Дијарејата е состојба на преголем број столици кои се со намалена густина или зголемен волумен. Овие промени се обично комбинирани. Многу често во целата клиничка слика е вклучен и желудникот, при што имаме повраќање и велиме дека станува збор за гастроентероколит, вели прим. д-р Искра Лазаревска, педијатар

Најчестиoт здравствен проблем со кој се соочуваме во текот на летните месеци е дијарејата. Цревните инфекции се најчести инфективни заболувања кај децата и доенчињата, по инфекциите на дишните патишта. Претставуваат локална воспалителна реакција на слузницата на цревата како резултат на дејството на патогени микроорганизми, кои ги среќаваме како во водата така и во храната.

Начинот на пренос на патогените микроорганизми е главно преку нивно директно внесување во организмот со храна или вода, или пак преку валкани раце. Младиот организам, поради својата незрелост, е чувствителен на дигестивни нарушувања предизвикани со цревни инфекции.

Дијарејата е најчеста кај децата под 5 години, особено во доенечкиот период. Доенчињата и малите деца можат да искусат епизода на дијареја приближно 2 пати во текот на годината.
Студиите покажуваат дека доенчињата кои се на природна исхрана поретко имаат дијареја отколку доенчињата на вештачка исхрана. Мајчиното млеко е полно со антитела и има протективна улога во заштита на доенчето од најчестите заболувања во детството, вклучително и дијарејата. Дополнително, кога доенчето е на природна исхрана има лимитирана експозиција на микроорганизмите во храната и водата, кои можат да предизвикаат стомачни инфекции и дијареја. Колку доенчето повеќе цица, толку е поголема дозата на протективни елементи. Следствено, ексклузивното доење е подобро отколку парцијалното, а парцијалното доење е подобро отколку комплетно вештачката исхрана.

Дијарејата е состојба на преголем број столици, кои се со со намалена конзистенција (густина) или зголемен волумен. Овие промени се обично комбинирани. Многу често во целата клиничка слика е вклучен и желудникот, при што имаме повраќање кога зборуваме дека станува збор за гастроентероколит.

Во зависност од тежината на клиничката слика може да биде рангирана од лесна, привремена состојба која се стабилизира со третман во домашни услови, до умерено тешка и тешка која бара хоспитален третман, а во одредени состојби може да биде и живото загрозувачка. Ова се должи на губитокот на течност и електролити и склоноста на детскиот организам кон настанување на дехидратација. Од оваа причина првиот чекор во лекување на сите инфективни цревни нарушувања кај децата е надомест на изгубената вода и електролити.

Скала за процена на тежината на дијарејата

Лесна форма – 3 или повеќе воденести столици од причина што 1-2 столици може да се нормални со промена на исхраната
Умерено тешка форма – 6-9 воденести столици во тек на 24 часа
Тешка форма 10 или повеќе воденести столици во тек на 24 часа

По својот тек може да се акутни или хронични.
Хроничните, т.е. повторливите и долготрајни се издвојуваат и побаруваат поопсежни иследувања за да се одреди причината на нивното настанување. Би се задржала на акутните.

Прим. д-р Искра Лазаревска, педијатар

Што треба да се знае за акутниот дијарејален синдром?

ПРИЧИНИТЕЛИ

Вируси – релативно честа причина (како Rotavirus, Аденовирус, Норовирус). Според податоци од литературата, од 50 до 70% од акутните дијареи во детската возраст ги предизвикуваат вируси, главно до 5-годишна возраст, а особено се застапени при крај на првата година од животот кога го губат имунитетот стeкнат од мајката.

Она што е карактеристично за вирусите е дека доведуваат до инвазија и деструкција на епителот од горниот дел на тенкото црево. Тоа е делот каде што комплетно се вари храната, па од диететски аспект потребно е храната да се приспособи на овие услови. Нарушувањето на варењето на лактоза (млечниот шекер) е особено присутно кај вирусните инфекции.
Рота вирусните инфекции се јавуваат во текот на целата година, имаат висока контагиозност, односно инфективност, краток период на инкубација (еден до три дена) и нагол почеток, во повеќето случаи агресивен, со нарушување придружено со висока фебрилност, зачестено повраќање и профузна (обилна дијареја) без слуз и сукрвица. Со оглед на возраста, кога се јавуваат, како и интензитетот на симптомите, не чуди податокот дека повеќето мали пациенти побаруваат и венска рехидратација. Од пред 1 година во редовниот Календар за вакцинација е воведна и вакцината за Рота инфекција согласно препораките на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, така што нивната застапеност се редуцира. Втор по честота е аденовирус кој не дава така драстична клиничка слика. Останати вируси се Astrovirus, Norovirus, Calcivirus, но рутински ги докажуваме рота/аденовирусните инфекции.

Бактериски предизвикувачи – се поретко застапени во однос на вирусните, но сепак се релативно чести. Салмонелата е чест предизвикувач на бактериското заболување кое го засега дигестивниот тракт. Основен извор на инфекција е загадена и термички неадекватно обработена храна која содржи јајца, продукти што содржат јајца, месо, свежо термички необработено млеко, контаминирана вода, овошје, зеленчук, особено во услови на слаба лична хигиена. Инфекцијата настанува преку внес на контаминирана храна или вода. Вообичаено ова се случува во текот на летните месеци бидејќи размножувањето подобро се одвива во топла средина, особено кога се чува во неадекватни услови (надвор од фрижидер). Имаат кратка инкубација од 12 до 48 часа, ретко до 72 часа., Болеста се манифестира со дијареја како доминантен симптом – столиците се бојни, водени, слузави и често сукрвичави. Покрај тоа, често имаат покачена температура до 40 степени, болка во стомакот, намален апетит и се со лоша општа состојба. Почетокот е доста брутален и нагол и во тој облик трае 2-3 дена.
Шигелоза е втора по честота со клиничка слика речиси иста како саломонелозата, но и со поголема зачестеност на течни и сукрвичави столици. Ешерихија коли е исто така релативно чест предизвикувач со слична клиничка слика.

Интоксикација со храна. Предизвикана е од токсини кои ги лачат одредени бактерии што се содржани во храната чувана во неадекватни услови. Ова предизвикува интензивно повраќање и дијареја неколку часа по консумирање на храната. Најчесто симптомите траат 24 часа, и во најголем број од случаите може да се третираат во домашни услови. Стафилококот е релативно чест предизвикувач на интоксикациите поради продукцијата на токсин (сладолед, мајонез). Болеста се јавува како епидемија на интоксикација со кратка инкубација во траење од 1 до 6 часа и јаки општи симптоми како мачнина, гадење, повраќање, вртоглавица, болка во стомакот, но без покачување на температурата. Симптомите исчезнуваат по неколку часа.

Патувачка дијареја. Предизвикана од микроорганизми содржани во храната и пијалаците. Податокот за скорашно патување треба да нè наведе да се посомневаме за овој тип акутен дијарејален синдром. Патувачкиот пролив е почест кај поголеми деца и возрасни и е посебен облик на акутен пролив, се јавува по часови и денови од промената на местото на живеење, особено почесто при патување во потопли, суптропски и тропски регии. Причини се промени во прехранбените навики, како видот на храна, консумирање загадени продукти од животинско потекло, вода, во комбинација со недоволна хигиена. Една цела низа предизвикувачи се во оваа група, а најчесто се работи за ешерихија коли. Општи мерки на превенција на патничкиот пролив е да се пие вода пакувана во шише, не е препорачлива консумација на сирова храна, ниту пак пијалаци со коцки мраз.

Антибиотска дијареја – многу од антибиотиците предизвикуваат лесен дијарејален синдром, а се смирува по прекин на примање на антибиотикот. Ова не е алергиска реакција.

Џардија (паразит) – иако има повеќе начини на настанување на инфектот, најчесто е со внес на загадена вода, односно консумирање храна која е контаминирана со паразитот.

Би ги споменала и следниве 2 чести причини за појава на акутен дијарејален синдром кај доенчињата:
Никнување на запчиња (кај доенчиња под 1 година) – никнувањето само по себе не предизвикува дијареја, но притоа доенчињата ставаат предмети во устата, како и нивните рачиња, при што се внесуваат разни предизвикувачи на инфекти.

Воведување нова храна кај доенчиња и мали деца може да ја промени цревната перисталтика, односно празнењето на цревата.

Непозната причина што и релативно често се случува.
Потенцијалниот ризик од акутниот дијарејален синдром е дехидратацијата.

Како ќе препознаете дека вашето дете е дехидрирано?

• Намалување на кoличината на урина (без урина последните 8 часа) се случува во почеток на дехидратацијата, како и со променета боја – темна жолта. Ако урината е светложолта, вашето дете не е дехидрирано.
• Сув јазик, слузницата на устата. Суви усници не се од помош за процена на дехидратација.
• Суви очи и намалена количина или отсуство на солзи.
• Кај бебињата треба да се опсервира и фонтанелата, вовлечена е знак за дехидратација.
• Тестот за побавно возвраќање на циркулација (доколку истиот е подолго од 2 секунди). Прво е притискање на ноктот од палецот и да стане блед, потоа се ослободува од притисок, и се следи за колку секунди ќе се врати бојата.
• Конфузност, замор и аспект на болно. Доколку вашето дете е весело, расположено, спремно за игра, сигурно не е дехидрирано.
• Дете со потешка дехидратација станува преслабо да стои, гласот и плачот се слаби.

Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, добро земените анамнестички податоци, а се реализираат и одредени лабораториски иследувања како крвна слика, Ц – реактивен протеин, како показатели за инфектот, испитувања на столицата како копрокултура, како и вирусолошко иследување на столицата за рота/аденовируси, ацидобазен статус на организмот за да се направи корекција на внатрешната средина доколку има потреба.

Основен чекор во третманот на дијарејата е одржување на хидратацијата и надоместување на елементите што се губат преку дијарејата. Лесните форми на акутна дијареја се смируваат без третман.

Прв чекор во лекувањето на акутната дијареја е надоместот на изгубените течности, а треба да се започне веднаш штом детето почне да повраќање и/или има пролив. Доколку дехидратацијата веќе се развила, потребна е нејзина корекција додека траат симптомите, односно повраќањето и проливот. Адекватна рехидратација се спроведува со специјални раствори кои имаат специјална формула со која на организмот му се надоместува сè што губи. Суплементите со цинк може да ја ублажат тежината на дехидратација кај децата.

Мерки за да се спречи настанување на дехидратација

• Доколку детето не е дехидрирано, потребно е да се нуди да прима течности и храна.
• Доколку детето повраќа или има чести течни столици, потребно е да се даде по 10 млл/кг рехидратациски раствор за секоја епизода на повраќање или пролив.
• Детето со покачена температура потребно е да прима раствор за рехидрирање на секои 15-20 мин, во помали количини, најдобро со лажичка.
Важно е да се напомене и дека детето не смее да гладува, односно паралелно со спроведување на рехидратацијата треба да внесува и храна.

Лесниот степен на дехидратација – третман се спроведува во домашни услови. Доколку се потврди дека станува збор за умерена до тешка дехидратација, неопходен е хоспитален третман за да се реализира венско надоместување на течности и електорилити, а би се реализирале дополнителни иследувања за да се утврди причинителот. Кај оние деца кај кои е потврден бактериски причинител, се ординира антибиотик.

Она што е најважно е да го консултирате вашиот лекар.

Автор: Прим. д-р Искра Лазаревска, педијатар

 



912

X