Кога температурите паѓаат, родителите почнуваат да се грижат и сè поретко ги водат децата надвор на воздух. Загриженоста е поврзана со стравот од детските болести, па најчесто есенските денови ги поминуваат во затворен простор пред телевизорот или со таблетот в рака, а всушност би требало да бидат надвор исто како и во текот на топлиот период. Студеното време ја ограничува должината на престојот на воздух, но нас не би требало тоа да нè ограничува во прошетките и игрите. За детето нема поубаво доживување од скокање по вирчиња, тркалање во лисја и игри на снег. Играта на свеж воздух има голема важност во поттикнувањето на целокупниот развој на децата.

Престојот на воздух го јакне имунитетот на децата

Ако децата поминуваат повеќе време на свеж воздух, општо ќе бидат поздрави бидејќи секојдневно се во контакт со различни бактерии, животни, со земјата и песокот. Тоа е природен начин на функционирање на организмот во природата, па затоа детето најверојатно ќе има поголема отпорност на автоимуни болести и алергии. Бактериите и вирусите се размножуваат на повисоки температури, додека ниските температури ги убиваат. Престојот надвор во текот на студеното време на детето ќе му овозможи во своето тело да внесе големи количини свеж воздух. Тој свеж воздух поволно ќе влијае врз дишните патишта, нервниот систем, а крвотокот подобро ќе работи.

Престојот на воздух го јакне телото на детето и го поттикнува моторичкиот развој

Детето секогаш има потреба за движење. Трчањето и скокањето по станот и креветот често не се добра опција за ослободување на вишокот енергија, па затоа детето треба да се изведе надвор за да трча, да падне, да се лула и да скока, да се врти и да истражува. Кога ќе падне снег, нека се санка, нека се тркала во снегот, нека си игра со снежни топки, бидејќи снегот и така е како создаден за нив. Сите овие активности ќе придонесат за моторичкиот развој и јакнењето на телото и мускулите, а со самото тоа ќе влијаат и врз останатите полиња на развој.

Престојот на воздух влијае врз когнитивниот развој, логичкото размислување, имагинацијата и креативноста

Не е доволно само да му се зборува на детето за есента или зимата и да му се покажуваат слики. Најдобар начин за учење е од сопственото искуство. Трчањето на ветер, собирањето лисја, крцкањето на снегот, скокањето во вирчиња – сето тоа кај детето создава радост и среќа. Учењето на причинско-последичните врски се случува веднаш, а детето има можност да ја набљудува природата и промените во неа на самото место.

Облекувајте ги децата согласно временските услови

Само затоа што е студено не значи дека детето треба да има хулахопки, термален џемпер, зимска јакна и волнена марама. Облечете го така како што сте се облекле себеси за одредена температура. Децата на воздух не се статични, тие трчаат, се вртат, скокаат, а притоа нивното тело се загрева и се потат, а обравчињата им руменеат. Дозволете им на децата да бидат деца, нека си играат, нека се веселат и нека уживаат во секоја секунда од играта, без разлика дали има сонце, паѓа дожд или снег или можеби дува ветер.

Автор: Сања Хајсек/магистер за рано и претшколско воспитување

Извор



912

X