Живееме во време кога модерното родителство се поистоветува со ангажираност и зафатеност со многу активности

Секое дете е своја, посебна личност. Ако комшивчето оди на балет, во едукативен центар, на клавир и на германски, не значи дека и вашето дете треба да ги има сите овие активности. Секое дете има свои потреби, а секое семејство своја динамика. Според тоа, велат психолозите, внимателно треба да се изберат активностите на детето по училиштето. Родителите не смеат да се претворат во таксисти кои само ќе ги развозуваат децата од една на друга активност жртвувајќи го времето што треба да го поминат со нив.
Живееме во време кога модерното родителство, според психологот Христина Стефановска, се поистоветува со ангажираност и зафатеност со многу активности. Таквиот животен стил родителите честопати го проектираат и во децата дефинирајќи го како амбициозност и посветеност, т.е растење во „стимулативна средина“.
– Така, можaм да забележам и тригодишно дете кое посетува предучилишна установа (градинка), оди и на часови по англиски јазик и балет или некој танц и притоа често посетува и некој едукативен центар за раст и развој. Родителите знаат да бидат ригидни и крути кога станува збор за ангажманот на нивното дете. Секој од нив го сака најдоброто, но постои несвесен процес во кој тие го надополнуваат изгубеното време со детето во кое треба да потрошат часови во денот за спорт на игралиште, подавање топка, играње фудбал, активности со песок и природни материјали во природа, боење, цртање и најважното – читање приказни – вели Стефановска.

Христина Стефановска

Презафатени родители – презафатени деца

Вонучилишните активности знаат да бидат корисни и многу продуктивни доколку родителот е максимално сигурен, т.е. точно ги утврдил потребите и капацитетите на сопственото дете.
– Во тој случај, одлично е ако посетува часови дете од три години кое покажува афинитет кон музички инструмент, но не и друга активност. Секојдневието ми покажува дека во многу случаи постои и бесполезност од активностите, па во крајна мера и штета. Тоа значи дека родителите не процениле добро што му треба на детето, а со тоа му нанеле психолошки товар, предизвикувајќи раздразливост, импулсивност, чувство на лутина, фрустрираност. Доколку детето не е компетентно за активноста, може да се јави намалена самодоверба и немотивираност. Активностите на детето треба да бидат во сооднос со неговиот личен развој. Може да помогне и стручно лице за оценување на неговиот физички и моторен развој, за социо-емоционален развој, за пристапот кон учењето, јазикот и комуникацијата, како и когнитивниот развој. И славниот руски писател Лев Толстој научил да вози велосипед на 67 години, а пишувал до крајот на својот живот. Тоа значи дека има време за сè – додава Стефановска.

Да се следи темпото на детето

– Доколку само ги оптоваруваме децата и трчаме по различни активности за кои сме слушнале без да имаме слух за детската потреба и интерес, може да направиме отпор кај нив, да пропуштиме нешто значајно за нивниот развој, да не им дозволиме самите да се спознаат и понатаму може да им биде потешко – вели психологот Борјана Јанакиева-Заева.

Знаеме дека слободните или вонучилишните активности го поттикнуваат социјалниот развој кај детето. Тие, според психологот, во голема мера помагаат и за развој на вештините кои се потребни за успешно да се совладуваат училишните задачи, како и други развојни задачи.
– Но, тоа не значи дека детето треба да биде оптоварено со премногу активности. За тоа на колку и каков вид активности е добро да оди детето, зависи од неговите потреби, од неговите индивидуални карактеристики, како темперамент, карактер, па и од семејната динамика на функционирање – вели Јанакиева-Заева.
Некои деца имаат многу енергија и тие ќе имаат потреба од поенергични активности, некои се за потивки и посмирени …Некои семејства се поорганизирани и можат да вклопат повеќе од една активност или во некоја да учествуваат заедно со нивното дете кога е возможно…
– Има деца на кои и една активност им е премногу, а и такви што може да посетуваат и две и три активности и да уживаат притоа – вели психологот.

Борјана Јанакиева-Заева

Времето со детето – непроценливо

За да можеме да ги знаеме потребите на детето и неговите интереси, треба како родители да поминуваме време со него и, како што вели Јанакиева-Заева, да му овозможиме да ја почувствува семејната атмосфера.
– Затоа мора да има и заедничко семејно време. Само така најдобро ќе го следиме детскиот развој и точно ќе знаеме кој тип и колку активности се неопходни во неговото слободно време. Некои деца сами пројавуваат интерес за одредени активности, но кај некои е потребно да се поттикнат. Тоа е случај таму каде што детето сака и има потреба од одредена активност, меѓутоа, поради интровертност, потешко се адаптира во групата – објаснува психологот.



912

X