Детскиот мозок не е минијатурна верзија на мозок од возрасен човек. Тоа е мозок во изградба, а на неговата изградба во голема мера влијаат односите со другите луѓе. Флексибилноста на мозокот, односно способноста за создавање нови или губиток на стари врски, под влијание на нови искуства – се нарекува пластичност. Иако мозокот целиот живот останува пластичен, во детството е најотворен за нови искуства. Врз основа на долгогодишно истражување во областа на неврологијата и психологијата, психологот Лиса Фелдман Барет од „Харвард“, авторка на книгата „Седум и пол поуки за мозокот“, на родителите им ги советува овие 7 работи ако сакаат да одгледаат дете како ментално флексибилна личност:

Бидете градинар, а не столар!

Столарите го резбаат дрвото во обликот што го сакаат. Градинарите им помагаат на растенијата самостојно да растат и да создадат плод. На ист начин родителите можат да го обликуваат своето дете, на пример, во концертен виолинист. Од друга страна, пак, родителот може да му овозможи на детето опкружување кое го поттикнува неговиот здрав развој во насока за која самото дете ќе одлучи. Да земеме за пример родител кој сака неговото дете еден ден да свири на виолина во симфониски оркестар. Ако го присили на часови по виолина (столарски пристап), можеби од него ќе создаде виртуоз, но може да се случи детето на крајот да почне да ја доживува музиката како непријатна обврска. Подобро е да се употреби градинарскиот пристап и да му предложат на детето различни музички можности и така да се побуди неговиот интерес за музика. Сака ли вашето дете да лупа по тенџериња и тавчиња? Можеби еден ден ќе биде тапанар во бенд. Кога ќе сфатите какво растение одгледувате, можете да му ја „приспособите почвата“ за да пушти свој корен и да цвета.

Многу разговарајте со детето и читајте му

Истражувањата покажуваат дека мозокот на децата стари само неколку месеци препознава зборови кои децата ги слушнале иако не го разбираат нивното значење. Колку повеќе зборови слушаат децата, толку е поголем ефектот. Ќе имаат побогат речник и подобро ќе ја разбираат содржината на книгата што им ја читате. Научете го детето на зборовите за чувства, на пример, тага, среќа, фрустрација… Колку повеќе знаење има, толку пофлексибилно ќе се однесува. Ако со децата разговарате за емоциите, кај нив развивате свест за нивната емоционална состојба, желби, потреби, мотиви и слично. Овој совет преточете го во дело така што со децата ќе разговарате за чувствата на другите луѓе. Зборувајте за тоа што ги предизвикува емоциите и како тие може да влијаат врз некого. На пример: „Го гледаш ова момче што плаче? Тој чувствува болка бидејќи паднало и го изгребало коленото. Тажно е и веројатно сака да го прегрнат родителите“.

Објаснувајте што е можно повеќе

За родителот може да биде исцрпувачко кога детето непрестајно го прашува: „Зошто?“, но кога нешто ќе му објасните, сте му прикажале нешто ново и непознато и тоа сте го направиле предвидливо. Мозокот дејствува ефективно кога добро предвидува. Избегнувајте на „Зошто?“ да одговорите со: „Затоа што така велам јас“. Децата што ги разбираат причините на вашето однесување можат поефикасно да ги регулираат своите постапки. Ако сè што разбираат е дека не смеат да ги изедат сите слатки бидејќи така им рекла фигурата на авторитет и затоа што ќе имаат проблеми, кога вие нема да бидете во близина, детето ќе се однесува точно така како што не сакате. Многу е подобро ако детето сфати дека не смее да ги изеде сите слатки бидејќи веќе нема да има слатки. Таквото образложение им помага да ги сфатат последиците од своите постапки и ја поттикнува нивната емпатија.

Опишете ја активноста, а не личноста

Кога вашиот син ќе ја удри сестра си по глава, немојте да му кажете: „Ти си лошо момче“. Кажете му: „Престани да ја удираш сестра ти. Тоа ја боли и ќе се чувствува лошо. Кажи ѝ дека ти е жал“. И за ситуацијата кога сакате да го пофалите детето важи истото. Не нарекувајте ја својата ќерка „добра девојка“. Наместо тоа, коментирајте ги нејзините постапки: „Добро одлучи што не му го врати ударот на брат ти“. Таквиот редослед на зборови ќе ѝ помогне да изгради покорисни концепти за своите постапки и за самата себе. Исто така, кога му читате на детето некоја приказна и ќе дојдете до делот во кој никој не ја зборува вистината, немојте да му кажете: „Тој е лажго“. Така испраќате порака за ликот од приказната дека е лош. Наместо тоа, опишете ја постапката и кажете: „Не ја кажа вистината“. Потоа прашајте го детето што мисли, зошто ликот го направил тоа, како ќе се чувствуваат другите луѓе ако дознаат дека не ја кажал вистината, треба ли да му се прости и слично. Со тоа ја поттикнувате детската љубопитност, а не носите самите заклучоци, па ја моделирате флексибилноста на неговиот мозок, што подоцна навистина ќе му се најде во животни ситуации.

Помогнете му на детето да ве копира

Дали сте забележале како некои работи детето може да ги претвори во игра, на пример, чистење на домот? Децата природно учат копирајќи ги возрасните. Тоа е ефикасен начин на учење и на детето му дава чувство на вештина. Набавете му на детето малечка метла, мало лопатче за во градина или играчка-косилка и дозволете му да ве копира. Секогаш внимавајте што зборувате и што правите. Малите деца секогаш ќе ве копираат, и тогаш кога не треба.

Овозможете им на децата да контактираат со што повеќе луѓе

Покрај лицата од семејството и од непосредната околина со кои децата редовно се дружат – баби, дедовци, тетки, чичковци и нивните пријатели од градинка – обидете се да ги доведете во контакт со што поголем број луѓе, особено кога се бебиња. Според истражување, бебињата што редовно комуницираат со луѓе што зборуваат на различни јазици, во иднина многу полесно го совладуваат учењето на странски јазици. Слично на тоа, бебињата што гледаат мноштво различни лица може да се поврзат со нив за подобро да разликуваат и да запомнат поголем број лица во подоцнежниот живот. Ова би можело да биде наједноставниот чекор против расизам кој можете да го преземете како родител.

Поддржувајте ја нивната активност

Децата сакаат сами да пробуваат работи без ваша помош, како на пример облекување или составување сложувалки. Тоа е добро. За да го поттикнете развојот на чувство за важност кај детето, дозволете му самото да се облече и пофалете го за тоа. Дури и постапките што изгледаат како лошо однесување може да бидат обиди на детето да сфати на кој начин тоа влијае врз светот околу него. Кога вашето двегодишно ангелче по подот расфрла житарици и чека вие да ги соберете, тоа манипулира со вас – така барем се мисли. Поверојатно е дека детето се обидува да го сфати законот за гравитација и на кој начин неговите постапки влијаат врз светот околу него. Затоа соберете ги житариците и пуштете го да се обиде повторно. Да се знае кога да се реагира и да се направи нешто наместо детето, а кога да се пушти тоа да го направи самото, за секој родител е голем предизвик. Ако секогаш сте присутни и се грижите за сите потреби за вашето дете, тоа исто така не е добро. На децата треба да им се дозволи некои работи да научат сами да ги прават. На тој начин им помагате да ги сфатат последиците од своите дела.

Автор: Ивана Калоѓера

Извор



912

X