Како и со повеќето други проблеми со менталното здравје, комбинацијата на генетските и еколошките фактори се смета за одговорна за развојот на анксиозноста. За нивно содејство, „најповолна“ е примарната семејна средина. Преку практика успеавме да дојдеме и до заклучок дека кај повеќето луѓе што работат на надминување на високата анксиозност, барем еден член од потесното семејство е со висока анксиозност. Анксиозноста која се пренесува од колено на колено може да го промени својот облик – ако мајката, на пример, има социјална анксиозност, не мора да значи дека и детето ќе се соочи со тој тип анксиозност. Може, на пример, да развие паника или некои други состојби од спектарот на анксиозни нарушувања.

За дете (а подоцна и возрасен) што расте со еден или двајца родители кои имаат анксиозни нарушувања, растењето и созревањето може да бидат тешки, ограничени. На пример, детето нема да оди во правец на независност и зрелост на личноста ако родителот постојано го презема решението на неговите проблеми, за да не чувствува непријатност, и им придава премногу значење. Доколку детето дојде во конфликт со некој од неговите врсници на училиште, не е препорачливо да биде претерано загрижено и веднаш да интервенира заштитниот родител, да го алармира класниот раководител, директорот и слично за да го одбрани своето дете и да докаже дека е не е виновно. Доколку таквиот пристап на родителот се повторува од проблем до проблем, детето ќе создаде слика за себе дека не е способно да се справи со животните предизвици и дека само родителите знаат како да му ги решат проблемите. Факт е дека во повеќето случаи децата сами ќе најдат решение за конфликтот, без учество на возрасни. Значи, детето треба да знае дека секогаш може да ви се обрати за секој проблем, но и дека вие, всушност, ќе му помогнете да дојде до вистинското решение, а не да го решавате проблемот наместо него за да избегнува какви било непријатни емоции. Важно е да сфатите дека вие имате верување дека непријатните емоции се непожелни, недозволиви, неподносливи.

Исто така, ако често му кажувате на вашето дете: „Не плачи“ за да избегне тага и непријатност бидејќи нешто го мачи, детето го прифаќа ставот дека покажувањето емоции е погрешно и почнува да ги потиснува. Многу е веројатно дека во одреден момент на овој начин детето ќе развие некои од анксиозните нарушувања.

Забележливо е и дека анксиозноста кај родителите што доаѓаат на психотерапија, за да работат на модифицирање на блокирачките верувања, во повеќето случаи не е третирана и не е препознаена како вознемирувачка, како за нив така и за нивните деца. Некои од нив го гледаат тоа како позитивен дел од начинот на воспитување. На пример, мајка која поминала низ развод и неколку други навредливи партнерства, по разводот може да чувствува дека ќе ја заштити својата ќерка од тоа во иднина ако ѝ „помогне“ да сфати дека сите мажи се себични, манипулативни и сл. и дека ја подготвува за живот. Исто така, татко кој е перфекционист и премногу строг кон себе, може да верува дека „воената дисциплина“ и поставувањето највисоки можни, ригидни барања кон децата ќе ги мотивира да се развиваат во насока на одговорни, успешни и дисциплинирани луѓе кои нема да си дозволуваат какви било грешки и пропусти. Родителите на дете кое било одбиено од неколку врсници може да развијат верување дека тоа ќе се случува секогаш и секаде, а за да го „заштитат“, може да почнат да мислат дека е подобро детето да не се обидува да им се придружи, бидејќи ќе биде повредено.

Во првиот случај, всушност, постои веројатност да се развие основна недоверба кај мажите што ќе доведе до проблем во однос на создавање приврзаност, до страв од заљубување, напуштање и повреда, додека во вториот случај се јавува основен страв од грешка и неуспех. А кога ќе се случат тие настани, лицето може да почне да се доживува себеси како неуспешно, губитник и да чувствува силна вина поради изневерените очекувања. Во третиот случај, детето може да се развие во насока на личност која верува дека сите луѓе се лоши и/или дека е чуден, различен, дека секогаш ќе биде неприфатен и погрешно разбран и дека треба да се помири со тоа, што може да го доведе до асоцијалност.

Со оглед на тоа дека во срцето на анксиозноста се катастрофалните толкувања, доколку тие не се стават под контрола и отворено не му се пренесат на детето, постојат големи шанси самото дете да усвои некои од генерализираните дисфункционални верувања како што се:

„Светот е опасно место“;

„Треба да држам сè под контрола за да не се повредам бидејќи е ужасно да се биде повреден“;

„Не треба да чувствувам и покажувам тага/гнев/страв“;

„Подобро е да не ризикувам – ќе ми биде полесно да не пробам нешто отколку да направам грешка“;

„Не треба да им се верува на луѓето (или на одредена група луѓе: жени / мажи / личност од друга религија / личност од одредена професија итн.)“;

„Сè мора однапред да се планира, неизвесноста и неорганизираноста се неприфатливи“;

„Подобро да останам дома и да ја избегнам можноста нешто лошо да ми се случи.“

Ако се препознаете во некои од овие верувања – добрата вест е што тие можат успешно да се модифицираат и да се заменат со нови, функционални форми на размислување и однесување. Исто така, важно е да се фокусирате на сегашноста – на тоа што можете да направите за вашето здравје овде и сега наместо да се фокусирате на она што не било соодветно во минатото, во вашето растење. Ако, пак, се препознавате како вознемирен родител, обидете се да поработите на себе – на тој начин ќе направите најмногу за вашето дете.

Автор: м-р Анѓела Златковиќ/ педагог и советник

Извор



912

X