Воспитување

Дали треба да го спречите малото дете кога ви кажува „НЕ“? Еве што велат психолозите

Малите деца се полни со енергија. Тие се гласни, постојано зафатени, прават хаос, ве смеат до солзи, ве фрустрираат, а истовремено се толку неодоливи и слатки што на крајот некако успевате да се справите со секојдневниот хаос.

Но, има уште една работа во која се совршени: знаат како гласно, пркосно и без компромис да си го заштитат својот став.

Кога децата првпат ќе го разберат концептот на слободна волја, го откриваат својот нов омилен збор: „НЕ!“ И иако секојдневното соочување со ова „не“ може да го исцрпи и најтрпеливиот родител, експертите потсетуваат дека ова е всушност исклучително добра вест за развојот на вашето дете.

Што вели ирскиот психотерапевт Хејли Рајс?

Ирскиот психотерапевт Хејли Рајс им објасни на своите следбеници зошто треба да сакаме малото дете да ни каже „не“, дури и кога тоа ни е најнезгодно.

Според неа, во оваа фаза се крие исклучително богато учење кое потврдува дека детето правилно минува низ развојните фази.

„Во овој период децата ја минуваат психосоцијалната фаза на автономија наспроти срам и сомнеж. Ние сакаме тие да станат автономни личности, а за да го постигнат тоа, мора да научат да кажат ‘не’“, објаснува Рајс.

Таа додава дека однесувањата што најмногу ги исцрпуваат родителите се оние што вршат најголема развојна работа. Сепак, за да не се претвори сè во постојана борба за моќ, исклучително е важно како родителот ќе одговори на тоа „не“.

Важен чекор кон независноста

Психоаналитичарот Рене Спиц, исто така, истакнува дека зад овој навидум пркосен збор се крие огромен скок во созревањето. Зборот „не“ покажува дека детето почнува појасно да го гледа светот и да ги разбира концептите како: јас сум / не сум, добро / лошо.

Со други зборови, вашето мало дете одеднаш сфаќа дека е посебна личност со сопствена волја и започнува да ја изразува својата независност на мал, но многу гласен начин.

Зошто „НЕ“ е корисно и за родителите?

Речникот на малото дете сѐ уште е многу ограничен. Нивното „не“ е само скратена верзија за сè со што во моментот не се согласуваат. Тоа е нивниот начин да кажат дека се свесни за ситуацијата, дека имаат свој глас и дека можат да се спротивстават на нешто што не им се допаѓа.

За уморните родители, ова „не“ всушност може да биде одличен сигнал, тоа ни открива што мисли и чувствува детето, многу пред да научи доволно зборови за да ни го објасни тоа со долги реченици.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top