По деветти пат, на 12 јуни 2026 година во Скопје, ќе се реализира литературната манифестација – Фестивал на поезија за деца „Стихувалки 2026“, традиционален проект чија основна цел е поттикнување на книжевното творештво за деца и поддршка на авторите кои создаваат поезија наменета за најмладите.

На распишаниот конкурс од организаторот пристигнаа поетски творби од околу 150 афирмирани и неафирмирани автори од Македонија и од соседните држави.
По избор на жири-комисијата, 84 автори се застапени со свои песни во заедничка збирка „Стихувалки 2026“, со што фестивалот продолжува да открива нови авторски имиња и нови книжевни вредности во литературата за деца. Објавените песни континуирано беа претставувани на фејсбук-страницата „Стихувалки – поетски фестивал“, каде што и публиката имаше можност да гласа за своите фаворити.
Завршната свеченост на 9. фестивал на поезија за деца „Стихувалки 2026“ ќе се одржи на 12 јуни 2026 година (петок), со почеток во 17 часот, во Домот на културата „ Кочо Рацин“ во Скопје.
На свеченоста ќе биде промовирана збирката „Стихувалки 2026“, ќе им бидат врачени признанија на сите 84 застапени автори, а секој автор ќе добие и примерок од збирката бесплатно. Ќе бидат доделени и благодарници за сите учесници, поддржувачи и соработници.
Ќе бидат соопштени традиционалните награди за трите најдобри песни – златна, сребрена и бронзена плакета, како и две специјални награди: за најдобра песна од странски автор и специјалната награда за песна што добила најголема поддршка од публиката. Сите наградени автори ќе добијат и пригодни подароци од организаторот и поддржувачите.
Носител и организатор на проектот е издавачката куќа ЕДУКА МАК – Скопје, а автор и програмски уредник на проектот е писателката м-р Ели Маказлиева. Промотори на збирката ќе бидат членовите на жири-комисијата: проф. д-р Елизабета Бандиловска и проф. Лила Арсова.
Свеченоста ќе биде збогатена со музички точки.
(Комерцијална објава)