Покрај наставните материјали, она што му треба на секој што работи со деца се начини да се задржи нивното внимание и да се натераат да размислуваат. Навистина не е лесно. Затоа, веб-страницата „Зелена учионица“ разговараше со една наставничка која е веќе неколку години во пензија.

– Децата се деца. И пред 30 години и денес се раѓаат исти – чисти, љубопитни, подготвени да учат нови работи секој ден. Ние, возрасните, понекогаш може да го расипеме тоа. Забораваме дека играта е природниот начин на кој детето учи и се стремиме да ги внесеме во светот на возрасните што е можно поскоро. Љубопитноста мора да се поттикнува и негува – вели оваа искусна наставничка која сака да остане анонимна.

Таа открива како со текот на годините научила да ги поттикнува децата да размислуваат и да обрнуваат внимание на часовите.

– На почетокот, во првите години од мојата работа со деца, кога ќе го завршев часот, ќе поставев едно од оние прашања што секој наставник го поставува на крајот од часот: „Дали има прашања?“ и „Дали е сè јасно?“ На првото прашање како одговор би добила тишина, а на второто неколку не толку сигурни „Да, да…“ – вели таа.

Ова е ситуација позната на секој наставник и многумина се откажаа од обидот да извлечат прашање од децата.

– Размислував како да ги поттикнам да прашуваат и да дискутираат слободно, па дојдов до идеја. Повеќе не прашував дали е сè јасно. Наместо тоа, реков: „Марко, какво прашање имаш за денешната лекција?“, а набргу потоа, по секое предавање, избирав две деца кои ќе поставеа две прашања. Тоа не беше строга наредба, повеќе почеток на дискусија – вели наставничката.

И што добила со овој пристап?

Па, неколку работи. Прво, децата следеле повнимателно и веќе во текот на часот барале идеи за прашања што би можеле да ги постават, доколку ги повика наставникот. Второ, учениците повеќе не ги поставувале прашањата затоа што не знаеле или затоа што сите освен нив разбрале, туку затоа што наставникот го барал тоа. И трето, самодовербата и комуникациските вештини кои се развиваат на овој начин се можеби најважната придобивка од ваквите лекции.

Со текот на времето, децата почнале да поставуваат прашања и секогаш имало повеќе од две.

– Делев пофалби на секој што ќе поставеше прашање, дури и ако поставеше прашање што претходно сум го повторила неколку пати за време на предавањето. Сметам дека храброста да постават прашање, комуникациските вештини и здравата дискусија се вештини кои треба да се развијат и да им се посвети повеќе време отколку на некои лекции кои се во нашата наставна програма – заклучува оваа наставничка.

Извор



912

X