Здравје

Децата што подоцна прозборуваат почесто имаат тантруми, покажува нова студија

Дoлго се претпоставуваше дека доцнењето во говорот и нападите на бес кај децата одат рака под рака. Меѓутоа, ниту едно истражување од голем размер досега не ја поткрепи таа претпоставка со конкретни податоци. Сè досега!

Доцнењето во говорот и тантрумите се поврзани

Новата студија на Универзитетот „Нортвестерн“, во која учествувале 2.000 испитаници, откри дека децата со поскромен вокабулар имаат почести и посериозни напади на бес од нивните врсници со типични јазични вештини.

Ова е прва студија што го поврзува доцното прозборување со тешкиот темперамент кај децата уште на возраст од 12 месеци. Иако е очекувано детето да има напад на бес ако е уморно или фрустрирано, мал број родители знаат дека одредени видови чести или тешки тантруми можат да покажуваат на ризик од подоцнежни проблеми со менталното здравје, како што се анксиозност, депресија, АДХД и проблеми во однесувањето.

Исто така, раздразливоста и доцнењето во говорот се ризик-фактори за подоцнежни нарушувања во јазикот и учењето. Околу 40 % од децата што подоцна прозборуваат имаат јазични проблеми подоцна кои можат да влијаат врз нивниот успех во училиште.

„Кога треба да се загрижиме“

Во студијата, објавена во списанието „Журнал оф аплајд девелопмент психолоџи“, биле анкетирани над 2.000 родители со деца на возраст меѓу 12 и 38 месеци. Родителите одговарале на прашања за бројот на зборови што ги изговараат нивните деца и за нивното однесување.

Во студијата е поставена хипотезата дека детето доцни во говорно-јазичниот развој ако користи помалку од 50 збора или не составува реченици од два збора до својата втора година. Истражувањето покажа дека овие деца имаат речиси двојно почести и потешки испади на бес од нивните врсници.

Научниците ги категоризираат нападите на бес како „тешки“ ако детето редовно прави работи како што се задржување на здивот, удирање или гребење. На децата што имаат вакви напади секојдневно или неколку пати во денот можеби ќе им биде потребна стручна помош за да вежбаат самоконтрола.

Што треба да знаат родителите?

Сите овие однесувања мора да се сфатат како дел од развојниот пат. Родителите не треба претерано да реагираат само затоа што некое друго дете знае повеќе зборови или затоа што нивното дете било немирно тој ден.

Причините за загриженост се оправдани само ако забележите постојан модел на проблеми и доцнење. Кога овие два фактори одат заедно, тие се влошуваат, делумно затоа што детето кое не зборува тешко остварува здрава интеракција со околината, што дополнително ја зголемува неговата фрустрација.

Следни чекори во истражувањето

Ова истражување е прва фаза од поголем проект со наслов „Кога треба да се загрижиме“, финансиран од Националниот институт за ментално здравје. Целта е да се создаде алатка која педијатрите и родителите ќе можат да ја користат за да разликуваат што е нормално во развојот, а кога е потребна рана интервенција, која е најефикасна во оваа возраст.

Извор

Поврзани написи

To top