Воспитување

Аутизмот не е нешто што треба да се „поправи“

„Уф! Нема ли да го научите на малку култура?“, рече таа зјапајќи во тинејџерот со кој бев излезена пред фитнес-центарот.

Имав 23 години. Се насмеав затоа што тој не правеше ништо погрешно. Само ги влечеше нозете по асфалтот, триејќи ги чевлите на начин што очигледно му претставуваше задоволство на неговото тело. Беше смирен. Беше среќен. Дури и тогаш, пред да ги научам термините за сензорно процесирање и пред и самата да добијам дијагноза, знаев дека тоа е многу поважно од нејзината верзија за „пристојно однесување“.

Ова не беше редок момент. Ова е еден од милион такви моменти. Негувателите и родителите на децата со аутизам се обидуваат да опстојат во свет кој никогаш не бил изграден по мерка на нивните деца. Исклучително е исцрпувачки.

Во некој момент, како сите луѓе на светот што сакаат да осудуваат да се собрале на едно место и да одлучиле што се смета за „добро“. Контакт со очи. Брзи одговори. Правилен тон. Соодветна дистанца. Правилен начин на игра. А ако не се вклопувате во таа нивна листа? Тогаш сте непристојни. Грешите. Вие сте проблем.

И некако… сите ние едноставно се помиривме со тоа.

Ова важи за сите, без разлика на дијагнозата: она што ни е познато, ни влева чувство на безбедност и удобност. Па така, кога некое дете не реагира „на копче“ или се движи на поинаков начин, луѓето паничат. Тие не велат: „Не разбирам“, туку велат: „Поправете ги“.

Тие зборови, без разлика дали ги слушате како родител во продавница, во парк или на кое било друго место, се болни. Сè што сакаме ние – заедницата на лица со аутизам и оние што ги сакаат – е да бидеме третирани исто како сите други.

А цената на тие погледи и на тоа неодобрување? Таа е превисока. Родителите и негувателите си заминуваат со чувство дека се осудени, како да потфрлиле во нешто во кое веќе вложуваат сè што имаат. А децата? И тие го чувствуваат тоа. Не ви се потребни зборови за да почувствувате неодобрување. Поглед, подбивање, промена на енергијата – сè тоа допира до нив. Особено до лицата со аутизам, вклучувајќи ги и оние што не говорат.

Тој тинејџер точно знаеше што се случува. Не му требаше контакт со очи или збор за да разбере дека таа жена не е пријателски настроена. Да се биде со аутизам не значи да се биде несвесен. Тоа што некој не зборува, не значи дека не разбира.

Тие гледаат. Тие чувствуваат. Тие го носат тој товар.

Можеме ли да престанеме да бараме од децата со аутизам да бидат подобри? Можеме ли да престанеме да осудуваме и да почнеме да се подобруваме себеси? Да бидеме љубопитни, а не импулсивни во нашите заклучоци?

Бидејќи целта никогаш не треба да биде некој да биде „помалку со аутизам“. Целта е безбедност. Припадност. Разбирање. Не ни требаат подобри деца. Ни требаат подобри луѓе и поширока дефиниција за тоа што е „добро“.

Автор: Мег Раби

Извор

Поврзани написи

To top