Хемоглобин – клучна состојка на црвените крвни зрнца (еритроцити). Хемоглобинот е „крвен пигмент“ бидејќи ја дава црвената боја на еритроцитите. Многу е важен поради една од најважните работи во организмот – го пренесува кислородот од белите дробови до сите делови на телото, а носи јаглероден диоксид (од ткивата) до белите дробови.

А спанаќот?

Една од најчестите заблуди е дека спанаќот содржи многу железо. Тоа, за жал, не е точно. Кога познатиот хемичар Ерих фон Волф од Германија во 1870 година ја одредувал количината на железо во различни растенија, по грешка напишал дека спанаќот има десет пати повеќе железо. Згрешил една децимала, но тоа е релативно брзо поправено, па веднаш се дознало дека спанаќот и не е баш добар извор на железо.

Кои се нормалните вредности?

Тука настанува проблем. Кај децата вредноста на хемоглобинот зависи од возраста и затоа секогаш треба да има референтни вредности за деца. Секоја подобра лабораторија ги има овие вредности, а ако ги нема, побарајте ги. Огромни се разликите во однос на возрасните, па често се јавува страв без причина. Кога бебињата се во прашање, околу шестиот месец, доаѓа до очекуван пад на хемоглобинот бидејќи се трошат сите резерви на железо во црниот дроб на бебето. Тоа се нарекува физиолошка анемија, која не е болест и не се лекува, туку постепено се зголемува со внесување природно железо. Голем број педијатри сметаат дека кога вредноста на хемоглобинот кај бебињата од 6 до 10 месеци не е под 100, нема потреба за лекување.

Што да се прави кога вредноста на хемоглобинот е намалена?

Анемијата, или слабокрвноста е последица на недоволна количина на железо. Лекување е потребно ако вредностите се под долната граница за возраста, но и кога други параметри на крвната слика се нарушени.

Педијатарот носи одлука за терапијата по прегледот на детето и увидот во анализите. Така, без преглед нема ниту поставување дијагноза, а и терапијата не се одредува само врз основа на резултатите од крвната слика. Кога вредностите на хемоглобинот се на долната граница (или близу долната граница), треба да се преземат активности за природно внесување железо (месо, жолчки). Не треба да се брза со препарати од железо. Потребно е да се ограничи внесувањето на кравјо млеко (максимум 400 милилитри на ден во втората година од животот), а да се промовира доењето, бидејќи мајчиното млеко е скапоцена помош при ресорпција на железото од цревата.

На крајот, здравата и балансирана исхрана на детето ќе му обезбеди доволно железо, но и други состојки што се потребни за развој и раст. Со тоа ќе се спречи и појавата на анемија.

Автор: Горан Вукомановиќ, педијатар



912

X