Не се случува секој ден да видите тинејџерка во шоуто на Еј-би-си – „Шарк тенк“, во кое истакнати инвеститори и милионери одлучуваат која бизнис-идеја ја заслужува нивната финансиска поддршка.

– Секогаш сакам да гледам дете-претприемач во шоуто. Предност е да се започне сопствен бизнис кога сте млади. Немате што да изгубите и нема каде да одите освен само нагоре – напишала на „Твитер“ инвеститорката Барбара Коркоран во текот на епизодата.

Таа мислела на 13-годишната Софи Овертон, која на инвеститорите им ја претставила својата компанија за „чорапи со џебови“ – „Вајс пакет продуктс“.

– Создадов чорап за деца за да го олеснам животот за што и да правиме. „Вајс пакет“ изработува долги и кратки чорапи со џебови за држење на телефонот и на другите уреди, а со секое купување се донира во детските сиропиталишта низ земјата – вели Овертон.

– Влегов во тој бизнис кога имав 11 години – рекла Овертон, напоменувајќи им на инвеститорите дека гледа „Шарк тенк“ од својата шеста година. – Мојата братучетка го стави телефонот во својата чизма. Се обидов и јас и беше навистина непријатно. Се распрашував во моето училиште да видам дали и другите деца го имаат овој проблем и дали се снашле, па го смислив својот прототип – додава таа.

Овертон, која живее во Бетонвил, Арканзас, навистина ги импресионирала инвеститорите кога објаснила како го финансира својот бизнис. – Го штедам сето она што го заработувам. Вложив 10 илјади долари сопствени пари. Заштедив пет илјади долари и заработив уште пет на бизнис-терени и натпревари – раскажува Овертон.

фото: Еј-би-си/ Ерик МекКендлс

– Софи, ти си совршен пример за она што секое дете-претприемач би требало да го работи. Си добила работа, си заштедила пари, сама си ги направила сите прототипи, потоа си направила реални производи, потоа си ги продавала тие производи – производи вредни 16 илјади долари – рекол Марк Кјубан.

Иако трошоците од изработката на чорапите се високи, 5,47 долари, морските кучиња и понатаму би биле заинтересирани за инвестирање во бизнисот. „Морски кучиња“ се Лори Грејнер и Дејмонд Џон, кои ѝ понудиле на тинејџерката 30 илјади долари за 33,3 отсто удел во бизнисот. Но, таа побарала 35 илјади долари за 25 отсто удел. Грејнер и Џон прифатиле. Тие рекле дека нивната крајна цел ќе биде лиценцирање на чорапите, но во меѓувреме бизнисот на тинејџерката е повеќе од обична заработка.

– Одењето во средно училиште е стресно. Но производите на „Вајс покет“ за мене се дополнителен поттик за самодоверба: ако можам да бидам сопственик на компанија, тогаш можам и да поминам на училиште – вели Овертон.

Автор: Тејлор Лок



912

X