Од моментот кога ќе се роди бебето повеќето родители со нетрпение очекуваат да прооди. Толку често можеме да слушнеме коментари од типот: „Само да прооди, другото не е важно“. Поради овие неразумни потреби, прават сè за тоа да се случи што побрзо. Во тоа им помагаат бабите, дедовците и другите роднини со тврдењата како тие прооделе многу рано, многу пред првиот роденден или непрестајно го споредуваат детето со некои други деца што веќе проодиле…

Производителите на опрема за деца со помош на реклами, а без критичко учество од стручни лица, ги поткрепуваат овие заложби со разни помагала кои, за жал, му носат на детето многу повеќе штета отколку корист. Пред сè, тука спаѓаат проодувалките со тркалца, направи кои не само што нема да му помогнат на детето да прооди, туку во многу аспекти негативно ќе влијаат врз неговиот психомоторен развој. Дека се точни овие тврдења покажуваат истражувањата кои во некои земји како, на пример, Канада довеле до забрана за производство, увоз и рекламирање на проодувалки.

Прераното поставување на детето во исправена положба е бескорисно и може да биде опасно. Стапалата на бебињата не се целосно развиени по раѓањето; меките ’рскавици наместо коски и мускули кои допрва се формираат, може да се оштетат и да се искриват, нешто што се случува при прерано поставување на нозе и форсирање да оди. Поради недоволна цврстина, може да дојде до деформитети на стапалата и на колената, а под тежината на телото, потколеницата се криви, што на крајот доведува до деформитети на ’рбетниот столб.

Негативни последици од користењето проодувалка

Со користењето направи како проодувалки или скокалки го лишуваме детето од неопходното искуство низ кое треба да помине во процесот на проодување. Детето мора да научи само да се исправа и во таа положба да го совлада одржувањето рамнотежа.
Децата што извесно време поминале во проодувалки, кога ќе проодат често пати паѓаат поради губење рамнотежа и имаат тешкотии при станувањето. Ако притоа не поминале низ фазата ползење, проблем ќе биде и совладувањето пречки, ќе запнуваат на рабовите и праговите и најчесто ќе паѓаат на глава затоа што не научиле да паѓаат на рацете.

Овие се очигледните последици и проблеми со кои ќе се среќаваат родителите на деца што користеле направи за помош при одењето, но нивната штетност е многу поголема затоа што кај детето го разбиваат природниот нагон за движење, што пак го попречува психомоторниот развој. Некои истражувања во Америка покажале дека децата што користеле проодувалка со голем послужавник на кој си играле со играчки подоцна почнуваат да брборат, да седат, да одат и се потрапави од децата што не користеле проодувалка.

Ако во проодувалка ставите бебе од 6 месеци, тоа ќе се потпира на подлогата со врвовите на прстите, со испружени колена (здраво дете ги испружува колената дури на седум месеци), што ќе има негативни последици врз моторниот развој. Ако и понатаму продолжи да се користи проодувалка, ќе се формира погрешна шема на одот. Истовремено ќе изостане спонтаното движење во страна, на цврста и рамна подлога (најдобро на подот), што овозможува нормален развој на движењето.

Пред одењето…

Движењата што ги прави бебето при свртувањето се од голема важност затоа што претставуваат елементи на одот. Ако ги погледнеме фазите на ова сложено движење кога детето ќе се најде легнато на колкот со подигната глава во воздух, потпрено на рамената и на испружената нога, тоа одговара на потпирањето при одот, додека горната рака му е испружена кон другата страна, а горната нога свиткана како да се движи нанапред, така што изгледа како детето да чекори.

Во осмиот месец ќе научи да се свртува од стомакот на грбот, со што целосно ќе го извежба автоматизмот на чекорењето. Истовремено, преку свртувањето од грбот на стомакот и обратно се активираат сите мускули што учествуваат во одот, односно се зајакнуваат, што е неопходно за стабилна, исправена положба. Дури откако во лежечка положба ќе ги совлада сите елементи се потребни за исправен став, бебето ќе почне да се подигнува.

Кога би требало да прооди детето?

Не постои точно одредено време кога треба да прооди детето, тоа најчесто се случува меѓу 14. и 16. месец, со толеранција и до 4 месеци, што значи дека сè е во ред ако детето почне самостојно да оди на 10 месеци, а исто така и ако прооди во 21. месец.
Секое дете има свој ритам на созревање кој треба да се почитува и треба да му се помогне успешно да ги совлада сите фази од развојот на моториката. Детето ќе прооди кога доволно ќе созрее и ќе ги извежба сите неопходни елементи на самостоен од, исправување од клечечка положба, одење со придржување, најпрвин нога покрај нога, потоа нога пред нога, одржување рамнотежа со префрлување на тежината и на крајот на рамнотежа напред-назад. Постепено ќе ја намалува површината на потпирање и тетеравиот од полека ќе се губи, детето ќе почне да ги спушта рацете долу и сè повеќе да оди како возрасните. Кога ќе направи осум самостојни чекори, може да се рече дека проодело. Сето ова трае и по неколку месеци, но родителите мора да бидат трпеливи, особено бабите и дедовците, кои често го водат детето држејќи го за рацете подигнати високо во воздухот. Тоа не само што го нарушува нормалниот од, туку може да доведе и до претерано истегнување на зглобовите на рамената и лактите (а многу често и до болки во грбот кај оној што го води детето).

Родителите главно не се запознаени со нормалниот развој на моториката кај детето и нејзините законитости, па често грешат така што ги доведуваат децата во положби за кои тие не се подготвени. Затоа е неопходно да се посоветувате со физиотерапевт кој преку избрана програма со вежби ќе ве упати во насока на правилен моторен развој.

Прерано седење исто така е штетно

Покрај прераното поставување на нозе, и поставувањето во седечка положба на 6 месеци, па и порано, е штетно. Често по вториот ултразвучен преглед на колковите, кога тие се во ред, лекарот кажува дека детето може да седи. Тоа главно значи дека седењето е дозволено што се однесува до колковите, но никако не е добро поради ’рбетниот столб. На крајот од 5. месец бебето „седи“ во лежечка положба на грбот, набљудувајќи ги стапалата и допирајќи ги бедрата. На овој начин ги тренира мускулите кои подоцна ќе одржуваат исправена седечка положба. Ако тогаш го ставите да седи, тоа би било со свиткан грб. На крајот од 6. месец, ги допира стапалата и си игра со нив, така што поставувањето во седечка положба би го преоптоварило ’рбетниот столб и би довело до стегање во слабинскиот дел од ’рбетот, што подоцна веќе не може да се поправи. Преку страничното исправување кон крајот на 8. и 9. месец, и седењето накосо од четириножна положба, детето ќе седи настрана кон крајот на 10. месец кога ќе биде вистинско време за тоа. Децата што ползат накратко се задржуваат во седечка положба затоа што имаат голема потреба за движење.
Доколку детето помало од шест месеци со минимална помош доаѓа во седечка положба или се исправува во стоечка, секако треба да се консултира детски физијатар кој ќе ја утврди причината за тоа и ќе препорача соодветен физикален третман. Истовремено, во никој случај не треба да се форсираат овие движења и положби. Со оставањето на детето на подот без можност да се исправи со наша помош или со помош на мебелот, ќе го спречиме да го прави тоа и истовремено ќе му овозможиме развој на движењето во положба на стомак што очигледно му недостига.

Сè во свое време…

За детето да може непречено да се развива, никако не треба да му се наметнуваат принудни положби за кои не е подготвено, ниту треба прерано да се стимулира на активности за кои не е зрело. За тоа постојат одредени  рамки, но не треба да се грижите ако вашето дете не се вклопува во нив, важно е да помине низ сите фази од развојот по утврдениот редослед. Најпрвин треба да се сврти од грбот на стомакот, па потоа обратно, да заземе четириножна положба и да ползи, па од таа положба да седне, да се исправи во стоечка положба, па да ги направи првите чекори. Со нарушување на овој редослед или со прескокнување на фазите може да се предизвика сериозно функционално нарушување во развојот. Со оглед на тоа што ова е период на интензивен развој на мозокот и целокупниот организам, многу нарушувања ќе поминат незабележано, но ќе се манифестираат подоцна, главно во училишната возраст, во вид на разни тешкотии во учењето и совладувањето на материјалот или во возрасната доба кога ќе се јават проблеми во коскено-мускулниот систем или работата на внатрешните органи.

Вистинското време за да ги купите првите обувки за одење е кога детето самостојно ќе почне да ги прави првите чекори. Тие се еднакво важни за правилен од како и сите подготвителни фази. Пред сè, треба да се потпираат скочните зглобови кои сè уште не се доволно цврсти. Обувките што не го обезбедуваат тоа може да доведат до деформитети на стапалата и неправилен од што подоцна тешко се коригира. Како што одот станува посигурен, така постепено станува автоматизиран, односно се создава шема на одот во мозокот што се активира секојпат кога ќе посакаме да дојдеме до нешто. Начинот на одење останува за целиот живот, а колку е посебен за секој од нас се гледа кога некого оддалеку ќе го препознаеме по одот пред да му го видиме ликот.

Дали одот на вашето дете ќе биде трапав, нескладен или со урамнотежени и координирани движења, во голема мера зависи од тоа дали е развиен присилно со многу мака и нервирање од ваша страна и од страна на вашето дете или спонтано, со сите потребни елементи.

Автор на текстот: Центар за корективна гимнастика во Белград.

 



912

X