Секој родител посакува да го види своето дете како напредува успешно во спортот, и тоа во најдобра форма што може да биде. Родителството вклучува огромен број одговорности околу децата, а поддршката околу спортот е една од нив. Периодот на започнување индивидуални и клупски спортови е најчесто школската возраст, кога децата веќе подобро можат да одржуваат внимание и концентрација. Спортувањето е одличен начин за емоционален и социјален развој, тоа е процес низ кој децата имаат можност да искусат широк емоционален спектар: радост, веселост која може да стане и неизмерна среќа; анксиозност, загриженост, напнатост или страв; тага, потиштеност или лутина која може да кулминира и до бес.

Сите емоции треба да се уважуваат како нормални и очекувани бидејќи сите тие вршат некаква функција.
Постојат солидни начини како децата да се поттикнуваат позитивно. Некои од нив можат да бидат:

Поставувајте прашања на љубопитен и заинтересиран начин. „Која е твојата цел во овој спорт?“, „Како мислиш дека можеш да бидеш поуспешен?“ Кога тој или таа зборува, слушајте добро. Почитувајте ги одговорите, дури и ако не ви се допаѓаат. Дозволувањето на вашиот млад спортист да има свои цели и желби гради самодоверба, што е поттик да се даде најдоброто од себе.

Може и да го прашате: Како помина вежбањето? Како се чувствуваше на денешниот тренинг? – за поголеми деца или: Како ти беше на денешниот тренинг, дали беше исполнет, среќен, лут, фрустриран или тажен? – за помали деца. Бидете умерени, едно или две прашања го покажуваат вашиот интерес, додека премногу може да направат вашиот спортист да се чувствува како да го притискате.

Треба да следува пофалба за напорната работа. Секогаш имајте на ум дека пофалбата е магична и носи огромна моќ за успех. Треба да биде искажана со кажување на името на детето, со топлина, прифаќање и разбирање. Дури и да следувал неуспех, сепак, притоа детето треба да се пофали за она што било добро. Пример, можеби не дало кош, но техниката како го одминал својот соиграч била извонредна.

Доколку имате можност, вежбајте со децата во слободно време. Тоа би претставувало поминување квалитетно време со своето дете, што значи зацврстување на вашата врска, односно момент кога може да го/ја пофалувате за неговата/нејзината трудољубивост, посветеност и посебност. Ова води кон подобрување на нивните перформанси и самодовербата.

Присуствувајте на што повеќе тренинзи и натпревари. Вашата поддршка е влијателна за играта на младите спортисти, за тие да можат да се надминуваат себеси. Запомнете дека вие сте нивен „дополнителен личен сојузник“. Натпреварите се моменти кога целиот макотрпен труд треба да се круниса. А, секако, валидизацијата првенствено треба да дојде од најблиските.
Не дозволувајте вашата анксиозност или личните неостварени желби да бидат двигател за вашиот млад спортист. Тоа ќе го мотивира детето да настапи само за да ве направи среќни и ќе тренира само со цел да ве задоволи, а не за лично самоостварување.

Детството е период на развој на љубовта кон спортот. Таа кај многу деца претставува непоколеблива страст, неизмерна желба и врвно уживање. Тоа е момент кога децата учат како да ги слават успесите и да се акомодираат на неуспесите, а тоа е непроценливно вредно искуство кое ќе го применуваат и на други полиња во животот.

Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог, системски семеен советник
Психолошки центар „Алтернатива“



912

X