Често слушаме од родителите: „Моето дете се плаши да јаде“ или „Се плаши од одредена храна.“ Доколку ги исклучиме физичките причини што можат да постојат кај некои деца, тогаш одбивањето на храната најчесто има развојна и емоционална основа. Во најголем број случаи децата, особено на возраст од 2 до 5 години, не се плашат од храната, туку влегуваат во една развојна фаза во која автономијата и контролата стануваат централни во нивниот внатрешен свет.
Од развојна перспектива, т.н. селективно јадење (или „picky eating“) е честа и очекувана појава во раното детство. Селективноста во исхраната се појавува кога детето почнува појасно да го изразува своето „јас“. Во овој период децата откриваат дека имаат сопствена волја и почнуваат да ја изразуваат преку „сакам“ и „не сакам“. Детето не може да одлучува за многу работи во текот на денот, но може да одлучи дали ќе ја отвори устата или не.
Тогаш храната станува симболично поле на моќта – едно од ретките места каде што детето има целосна контрола. Тоа може да одлучи што ќе внесе во своето тело, а што ќе одбие.
Родителот го доживува тоа како детето да се „плаши“ бидејќи одбива храна, но често зад тие зборови стои нешто друго, а тоа е: отпор, потреба за контрола, сензорна чувствителност или реакција на притисок од родителот или од средината во која што се наоѓа.
Ако околу храната има напнатост, убедување, казна или преголема грижа, детето несвесно ја поврзува ситуацијата со еден вид борба, а не со задоволство. Тогаш одбивањето станува начин да се зачува автономијата.
Раните искуства со хранењето се поврзани со сигурноста, блискоста и регулацијата. Ако родителот е анксиозен, ако во него се активира силен страв дека детето ќе се разболи ако не јаде, таа анксиозност лесно се пренесува и детето тогаш не реагира на храната, туку на емоционалната атмосфера и на напнатоста што ја чувствува во односот.

Тука се отвора и прашањето за толеранцијата на фрустрација. Малите деца природно протестираат кога нешто не им одговара и кога не добиваат што сакаат. Но, често и родителите тешко ја поднесуваат сопствената фрустрација – плачот, одбивањето, чувството на немоќ. Во обид да ја намалат тензијата, попуштаат, нудат алтернатива што детето ја сака или ги омекнуваат границите. Така, несвесно, се нарушува конзистентноста. Во тие моменти главен двигател е стравот: „Подобро да изеде нешто отколку ништо.“ И тука започнува циклусот: детето учи дека преку одбивање ја зголемува контролата, а родителот учи дека преку попуштање ја намалува сопствената анксиозност.
Добро е да се дозволи автономија, и тоа и во други области од секојдневието. Може да се понуди избор во рамките на границите:
„Ја сакаш црвената или сината маица?“
„Сакаш да ги измиеме забите сега или по приказната?“
На овој начин детето чувствува контрола, но структурата останува кај родителот. Важно е родителот да остане смирен кога ќе каже „не“. Наместо долги објаснувања, доволно е кратко и стабилно: „Разбирам дека не сакаш. Ова е тоа што го имаме.“ Така детето ќе научи дека може да има свое мислење, но и дека светот има граници.
Важно е да разбереме дека здравото дете со уредна крвна слика и нормален развој нема да дозволи да гладува. Организмот има свој механизми на саморегулација. Кога ќе се намали притисокот што го прави родителот, кога храната ќе престане да биде поле на борба, а границите ќе бидат конзистентни, селективноста постепено ќе се намалува.
Децата не се плашат од храната. Тие се во процес на учење за вкусот, за телото, за контролата и за односите. Не „како да го натераме да јаде“, туку „како да создадеме атмосфера во која храната повторно ќе биде искуство на сигурност, а не на борба“. Во таа сигурност апетитот природно ќе најде начин да се врати.
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova