Совети

Спас за родителите: Што навистина помага кога на децата им се лоши во автомобил?

Време е кога интензивно се планираат одморите, а автомобилот сè уште е едно од најомилените превозни средства. Сепак, за родителите чии деца тешко го поднесуваат патувањето и брзо се жалат на мачнини, патот може да се претвори во вистински предизвик.

Зошто настанува мачнината?

Таа произлегува од судир помеѓу окото и увото: внатрешното уво регистрира дека автомобилот се движи, но очите (насочени во внатрешноста на автомобилот) не го гледаат тоа движење. Мозокот се збунува, што кај децата предизвикува непријатност, мачнина, а на крајот и повраќање.

Како да му помогнете на детето?

  • Поглед во далечина

Поттикнувајте го детето да гледа надвор кон хоризонтот или во некоја далечна точка пред вас. Играјте игри со зборови или пуштете му ја омилената музика за да му го одвлечете вниманието.

  • Обезбедете свеж воздух

Отворете го малку прозорецот или пуштете ја климата. По секоја цена избегнувајте мириси на храна или јаки парфеми во автомобилот.

  • Забранети екрани и книги

За време на возењето строго е забрането читање книги, играње видеоигри или гледање филмови на телефони и таблети. Тоа моментално предизвикува мачнина.

  • Мирно возење и правилни маршрути

Избегнувајте нагло кочење и „сечкање“ во возењето. Изберете маршрути кои нудат порамни патишта со помалку кривини.

  • Редовни паузи

Правете паузи од најмалку 15 минути на секои 2 до 3 часа. Извадете го детето од автомобилот да се протегне и да дише свеж воздух. Ако забележите дека е бледо или испотено, веднаш запрете на првото безбедно место во ладовина.

Професионален трик за возачите: Ноќното возење е „закон“! Ако немате проблем да возите ноќе, тргнете кога детето е веќе поспано – така поголемиот дел од патот ќе го помине во сонување.

Што да јаде и да пие детето пред и за време на патот?

  • Избегнувајте тешка храна: Пред пат не давајте му на детето мрсна и тешка храна и не „налевајте“ го со големи количини вода или сокови.
  • Празен стомак НЕ е решение: Најдобро е да касне малку суви бисквити, соленки или половина банана. Ако детето самото не бара ништо, не форсирајте го.
  • Правило за пиење вода: Ако во автомобилот е топло, детето мора да пие течности, но исклучиво по принципот: „често, но по малку“ (голтка по голтка).

Апчиња или природни лекови?

Во аптеките се достапни лекови против мачнина при патување, но задолжително консултирајте се со матичниот педијатар пред да ги употребите (тие се даваат обично 30 до 45 минути пред тргнување). Како одлична и поприродна алтернатива, на пазарот постојат и лижавчиња на база на ѓумбир, па секогаш е добро прво да се проба со нив.

Извор

Поврзани написи

To top