другари Прашај психолог училиште

Девојчињата од класот бегаа од ќерка ми, ѝ ги земаа храната и парите без прашање и не сакаа да играат со неа… Што да направиме?

ПРАШАЊЕ: Моето девојче заврши прво одделение. Од мала оди во градинка, на курс по англиски, роботика и досега немаше проблем со дружењето со деца, но оваа година тоа се промени. Таа е во клас каде што поголем дел од децата се поитри, а кај неа преовладува срамот. Дома ни кажува дека девојчињата бегаат од неа – ако оди кај нив, тие одат на друго место и не сакаат да си играат со неа. Имаше неколку ситуации кога ѝ ги земаа храната, парите (10-20 мкд.) без прашање. Како да ѝ помогнеме да не си прави притисок, срам, да не си поставува бариери, бидејќи неколку пати забележавме дека предвреме размислува дека ќе ѝ кажат „бегај“ или „стој настрана“? Како да ја подигнеме нејзината самодоверба?

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Тргнувањето на училиште е еден од најзначајните преодни периоди во развојот на детето. Оваа промена е и промена на самата позиција на детето во светот. Градинката, како и помалите групи и курсевите што ги посетуваат децата на одреден начин претставуваат продолжение на семејната средина. Возрасните имаат активна улога во организирањето на односите меѓу децата, ги препознаваат конфликтите и често интервенираат пред тие да се продлабочат. Детето се чувствува видено, заштитено и водено.

Но, со влегувањето во училиште, оваа структура значително се менува. Наставникот има поинаква улога и не може постојано да биде посредник во социјалните односи меѓу децата. Врсничката група станува многу поважна, а детето првпат се соочува со потребата самостојно да го пронајде своето место во неа.

На возраст од 6-7 години децата минуваат низ значаен когнитивен и емоционален развој. Тие постепено почнуваат да разбираат дека другите имаат мислење за нив и дека можат да бидат гледани, проценувани и споредувани. Детето почнува да се прашува: „Дали ме сакаат?“, „Дали припаѓам?“, „Што мислат другите за мене?“ Со развојот на оваа самосвест се појавува и чувството на срам, особено кај почувствителните деца кои повеќе го забележуваат однесувањето на околината и полесно ги доживуваат знаците на исклучување или одбивање.

Вашето девојче изгледа како дете кое многу добро ги препознава потребите на другите, но сè уште учи да ги препознава и заштитува сопствените. Во развојот не е доволно детето да научи да сака, споделува и да соработува, многу важно е да научи и да се налути, да се спротивстави, да каже „не“, да побара простор за себе и да поднесе дека некој можеби нема да биде задоволен од тоа.

Од она што го опишувате, вашето девојче не се соочува само со конкретни ситуации во кои некои деца не сакаат да си играат со неа, туку и со постепено создавање на очекување дека ќе биде отфрлена. Со ваквите очекувања, детето почнува однапред да се повлекува и да се штити од можната болка.

Во овој период не би се фокусирала толку на „подигнување на самодовербата“, колку на зајакнување на нејзината доверба во сопствените чувства и процени. Детето има потреба да почувствува дека неговите чувства се разбрани и прифатени, а не коригирани или минимизирани.

Обидете се да не ја убедувате дека нема причина да се грижи, помогнете ѝ да го именувате и рефлектирате чувството: „Тоа сигурно многу те растажува“ или „Веројатно ти било непријатно кога се случило тоа.“

Играјте улоги, земете кукла да ја игра неа: „Ако не сакате да играте сега, јас ќе си цртам сама, па можеби подоцна ќе најдам друг другар.“

Потрудете се дома да вежбате и суптилно да го смените наративот. Наместо да ја фалите само кога е мирна и дели со другите, фалете ја кога ќе изрази сопствено мислење или кога ќе каже „не“ за нешто што не ѝ се допаѓа.

Воедно, потребно е постепено да учи да поставува граници. Доколку некој ги зема нејзините работи, храната или парите, разговарајте со неа за разликата помеѓу споделување и дозволување другите да ги преминуваат нејзините граници. На оваа возраст децата многу полесно учат преку игра отколку преку објаснувања. Можете дома низ игра да вежбате кратки реченици како:„Не, ова ми е потребно сега.“ „Те молам прво прашај ме.“ „Не сакам да го дадам тоа.“

Обидете се да ја охрабрувате и поттикнете да му пријде на едно дете, да постави едно прашање или да предложи една игра. Дома организирајте дружење со помала група деца. Избегнувајте пред неа да кажувате дека е срамежлива. Децата често го прифаќаат тоа како дел од својот идентитет. Наместо тоа, можете да кажете дека е внимателна, дека сака прво да набљудува и потоа да се вклучи.

Детето ја гради самодовербата преку различни искуства, каде што открива дека може да се соочи со непријатните чувства, да постави граница, да биде одбиено, а сепак да не ја изгуби сопствената вредност.

А вашата улога како родители не е да ја заштитите од секое разочарување, туку да останете безбедна база од која ќе може да го истражува светот и во која ќе може да се врати кога ќе се почувствува несигурно. Затоа, покрај поддршката и разбирањето, важно е да ја охрабрувате да носи мали одлуки, да изразува несогласување, да избира, да преговара и понекогаш да не се согласува. На тој начин детето постепено открива дека може да остане сакано и прифатено дури и кога не им угодува на сите.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top