Прашај психолог училиште

Ќерка ми има епилепсија, па девојчињата од школо директно ѝ кажаа дека не може да се дружи со нив… Како да ја советувам?

ПРАШАЊЕ: Ви пишувам затоа што од тоа што се плашев, тоа се случува. Имено, мојата ќерка е со дијагностицирана епилепсија (контролирана од одличен доктор во Србија), првите напади ги имаше уште кога беше во градинка (сите напади се во сон) и вработените одлично го прифатија тој факт, без да ја третираат поинаку од другите деца. Кога стигна во прво одделение, најнапред ја тестиравме (психолог, дефектолог и логопед) дали ја следи генерацијата и сите дадоа зелено светло, интелектуално напредува одлично, па тргна во училиште. Како родител ми беше должност да ги известам наставничките за нејзината дијагноза и тука почнаа проблемите – наставничките почнаа да ја третираат како дете со посебни потреби (да не ја оставаат да игра во двор под изговор дека ги задева другите, на паузи кога одат на цигара ја носат со нив). Пробавме со предлози од стручни лица да им докажеме и покажеме дека тоа не е добро, па накратко ситуацијата се менуваше и потоа повторно по старо. Во 3. Одделение, во второто полугодие веќе беше прелиена чашата и покренавме постапка за преместување во друго одделение. Стручниот тим на училиштето беше детално информиран и веднаш постапи по нашето барање.

Е сега следува мојот најголем страв – што ако биде одбиена, децата се сурови и тешко прифаќаат ново дете во нивната веќе оформена средина. Најпрвин изгледаше сѐ добро, новата наставничка е прекрасна, ѝ помогна да се вклопи и да тргне напред. Меѓутоа, девојчињата сѐ уште ја немаат прифатено. Пробуваме со дружење надвор од школо и ќерка ми има волја да направи сѐ за да ја прифатат. Кога се сами или само две-три девојчиња, одлично се дружат. Но кога се сите на куп, директно ѝ е кажано дека не може да се дружи со нив. Како да ја советувам? Не сакам да се враќа од училиште повредена.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и потребата да му помогнете на вашето дете. Од она што го опишувате, периодот зад вас бил доста збунувачки, наставничките повеќе реагирале на сопствениот страв и чувството на одговорност отколку на она што сте сакале да им го кажете и пренесете.

Кога ние, возрасните, сме несигурни и уплашени, често несвесно, наместо да поддржуваме, почнуваме на некој начин премногу да штитиме. Од една страна, верувам дека нивната намера била добра и сакале да ја заштитат, но со ваквата прекумерна заштита и контрола детето е прифатено и доживеано низ својата дијагноза, а не низ своите способности и развојни потенцијали, и дека првенствено е само дете. Ваквиот однос за детето е многу збунувачки бидејќи му испраќа порака дека е „различно“, иако во многу, т.е. во сите аспекти функционира како и неговите врсници, и има потреба да биде третирано како дел од групата.

Од друга страна, ме радува што новата наставничка ве разбрала и успеала да создаде средина во која вашата ќерка се чувствува сигурно. Сепак, на оваа возраст врсничките групи стануваат постабилни, со веќе формирани пријателства, улоги и непишани правила. Затоа, влегувањето на ново дете во оформена група понекогаш бара време, бидејќи децата се обидуваат да ја зачуваат својата припадност. Често дете кое индивидуално убаво се дружи со неа, пред целата група може да се однесува поинаку од страв да не ја изгуби својата позиција. Многу е важно што спомнавте дека кога е со едно или две девојчиња, односите се убави и спонтани. Тоа покажува дека вашето дете има капацитет за дружење и создавање блиски односи.

Би ви предложила да продолжете со дружењата во помали групи. Ако има едно девојче со кое се чувствува пријатно и сигурно, тоа може да биде нејзината „врска“ преку која постепено ќе се поврзува и со другите деца, само ќе биде потребно време.

Препознавајте ги и рефлектирајте ги нејзините чувства: „Знам дека ти е тешко кога ќе ти кажат дека не можеш да играш со нив“. Наместо фокусот да биде постојано на „вклучување во групата“, пробајте да разговарате за неа: „Што ти беше убаво денес?“ „Дали случи нешто интересно?“ „Што те насмеа?“ итн. Бидејќи во овој период детето тешко разбира дека исклучувањето можеби нема врска со неа лично, туку со внатрешната динамика и несигурностите на самата група, помогнете ѝ да го стекне и тој увид: „Знаеш, често децата имаат свои причини, свои стравови, кои воопшто не зборуваат за тоа каква си ти. Веројатно ќе биде потребно време“.

Развојот на детето не се однесува само на интелектуалниот напредок, туку и на способноста за создавање односи, поднесување на фрустрацијата и постепено градење на независноста. Она со што таа сега се соочува е важен дел од социјалниот развој, а тоа е да научи дека одбивањето боли, но не ја одредува нејзината вредност и сликата за себе, т.е. преку вас да го гради својот капацитет за поднесување фрустрација.

Бидете внимателни таа да не почувствува дека „мора“ постојано да се докажува или да прави нешто повеќе од другите за да биде прифатена. Колку повеќе детето се обидува да се приспособи на начин кој не е природен за него, толку повеќе може да добие чувство дека такво какво што е не е доволно. Во однос на групата, децата често полесно се поврзуваат кога имаат нешто заедничко, некоја игра, интерес, хоби или заедничка активност. Ако е можно, размислете и за некоја активност надвор од училиштето, спорт или нешто што ѝ е интересно, а каде што ќе гради нови пријателства.

Разговарајте и со новата наставничка за тоа дали може дискретно да поттикнува заеднички активности во помали групи во кои таа природно би се вклопила, без тоа да се истакнува.

Знаете, децата се многу поотпорни отколку што мислиме, особено кога дома имаат стабилна и сигурна база каде што можат слободно да ги искажат чувствата, без да бидат осудувани. Вие веќе тоа ѝ го давате. За жал, како родители, не можеме да спречиме детето никогаш да не се почувствува разочарано, одбиено или пак повредено, но фактот дека таа се труди, сама бара начини да се вклопи и убаво се дружи во помали групи, се знаци дека социјално е добро опремена, само во моментов се наоѓа во тешка групна ситуација која со време, нови искуства и односи може да се промени.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top