Денешното темпо на живот не им остава доволно време на родителите за да им се посветат на децата кога ќе се вратат од работа, а последица на тоа е сѐ почестата употреба на паметните уреди од страна на децата, што според експертите може да има сериозни последици.

„Многу често телефонот и таблетот стануваат извор на забава, каде што детето практично седи во една положба со очите вперени во екранот на кој се менуваат сликите. Бидејќи содржината има цел постојано да го одржува вниманието, често се случува детето да не слушне и да не реагира кога му зборувате, станува нервозно ако го исклучите телевизорот или ако му го земете мобилниот телефон, а сето тоа создава голем проблем во повеќе области, од кои едната е слабата моторика како доста честа појава“, вели прим. д-р Данијела Вукиќевиќ, физијатар на Клиниката за рехабилитација „Д-р Мирослав Зотовиќ“, во Бања Лука, БиХ.

Слаби моторички вештини

Децата имаат природна потреба за движење, истражување, комуникација и социјална интеракција, а секојдневните активности се совршена можност за правилна стимулација на психомоторниот развој на детето. Облекувањето, миењето, одењето до продавница и играњето со тесто го вклучуваат целиот потенцијал на детето, а пред сѐ контактот со очите, продолжувањето на вниманието, користењето на рацете и движењето. „На пример, игрите со топка се одлични и за развој на моторичките вештини кај децата. Прво вежбајте со детето да фрла и да фаќа поголема топка од непосредна близина, а потоа кога детето ќе го совлада тоа, преминете на помала топка и сѐ поголема оддалеченост од која се фрла и фаќа. Удирањето на топката од поголема до помала скала, исто така, го поттикнува развојот на рамнотежа, брзина, умешност, координација и визуомоторна перцепција, што подоцна има влијание врз развојот на вниманието, графомоторните и повисоките когнитивни вештини“, вели д-р Вукиќевиќ.

Таа советува и што почесто одење на нерамен терен со различни падини бидејќи така се зајакнува мускулатурата на целото тело, а тоа ќе влијае врз положбата на стапалата во периодот од три до шест години.

Рамни стапала

Децата до три години имаат дебела подлога на стапалата што остава впечаток дека се рамни. Затоа не се препорачува децата веднаш да носат ортопедски влошки или специјално изработени обувки кои би имале цел да го спречат деформитетот на стапалото, бидејќи природата им доделила значајна улога. А тоа е ослободување на вишокот топлина, поради што детските стапала се често влажни и му даваат информации на мозокот за квалитетот на површината – рапава, мека, лизгава или влажна површина, со што се зафаќа мускулатурата на целото тело и стапалото ја зајакнува својата структура. Важно е да се нагласи дека носењето ортопедски влошки и чевли е пасивна потпора која не го поттикнува развојот и зајакнувањето на мускулатурата на стапалото.

„Затоа постои правило децата да ги облекуваат чевлите кога ние возрасните ги облекуваме, а тоа е кога излегуваме надвор. На децата треба што почесто да им се обезбедуваат различни видови активности, со менување на правецот на движење и подигнување товари приспособени на нивните анатомски карактеристики, за да се се овозможи зајакнување на мускулатурата на телото, доведување на телото во добра оска и, секако, зајакнување на мускулатурата на стапалата“, советува докторката и предлага за овие цели дома да направите полигони од столови, гумени ленти, топчиња или шишиња наполнети со вода.

Лош говор

Пред десет години логопедите апелираа до родителите да не им зборуваат „бебешки“ на малите деца за да им овозможат добар говорен модел како предуслов за правилен развој на гласовната артикулација. Денеска им велат да разговараат со нив што е можно повеќе. „Приспособувањето на новото време и технолошкиот напредок носи нови предизвици за родителите. Децата се будат и заспиваат со паметни телефони, па наместо гласот и изразот на лицето на нивните родители, тие гледаат и учат комуникација од анимирани ликови. Со ваква (не)стимулација се очекува нешто да не оди како што треба“, вели Бојана Вулиќ, логопед.

За да можат децата да ги развијат своите природни способности за усвојување на мајчиниот јазик, тие мора да го слушаат и да го зборуваат. Содржината на видеото не го поттикнува детето да брбори или да се обидува да изговори некои звуци. Така, тоа е лишено од можноста да повторува, имитирајќи ги своите родители.

„За да можат родителите да спречат лош изговор на звуците и доцнење во развојот на јазикот, треба повеќе да разговараат со своите деца, со кратки и јасни реченици. Избегнувајте „бебешки говор“, а кратките приказни, читани или прераскажани, се добар начин за вежбање внимание, меморија и проширување на вокабуларот“, заклучува Вулиќ.

Извор



912

X