Дали знаете дека музиката некогаш се пренесувала преку телефонски линии со помош на огромен инструмент долг околу 18 метри? Или дека постои гудачки квартет во кој музичарите свират во четири хеликоптери? А дека во Финска се одржува светско првенство во воздушна гитара, на кое натпреварувачите свират на инструмент што всушност не постои?
Музичкиот свет е полн со необични приказни, откритија и идеи што покажуваат дека музиката нема граници. Дел од нив ќе ги откриеме во четвртата епизода на детското музичко шоу „ЈЕЕЈ!“ на „Светот на Биби“, која ќе се емитува утре, 7 ноември.
Биби, Боби, Тина и Моника повторно ги покануваат најмладите на музичко патување исполнето со игри, интересни факти и нови знаења. Овој пат децата ќе имаат можност да откријат што е динамика во музиката, дека музиката може да биде тивка, гласна или нешто помеѓу, но и како да ги препознаваат различните музички стилови. Преку забавниот квиз на Биби ќе ги запознаат валцерот, џезот, операта и рокенролот.
Во рубриката „Топ-9 интересни факти“, Мони и Тина ќе ги запознаат децата со необични музички откритија од различни делови на светот. Од композиција за 100 метрономи и музички настапи во хеликоптери до стаклени пијана, воздушна гитара и оркестар со инструменти направени од рециклирани материјали – секоја приказна носи изненадување и потсетува дека музиката може да настане на најнеочекувани начини.
И во оваа епизода посебно место има македонската музичка историја. Преку рубриката „Музичко тркало“, Моника ќе го претстави Славе Димитров, композитор, пејач, аранжер и музички продуцент, кој оставил значителен белег во македонската забавна музика. Децата ќе дознаат повеќе за неговиот живот и творештво, за неговите композиции и за музиката што ја создавал за филмови, телевизиски серии и театарски претстави.
Не е најважно секое дете да стане музичар, туку да добие можност да истражува, да поставува прашања, да ги препознава звуците и да открие што го радува и инспирира. Можеби токму една необична музичка приказна ќе разбуди нов интерес, некој ритам ќе ги поттикне првите танцувачки чекори, а една песна ќе стане омилениот дел од денот.
Гледајте ја четвртата епизода на „ЈЕЕЈ!“ утре, 7 ноември.
Сите епизоди на „ЈЕЕЈ!“ можете да ги најдете на јутјуб-каналот „Светот на Биби“ и на MagentaTV. Следете го и тик-ток профилот @jeej.mkd за повеќе информации, новитети и изненадувања.