Вербалната злоупотреба во детството е проучувана во студија која неодамна беше објавена во списанието „Злоупотреба на деца и занемарување“.
Вербалната злоупотреба во детството е споредлива со физичката и сексуалната злоупотреба
Во текот на изминатите неколку децении истражувачите ги потврдија негативните доживотни ефекти од малтретирањето на децата, врз однесувањето, социјалното, менталното и физичкото здравје. Малтретирањето е широко категоризирано во 4 поттипа, вклучувајќи физичка, емоционална и сексуална злоупотреба, како и занемарување. Распространетоста на емоционалната злоупотреба во детството се зголемува, особено вербалната злоупотреба од страна на возрасните, а тука спаѓаат викањето, омаловажувањето и заканите. И покрај тоа што штетата е споредлива со физичка и сексуална злоупотреба, вербалната злоупотреба добива помалку признание.
Постојните докази укажуваат на поголема преваленција на емоционалната злоупотреба од другите видови. Неколку фактори може да придонесат за оваа повисока преваленција, вклучувајќи ги широчината на дефинициите за емоционална злоупотреба, потенцијалот за вербалната злоупотреба да ги замени физичките форми поради превентивни интервенции, недостигот на точни форензички процени и различните културни норми. Затоа, потребни се дополнителни истражувања за прецизно дефинирање, категоризирање и решавање на растечката преваленција на вербалната злоупотреба во детството, како специфична форма на малтретирање.
Вербалната злоупотреба во детството носи ризик од гнев, депресија, злоупотреба на супстанции, самоповредување и дебелина
За луѓето што доживеале викање или закани во текот на детството, дури и од негувателки или наставници кои не се родители, ефектите од вербалната злоупотреба може да продолжат и во зрелата возраст и се поврзани со зголемен ризик од гнев, депресија, злоупотреба на супстанции, дебелина и целокупно – штета.
Студијата, исто така, покажала дека родителите се одговорни за поголемиот дел од вербалната злоупотреба во детството. Прегледот на истражувањето покажал дека главни сторители на вербална злоупотреба во детството се родителите (76,5 проценти), другите возрасни старатели во домот (2,4 проценти) и наставниците (12,71 проценти). На списокот со „злоупотребувачи“ се нашле и тренерите и полицијата (по 0,6 отсто).
Менталниот стрес е честа последица на вербалната тортура врз децата
Иако вербалната злоупотреба често се минимизира, без разлика дали од сторителот, жртвата или и двете – штетата што може да ја предизвика е значајна.
„Влијанието на вербалната злоупотреба во детството се гледа кај децата и адолесцентите, а доколку не се лекува, може да се пренесе и во зрелоста и да влијае врз менталното и физичкото здравје. И во истражувањето и според моето искуство, тоа може да доведе до цела низа различни состојби, вклучувајќи посттрауматско стресно растројство (ПТСН), депресија, зголемен ризик од злоупотреба на супстанции и самоубиствени мисли – така што има многу значајни последици“, вели д-р Хилит Клетер, психијатар од „Стенфорд Медисин чилдренс хелт“ и забележува дека во центрите за закрепнување од злоупотреба на супстанции често слуша од советниците дека вербалната злоупотреба во детството е доминантна причина.

-Ова може да се манифестира како ментален стрес, нарушувања со употреба на супстанции и проблеми во нашиот однос со другите. Треба да обезбедиме поддршка, грижа и емпатија за оние што сѐ уште се борат“ – вели д-р Клетер.
Вербалното малтретирање треба да се проучува како посебна форма на злоупотреба
Поради неговите непосредни и долгорочни ефекти, вербалната злоупотреба во детството треба да се гледа и проучува како независна форма на малтретирање, се наведува во студијата. Оваа промена може да обезбеди насочена превенција и да одговори на трајната штета што зборовите можат да ја предизвикаат, веруваат авторите на студијата.
„Јасно е дека вербалната злоупотреба во детството од страна на возрасните има непосредно влијание, оставајќи ги децата да се чувствуваат несакано, напуштено и понижено, што потоа се протега во текот на целиот животен век и понатаму води до депресија, анксиозност и самоубиство“, вели д-р Шанта Дубе, главен автор на студијата и додава дека овој „скриен проблем“ може да доведе до мноштво проблеми во зрелоста и мора да биде на радарот.