Поразителните резултати од светот покажуваат дека е мал бројот на луѓе што се информирани за проблемот на хиперактивноста и дефицитот на внимание (АДХД), како и дека мал број луѓе знаат каква е генската улога во настанокот на нарушувањето, трајноста на последиците и тешкотиите што ги носи со себе.

Исто така, постои тренд во половите разлики. Имено, татковците покажуваат повеќе незнаење за овој проблем, па постои податок дека двојно повеќе татковци сметаат дека децата со АДХД се само деца кои лошо се однесуваат. Нешто подобра ситуација за информираноста на нарушувањето се наоѓа во примерокот на наставници и предавачи, иако и нивната бројка не е на завидно ниво.

Слабата информираност е идеална подлога за јавување на проблемот на стереотипизација и стигматизација на децата со оваа состојба, што значително влијае врз нивните животи. За да се придонесе за подобра информираност на јавноста и за да се избегнат можните последици, ви го претставувам дефицитот на внимание/хиперактивното нарушување преку симптомите и последиците по социјалната интеграција на децата.

Дефицитот на внимание/хиперактивното нарушување е медицински израз за развојно нарушување кое, според медицинскиот модел, се манифестира преку следните симптоми на нарушување на активностите и вниманието: хиперактивност, импулсивност и тешкотии во одржување на вниманието. Се разбира, постојат и проблеми кои се врзуваат за емоционалниот и социјалниот живот на децата и нивното академско функционирање. Специфично е тоа што овие деца немаат проблем во сите облици на вниманието, туку проблемот создава неможност на истрајување при вложување напор во одржување на оние облици на внимание кои се спроведуваат со системите на фронталниот кортекс. Од таа причина, нивните тешкотии доаѓаат до израз во неинтересни, здодевни, повторувачки задачи кои за детето не се привлечни или кои имаат минимални непосредни последици за довршување на задачата, а од детето бараат задржување на вниманието подолго време (како што е следење монотона настава или самостојно пишување домашна задача).

Вниманието дополнително им го отежнува сето она што им претставува дистракција, односно зголемена веројатност детето да реагира на надворешните дразби, кои не се врзани за задачата што треба да ја заврши. Пред претставувањето на симптомите многу е важно појавата на овие симптоми да трае најмалку шест месеци, да не биде во согласност со степенот на развој, некои симптоми да постојат пред седмата година од животот, некои оштетувања да се манифестираат во две или повеќе средини (на пример: домашна, училишна, работна), за да постојат јасни докази на значително оштетување на социјалното, академското или работното функционирање.
При утврдувањето на дијагнозата важно е да се има на ум дека во детскиот развој постојат проблеми од психолошка или здравствена природа кои можат да произведат однесувања слични на дефицитот на внимание и хиперактивно нарушување, па доколку постојат сомнежи, се препорачува посета на психолог или друго стручно лице.

Некои од класичните симптоми што Ферек (2010) ги издвојува се:

Симптоми на проблеми со внимание:

– Не посветуваат внимание на детали, поради невнимание, грешат во училишните задачи;
– Често им е тешко да го задржат вниманието при изработка на задачи или во игра;
– Често изгледа дека не слушаат кога им се обраќате;
– Често не ги следат упатствата и не ја довршуваат училишната задача и активностите;
– Често избегнуваат, не сакаат или одбиваат задачи кои бараат долг ментален напор;
– Често ги губат работите потребни за пишување задачи;
– Често се попречени од надворешните дразби;
– Често забораваат на дневните активности.

Симптоми на хиперактивност:

– Често се тресат со рацете и нозете, се вртат на стол;
– Стануваат од столот во училницата или на друго место каде што се очекува да седат на место;
– Трчаат или се качуваат во ситуации во кои тоа е несоодветно;
– Често имаат тешкотии ако треба мирно и тивко да играат или да извршуваат слободни активности;
– Често се во „погон“ или како да „ги покренува мотор“;
– Често премногу зборуваат.

Симптоми на импулсивност:

– Често даваат одговор пред да биде поставено прашањето докрај;
– Често имаат тешкотии со чекање во ред;
– Често ги прекинуваат или попречуваат другите.

Социјални проблеми на децата со АДХД:

Најголемиот дел од животот детето го поминува во училишна средина, опкружено со врсници, наставници, обврски поврзани за следење настава, учење, изработка на задачи и други училишни активности, што претставува вистински предизвик за децата со ова нарушување. Голем дел од учењето и функционирањето се одвива токму во социјална интеракција, каде што е потребен поединец како компетентна личност за да се остварат одредени задачи и резултати.

Меѓутоа, што кога во таа интеракција се наоѓа дете со АДХД? Детето многу тешко се приспособува во тие ситуации, на распоредот на активности, па тешко го поднесува и прифаќа долгиот престој во градинка или на училиште. Престојот во тој затворен простор го изморува и го заситува, му станува здодевно пред тоа да им се случи на врсниците, од самиот почеток му е многу тешко да се сконцентрира само на еден предмет, повеќе од другите ја искажува потребата за активност, а поради извонредно слабата концентрација, останатите деца го попречуваат во работата. Така многу често доживува неуспех, неговото однесување и (не)успех се критикува и се казнува. Врсниците често го избегнуваат, не го прифаќаат и го отфрлаат. Сето тоа често влијае врз сликата на детето за себеси, како и на појава на недостиг на самопочит и самодоверба.

На пример, замислете реална ситуација во која детето не може да го задржи вниманието на иста задача подолго време, не може мирно да седи кога тоа се бара од него, често ги прекинува другите во групата кога учителката, на пример, задала задача да нацртаат на голема хартија нешто заедно. Од еден страна, гледаме како врсниците го опоменуваат, го туркаат да се помести, му зборуваат дека е „безобразен“ и дека треба да се смири. Од друга страна, детето со ова нарушување не може да ги исполни нивните барања. Од трета страна, доаѓа учителката и го казнува детето со опоменување пред сите, издвојување од колективот или некоја друга казна во вид на останување во училницата додека сите одат на одмор или нешто слично. Стигмата со која се среќаваат децата со АДХД  – дека тие се „лоши, невоспитани, мрзливи“, но и дека нивните родители се „претерано попустливи и не ги воспитуваат“ е нивна секојдневна реалност.

Во што е проблемот? Ваквите особини на децата со ова нарушување може да претставуваат проблем во училишниот систем, кој не е флексибилен, не ја поддржува креативноста, туку бара дисциплина, ред и правила кои ја задушуваат детската единственост. Исто така, една од причините за неразбирање на овој проблем лежи во слабата информираност, пред сè, на наставниците, а потоа и на врсниците. Наставникот би требало да покаже високо ниво на трпение и љубов, да ги разбере нагоните на детето и да најде начин да ги канализира. Исто така, наставникот треба да создаде услови за индивидуален и близок контакт со детето, но и услови за остварување квалитетни контакти на детето со другите деца. А што е најважно, наставникот треба да го прифати детето со овие проблеми со сите негови можности, способности и да бара во него потенцијали кои може да ги покаже, а и да му помогне во тоа. Тоа се деца како и сите други, само им е потребен малку посилен ветер во грб.

Автор: Горана Вукмир



912

X