Децата што редовно учествувале во организирани спортови имаат поголема веројатност да имаат подобро ментално здравје на возраст од 12 години, што значи помалку емоционална вознемиреност, помалку срамежливост, повлекување и социјална анксиозност, покажува ново истражување.

Истражувањето спроведено на децата од Квебек најде врска помеѓу конзистентното учество во организираните спортови во детството и подоброто емоционално здравје откако детето ќе наполни 12 години.

Интуитивно, родителите знаат дека спортот е добар за нивните деца. Но, некои истражувачи од Универзитетот во Монтреал сакале да го оценат влијанието на организираниот спорт врз нивото на психолошки стрес на тинејџерите.

Организираните спортови се активности што се надгледувани од тренер, без оглед дали е тимски спорт како фудбал или индивидуален спорт како што е тенис, и кои редовно се практикуваат на возраст од 6 до 10 години.

Целта на истражувачите била да видат како редовното учество во спортот придонесува за намалување на емоционалните тешкотии, покрај другите карактеристики на децата и нивните семејства.

Резултатот? Децата што редовно учествувале во организиран спорт имале поголема веројатност да имаат подобро ментално здравје на 12 години, што значи помалку емоционална вознемиреност, помалку срамежливост, повлекување и социјална анксиозност, вели Линда Пагани, истражувач од Центарот за истражување „Сеинт Џастин“ и професорка во Школата за психоедукација на Универзитетот во Монтреал. Пагани работела на истражувањето што го предводел нејзиниот колега на Школата за психоедукација, Фредерик Бриер.

Според Пагани, децата што учествувале во организирани спортови доживеале помалку вознемиреност бидејќи вежбањето спорт ги научило на неколку вештини.

– Тие учат да бидат во тим, да слушаат инструкции, повеќе да соработуваат. Сите овие карактеристики ќе им помогнат на децата на долг рок. Децата еден ден ќе продолжат во средно образование – социјална џунгла, а подоцна и на пазарот на трудот, каде што овие квалитети ќе им бидат од голема корист – вели Пагани.

Активностите што ја развиваат соработката овозможуваат младите да развијат и други вештини, вклучувајќи ги и социјалните вештини, кои се поврзани со менталното здравје. Преку овие вештини тие учат да не се изолираат и да немаат темни мисли, дури и кога не се чувствуваат добро.

– Ова е многу важно особено во нашата „култура на екрани“. Децата поминуваат многу време пред екраните, така што им недостигаат социјални интеракции – вели Пагани. Таа додава дека ако ваквите виртуелни интеракции се незадоволувачки, може да ја доведат младата личност во круг што доаѓа со последици, вклучувајќи и социјална вознемиреност.

Истражувањето анализирало 1.490 деца родени помеѓу 1997 и 1998 година и биле следени во долгорочно истражување координирано од Институтот за статистика на Квебек. Субјектите биле набљудувани регуларно, пред да почнат со спорт и потоа. Родителот бил тој што го пријавувал учеството на детето во организирана физичка активност. Известувањето за емоционалната вознемиреност, анксиозноста, срамежливоста и социјалното повлекување од страна на 12-годишното дете го направиле нивните наставници.

Пагани вели дека истражувачите биле во можност да ги елиминираат другите позитивни или негативни променливи што би можеле да го објаснат резултатот, како што е стабилен семеен живот и трауматични настани, бидејќи децата што веќе биле анксиозни и срамежливи би избегнувале организирани спортови помеѓу 6 и 10 години.

Според Пагани, резултатите од истражувањето покажуваат дека инвестирањето во спортот е исто толку важно колку и инвестирањето во образованието на децата.

– Емоционалното приспособување при транзицијата од основно во средно училиште е особено важно за децата што се подготвуваат да влезат во пообемен, посложен универзум што бара многу од нив. Нашето истражување ги поддржува канадските препораки во областа на физичката активност кај децата – вели Бриер.



912

X