Претерана грижа, перфекционизам, желба да се контролира судбината на детето и да се управува со неа – сето ова ја попречува детската самостојност. И што уште? Банален дефицит на време. „Немам време да чекам детето само да се мие. Ќе почне да игра со сапунот, да дува балончиња помеѓу прстите. Немам време да чекам да си игра. Треба да се спие. Јас ќе го измијам побрзо…“

„Тоа сака да меси! А јас потоа цела кујна треба да ја чистам! Ќе се изморам повеќе од чистење отколку од готвење. Не ми треба помош во кујната. Побрзо ќе завршам сама…“ „Ах, сега повторно ќе морам да го потсетувам, мотивирам, да го исчисти нередот што го направи мачката. Немам јас толку време, побрзо ќе средам сама…“

За мирно да се поднесе „несовршеното“ купување, важно е прво да се задуши перфекционистот во себе. „Таа е бавна како полжав. Додека да се облече, ќе помине вечност. Би требало да се станува половина час порано. Подобро јас да ја облечам набрзина…“ Покрај немањето времето, пречка е и цврстиот став зацртан во главите на некои родители: „Наша задача е детето да го поштедиме од тешкотии и грешки“. Тоа, се разбира, е убава идеја, но нејзината реализација нема никаква врска со реалноста. А реалноста е таква што секој човек во својот живот, порано или подоцна, се среќава со проблеми. И секој прави грешки. Да земеме за пример дека на супер родителите сè одлично ќе им оди од рака. Сите тешкотии што се појавуваат на патот од детето тие ќе ги отстрануваат. Но, за да му се помогне оперативно на детето, тоа дете мора да биде покрај нив. Секогаш. Затоа, можноста да живее без тешкотии детето ќе мора да ја плати со личната слобода и самостојност. Но, ни тоа нема да го спаси. Родителите нема секогаш да бидат тука. Детето ќе остане само. Иако, гледајќи според возраста, возрасно е, но сеедно – беспомошно е.

Ако го лишите детето од искуството на сопствените грешки, истовремено го лишувате и од можноста да анализира, да извлекува заклучоци

Не, задачата на родителите не е да им помагаат на децата да излегуваат накрај со тешкотиите. Да ги учат да се напрегаат и да ги совладаат тешкотиите – таквото искуство е важно. Тоа е како тренирање на имунитетот. Како редовна вежба. Ако има такво искуство, во тешка ситуација, без разлика колку години има, детето ќе ја совлада и ќе рече: „Ништо – и со ова ќе излезам накрај“. Слично е и со грешките. Ако последиците од грешките не се штетни за здравјето, тогаш однапред знаејќи каде греши детето, можете да кажете: „Добро, пробај.“ Ако го лишите детето од искуството на сопствените грешки, истовремено го лишувате и од можноста да анализира, да извлекува заклучоци, да предвидува и да ги исправува грешките. „Паметните се учат на туѓите грешки“ – ова е хипотетички точен исказ. Но, фактите говорат „како е правилно“, „како би било подобро“, „како треба“ – подобро се усвојува преку сопственото искуство, искуството од своите грешки.

-Сакам обични ракавици.
-Не, тие веднаш ќе се наводенат и ќе ти ги изладат рацете. Земи непропустливи.
-Нема да се наводенат! Сакам обични!
-Кога јас велам дека ќе се наводенат, тогаш ќе се наводенат! Земај ги овие!

А може и вака: нека тргне детето со обичните ракавици, а вие понесете ги и тие што не пропуштаат. Обичните ракавици ќе се наводенат, рацете ќе му смрзнат и детето самото ќе ги бара оние што не пропуштаат вода. Тоа ќе биде негова лична одлука заснована на лично искуство.

-Кога црташ, подобро е сето она што не ти треба да го тргнеш од масата.
-Можам и вака. Упс, водата се истури врз блокот…

Еве го – негативното искуство е тука. И веднаш станува јасно зошто е подобро да се отстранат непотребните работи од масата. Сега е најважно да се воздржите од држење предавања. „Ете ти, а убаво ти кажав, треба да слушаш кога ти се кажува!“ Пред упорното наметнување на своето мислење, размислете какви би можеле да бидат последиците? Дали се закана за животот и здравјето? Ако не се, да си го поставиме следното прашање: Дали последиците може лесно да се надминат или анулираат? Ако можат, да му дозволиме на детето да добие понекој „удар“ и да извлече заклучоци.

Не е добра варијантата ако мајката победоносно изјави: „Ти реков дека ќе ја истуриш!“

Детето ја истурило водата. Детето ја скршило чашата… Дали е тоа лошо или добро? Тоа е едноставно факт. Фактот е неутрален. А понатаму сè зависи од реакцијата на родителот. Мајката може да се исплаши. Детето ќе згазне таму каде што е мокро и ќе ги наводени чорапите. Се скршила чашата? Леле, сега стакло ќе му влезе во ногата. Во главата на мајката веќе се создава ужасен филм: хирурзи со маски вршат операција и извлекуваат парче стакло од ногата на детето…Преплашена, таа го евакуира детето во другата соба и го става на каучот. Го моли сопругот да не го трга погледот од него додека таа чисти: „Да не сте помислиле да влезете во кујната!“ За секој случај, мајката му облекува папучи на детето (иако тоа седи на каучот). И кутрото дете, заклучува дека светот е опасен, дека тоа е незаштитено и дека единственото безбедно место на светот – е каучот…

Не е добра варијантата ако мајката победоносно изјави: „Ти реков дека ќе истуриш!“ Таа може и да рече дека детето е како „врзана вреќа“, дека се „меша таму каде што не му е место“ и да ги наброи детските гревови од изминатиот период. Најверојатно ќе следува и неутешна прогноза: „Уште малку и ќе ги искршиш сите садови!“ Покрај тоа, мајката во лутина може да го шлапне нарушителот на поредокот и да го избрка од кујната. Тоа е ситуација на неуспех, која кај детето ќе формира соодветна самооцена…

Од друга страна, мајката може мирно да ја констатира фактичката состојба. Бидејќи тоа на сите им се случува, вообичаена ситуација. О, да, детето пребрзо ја поместило лажицата. Да, ја ставило чашата на работ од масата. Додека сите ние нешто учиме, правиме грешки. Ако мајката полека му објасни како се става вода, ако помогне во собирањето на парчињата стакло објаснувајќи зошто е важно да се биде внимателен, ако каже што треба да се прави или уште подобро ако му даде крпа на детето да ја впие водата од подот, детето ќе добие развојно искуство. Искуство на анализа на грешките и нивното исправување.

Искршената чаша, истурената вода или што и да е трето – тоа е животно искуство за детето. Дали тоа искуство ќе кочи некоја понатамошна активност, ќе биде трауматско или поттикнувачко во поглед на самооцената – зависи од реакцијата и однесувањето на возрасното лице. „Мрзливата мајка“ го споделува чистењето со детето – да ѝ помогне колку што може.

Извадок од книгата „Самостојно дете или како да станете мрзлива мајка“ – Ана Бикова

Извор



912

X