другари Прашај психолог

Ќерка ми првпат не е поканета на детски роденден. Како да ѝ објаснам дека почнуваат поделби на таа возраст?

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има скоро 9 години и првпат не е поканета на детски роденден. Ме прашуваше зошто таа не е поканета, од неколку другарчиња дознала дека тие биле. Како да ѝ објаснам дека доаѓа период кога ќе почнат поделби?

ОДГОВОР: Баш така како што и самата напишавте, растењето неизбежно носи различни поделби, избори и разочарувања. Често нам, на родителите, ни е тешко кога децата се соочуваат со непријатни ситуации и чувства, но тие се природен и важен дел од развојот.

Исто така, сосема е нормално да ни биде малку непријатно кога треба да одговориме на вакви теми. Често се прашуваме кој избор да го направиме – дали ќе ги најдеме вистинските зборови, дали ќе кажеме нешто погрешно или ќе ја зголемиме неговата болка. Но, детето нема потреба од совршени објаснувања. Многу повеќе му е потребен возрасен кој е подготвен да биде со него во тие чувства, да ги слушне и да ги разбере.

На 8-9 години врсничките односи почнуваат да стануваат посложени. Децата формираат поблиски пријателства, помали групи, понекогаш се зближуваат со едни деца повеќе отколку со другите и тоа е дел од природниот развој на социјалните односи. Па така и таа, сигурно има другарчиња со кои е поблиска, а со кој баш и не е.

Во вакви ситуации најдобро е да не брзате и да не велите „Не е ништо страшно“ или „Сигурно има некоја причина“. Наместо тоа, обидете се да разговарате. Прашајте ја како се чувствува, дали е тажна, разочарана, дали очекувала да биде поканета и што мисли за тоа што се случило.

Потоа помогнете ѝ да ги препознае и да ги именува своите чувства. Можете да кажете: „Разбирам дека си тажна и разочарана. Понекогаш е тешко кога ќе дознаеме дека други биле поканети, а ние не.“ На тој начин детето се чувствува видено и разбрано во своето искуство.

Исто така, децата многу внимателно набљудуваат како ние, возрасните, се справуваме со различни ситуации. Ако вие успеете да ја прифатите ситуацијата смирено, без вознемиреност или лутина, и таа полесно ќе научи дека ваквите искуства се дел од животот и дека можат да се поднесат.

Важно е детето да научи дека разочарувањето е чувство кое може да се издржи, а нашата задача како родители не е да ги отстраниме сите непријатни искуства, туку да му помогнеме на детето да развие капацитет да се справува со нив.

Во животот нема секогаш да бидеме избрани, поканети или прифатени од сите луѓе. Но тоа не ја одредува нашата вредност.

Децата имаат потреба да слушнат и дека не е неопходно секој да нè сака и да нè избира. Важно е да постојат луѓе (другарчиња) со кои се чувствуваме добро, прифатено и сигурно, а квалитетот на односите е многу поважен од сѐ.

Обидете се да не ја насочувате кон прашањето: „Зошто не ме поканија?“, туку кон прашањето: „Како се чувствувам во однос на тоа?“, во зависност од одговорите прашајте: „Зошто ти е важно тоа?“ На тој начин постепено ќе учи дека нејзината вредност не зависи од туѓите избори.

Доколку успее да почувствува дека може да биде тажна, разочарана или повредена, а сепак сакана и прифатена од вас, тогаш ова искуство ќе стане дел од нејзиното емоционално созревање. Таа постепено ќе учи дека непријатните чувства не се опасни, дека можат да се поднесат.

Една од најважните животни лекции што можеме да им ја пренесеме на децата е дека  во животот ќе бидат и тажни и разочарани, но ќе можат да се соочат со нив и да продолжат понатаму. 🙂

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top