Специфично нарушување на училишните способности претставува еден од најчестите предизвици со кои се соочуваат учениците, наставниците и специјалните едукатори и рехабилитатори. Ова невроразвојно нарушување ги опфаќа тешкотиите во совладувањето на основните академски вештини, како читањето, пишувањето и математиката, при што детето може да има нормална или натпросечна интелигенција, но сепак се соочува со значителни пречки во образовниот процес. Многу е битно да се знае дека нарушувањата не се појавуваат затоа што детето е „глупаво“ или „мрзливо“. Почести се кај момчињата. Нарушувањата опстојуваат до одреден степен во текот на животот. Во голема мера се поврзани со проблеми во однесувањето и емоционални проблеми. Специфичното нарушување на училишните способности се класифицира како тешкотија во обработката на информации што влијае врз специфични области од учењето. Се јавува во три основни форми:

  1. Тешкотии во читањето, препознавањето зборови и разбирањето на текстот. (дислексија)
  2. Тешкотии во пишувањето, вклучувајќи правопис и моторна контрола. (дисграфија)
  3. Тешкотии во математиката, особено во разбирањето броеви, пресметување и решавање на проблеми (дискалкулија).

Овие тешкотии можат да се појават одвоено или заедно, зависно од индивидуалниот профил на детето.

Раната идентификација – клучен чекор

Еден од најважните аспекти на успешно справување е раната идентификација на симптомите како што се:

  • Задоцнување во учење на буквите и броевите.
  • Постојано правење грешки при читање, пишување или пресметување.
  • Тешкотии во разбирање инструкции или задачи.
  • Фрустрација или избегнување на училишни активности.

Раното откривање овозможува навремено вклучување на соодветни интервенции и стратегии кои ќе го олеснат учењето. Како стручно лице, специјалниот едукатор и рехабилитатор е централна фигура во процесот на поддршка на детето. Најпрво треба да се направи  дијагностика и процена – преку користење стандардизирани тестови и набљудување се утврдува во кои области детето има најголеми тешкотии. Процесот вклучува анализа на когнитивните способности, моториката и специфичните академски вештини. Врз основа на процената се креира план кој е приспособен на уникатните потреби на детето. Овој план ги вклучува методите, материјалите и техниките што најмногу ќе му помогнат. Потребна е и поддршка на наставниците и родителите, едукација на возрасните околу детето за тоа како најдобро да го поддржат во учењето и социјализацијата. Во однос на развивање стратегии за учење, специјалниот едукатор и рехабилитатор користи мултисензорни пристапи, адаптирани техники и алатки кои ќе го направат учењето поефективно и помалку стресно. Се применува мултисензорно учење: комбинирање на визуелни, аудитивни и кинестетички техники за подобро разбирање и запомнување. Приспособување на наставата, разделување на задачите, односно поделба на големите задачи на помали и лесно изводливи чекори, а ова, пак, помага во намалувањето на фрустрацијата и го зголемува чувството на успех. Може да се користат и дигитални алатки како: апликации за читање, пишување и математика, платформи како што се текстуални читачи, игри за граматика и апликации за пресметување. Децата со специфично нарушување на училишните способности често се соочуваат со ниска самодоверба, фрустрација и анксиозност поради нивните тешкотии, па затоа треба да се помогне во развивањето позитивен став кон учењето, поттикнувањето на самодовербата преку нагласување на напорите, а не само резултатите.

Потребно е да се обезбеди средина каде што детето ќе се чувствува прифатено и разбрано. Работата со деца со специфично нарушување на училишните способности е предизвик, но и можност за создавање позитивна промена. Со правилна дијагностика, индивидуализирана поддршка и соработка помеѓу сите вклучени страни, децата можат успешно да ги надминат пречките и да го постигнат својот потенцијал. Раната интервенција, трпението и вербата во способностите на детето се темелите врз кои се гради успехот. Секое дете заслужува шанса за квалитетно образование и поддршка која ќе му помогне да биде најдобрата верзија од себе.

Автор: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/ наставник-ментор/реедукатор на психомоторика



912

X