Децата родени во сиромаштија покажуваат клучни разлики во раната функција на мозокот, според новото истражување од Универзитетот во Источна Англија, Велика Британија. Истражувачите ја проучувале функцијата на мозокот кај деца на возраст помеѓу четири месеци и четири години во рурална Индија.

Откриле дека децата што потекнуваат од семејства со ниски приходи, каде што и мајките имале ниско ниво на едукација, имале послаба мозочна активност и биле повеќе склони кон неможност за концентрација.

Водечкиот истражувач, професор Џон Спенсер од школата за психологија од универзитетот, изјавил: „Секоја година 250 милиони деца во сиромашни и средно сиромашни земји не успеваат да го достигнат својот потенцијал за развој. Затоа, постои растечка потреба да се разбере глобалното влијание на сиромаштијата врз разниот мозочен развој и развојот на однесувањето“.

Претходни истражувања покажале дека сиромаштијата и раните проблеми значително влијаат врз развојот на мозокот. Но, само неколку студии се насочиле кон мозочната функција во текот на развојот. „Сакавме да дознаеме повеќе за функционалноста на мозокот во развојот кај децата родени во сиромашни средини – за да се согледа зошто многумина од нив не го достигнуваат целосниот потенцијал. Ова истражување е првиот чекор во напорите за интервенција, дизајнирани да го поттикнат раното здравје на мозокот пред проблемите да го направат своето“.

Истражувачите ја спровеле студијата во Утар Прадеш, кој е најнаселен регион во Индија. Користеле уред со кој ја мереле мозочната активност на 42 деца. Уредот зрачи со инфрацрвена светлина во ткивата од кортексот, користејќи извори поставени на главата преку специјална капа поврзана за компјутер. Се истражувала и визуелната меморија на децата, односно колкави способности имаат тие за да складираат визуелни информации и ги детектирале промените во визуелната средина кога тие се случувале.

„Ја користиме нашата визуелна меморија околу 10 илјади пати на ден. Децата ја развиваат оваа вештина во раното детство и постепено ја подобруваат низ детството и адолесценцијата. Знаеме дека тоа е одличен почеток во раниот когнитивен развој“, истакнал професор Спенсер.

Студијата била спроведена во партнерство со Лабораторијата за зајакнување на заедницата, со седиште во Лакнау, Индија. Учесниците биле регрутирани од селата околу Шивгарт во Утар Прадеш. Учествувале во визуелни тестови кои вклучувале трепкачки дисплеи на обоени квадрати. Целта на тестот е да се согледа дали децата можат да ги запомнат боите доволно добро за да детектираат дека секогаш има промена на бојата на едната страна од дисплејот, додека боите на другата страна секогаш останувале исти. Факторите како родителска едукација, приходи, каста, религија, број на деца во семејството и економскиот статус биле земени предвид.

Резултатите биле споредени со децата од семејства од среднозападниот регион во Америка. Истражувачкиот тим открил дека децата од Индија што потекнуваат од семејства со ниско образование на мајката и ниски примања покажале послаба мозочна активност и послаба супресија на дистракцијата во регионот на левиот фронтален кортекс, кој е вклучен во работната меморија. Студијата исто така покажала дека технологиите за невросликање може да се користат во руралните делови од земјите во развој, со кои ќе се доведат иновативни технологии на места каде што најмногу се потребни алатки за рана процена.

„Иако влијанието на тешкотиите во мозочниот развој може да ги зароби децата во кругот на сиромаштијата, масивниот потенцијал за мозочна пластичност исто така е извор на надеж. Преку соработка и партнерство со семејствата во локалната заедница и донесувањето иновативни технологии на самите места се надеваме дека заедно ќе го скршиме кругот на сиромаштијата во идната работа“.

Оваа студија е објавена во магазинот „Развојна наука“.



912

X