила во куќата: Дали децата можат за викенд да си легнуваат подоцна? Дали домашната задача се пишува веднаш по училиште или прво се гледа цртан филм? Ако немате поставено основни правила, создавате идеални услови за постојани расправии и преговори. Децата со часови ќе ви досадуваат барајќи простор за маневрирање, а кога сте уморни, лесно ќе заборавите што претходно сте им дозволиле. Запишете ги домашните правила на хартија и очекувајте да ги почитуваат сите, вклучувајќи ги бабите и дедовците.
- Претерано преговарање: Иако многу родители веруваат дека треба да бидат премногу чувствителни на детските желби и да ги оставаат самите да одлучуваат за сè (од тоа што ќе јадат до тоа што ќе облечат), ништо не е подалеку од вистината. Всушност, децата сакаат возрасните да ги носат овие одлуки и се плашат кога самите се на кормилото. Тоа не значи дека никогаш не треба да одбираат, туку дека вие треба да го ограничите изборот. Наместо неограничени опции, понудете им: „Можеш да останеш внатре да гледаш цртани или да излезеш надвор да играш фудбал. Што сакаш да правиш?“
- Попуштање за сè: Кога имате малку време за да бидете со децата, сакате секој момент да биде совршен. Затоа паѓате во замка и постојано им велите „да“ само за да бидат среќни. Истото се случува и кај родители кои самите имале престроги родители, па сега сакаат да бидат поинакви. Имајте на ум дека на децата им се потребни цврсти граници затоа што така се чувствуваат посигурно. Родителот кој никогаш не вели „не“, не ја извршува добро својата родителска должност.
- Хранење на секој час: Штом ќе слушнеме дека се гладни, чувствуваме должност веднаш да стапиме во акција со разни грицки и бисквити. Сепак, брзите шеќери од преработената храна само накратко ќе го ублажат гладот, предизвикувајќи инсулински скок и нагло паѓање на шеќерот, што води до уште поголем глад. За да го избегнете овој маѓепсан круг, давајте им ужини богати со протеини и сложени јаглехидрати (како јаболко со путер од кикиритки или ролнички од кашкавал). Така шеќерот во крвта ќе биде стабилен и нема постојано да слушате: „Мамо, пак сум гладен!“