Постојат родители што не се подготвени да го прифатат одвојувањето на детето и неговото одење од семејството, па се насочуваат кон несвесни и свесни саботажи: ниеден зет или снаа не им одговара, управуваат со животот на возрасниот потомок, непрестајно бараат внимание…

Секое семејство е заедница која поминува низ одредени развојни циклуси кои се засновани на развојните фази на најмладите членови. Постои значајна разлика во динамиката на семејството во кое има мало дете, дете од претшколска возраст, тинејџер, студент или возрасен син или ќерка. Смислата на воспитување е родителите да го подготват детето за самостоен живот, за детето да биде доволно социјализирано и подготвено да прифати одговорност за самостојно функционирање во општеството. Кога детето ќе порасне, тогаш родителите треба да му помогнат да се одвои и да тргне по свој пат.

Добар родител не е само оној што му нуди љубов и заштита на детето, туку и оној што е свесен за таа оддалечена цел и работи на зајакнување на самостојноста на детето, додека детето поминува низ различните фази на растење, но и оној што кога ќе дојде време за тоа – ќе му „дозволи“ на детето да се одвои. Практиката покажува дека постојат значителен број семејства, поточно родители кои не се подготвени да го прифатат одвојувањето на детето и неговото заминување од семејството главно поради тоа што не разликуваат одвојување од напуштање. Поради тоа, во ваквите семејства постојат несвесни комуникациски механизми со кои родителите му „забрануваат“ на детето да се одвои, така што семејствата се заглавени во фаза која ѝ претходи на сепарацијата, а чии „деца“ се постари од 30 години, или кои трауматично реагираат на одвојувањето на возрасниот син или ќерка.

Смислата на животот

Во нашата култура децата се висока, често највисоката животна вредност, поради што многу родители себеси целосно се поистоветуваат со општествената улога на родител и во родителството ја наоѓаат смислата на животот. Тоа, од една страна, ги прави посветени и добри родители, но, од друга, ги прави ранливи на растењето и одвојувањето од возрасното дете. Причината е едноставна – заминува и нивната смисла за живот.

Постојат две семејни констелации во кои родителите се загрозени од одвојувањето на детето. Првата се однесува на „родителскиот брак“, односно на таквиот брак во кој тој и таа веќе одамна се оддалечени како маж и жена, но смислата за опстанок на семејството ја наоѓаат во заедничката љубов и грижа кон децата. Ваквиот пар се соочува со заминувањето на детето, со празнина во меѓусебниот однос, во нужноста повторно да го дефинира својот партнерски однос. Другата констелација е кога едниот од родителите, често мајката – е разочарана од сопругот, но причината за останувањето во бракот кој според нејзино мислење е лош е во тоа што во текот на растењето на децата им овозможила и мајка и татко. Својата љубов кон сопругот таа ја пренасочила кон детето или децата, „жртвувајќи“ се за доброто на децата. Со заминувањето на возрасниот син или ќерка таа повторно се соочува со нерешен брачен проблем кој со години се „става под тепих“.

Во вакви случаи можноста возрасното дете набрзо да се одвои и да започне самостоен живот ги исполнува родителите со задоволство, но и со страв за себе и за понатамошниот живот. Овој страв може да биде причина за свесни или несвесни саботажи на одвојувањето на возрасното дете. Тие можат да бидат изразени на различни начини: да мислат дека ниту еден партнер не заслужува да биде зет или снаа, така што кон сите покажуваат непријателски однос; да се обидуваат да го задржат односот родител-дете и да управуваат со животот на своето возрасно дете; да се мешаат во нејзиниот или неговиот брак; да инсистираат на многу цврсти врски со примарното семејство, секојдневно посетувајќи го синот или ќерката, или нивното семејство; непрестајно да бараат внимание поради своите „болести“ или лоши чувства и слично.

Повторно дефинирање на брачниот однос

Кога родителите бараат од своите возрасни ќерки или синови да им биде поважна улогата на ќерка или син од улогата на сопруг или сопруга, тогаш тоа неповолно се одразува врз секундарното семејство или врска. Една од трите најчести причини за разводи во соседна Србија е токму „мешањето на неговото/нејзиното семејство“. Другите мора да го надвладеат чувството на вина и неблагодарност кое им го наметнуваат родителите и да влезат во конфликт со родителите за овие конечно неволно да им признаат дека се веќе возрасни.

Одвојувањето на возрасниот син или ќерка и празнината што настанува со тоа во „родителското гнездо“ се причината за родителите да се свртат кон самите себе, поединечно да се запрашаат за концептот на својот понатамошен живот, да се посветат на себе, со партнерот да разговараат и повторно да го дефинираат брачниот договор. Тоа е исправно и многу потешко отколку, како што вообичаено е случај, нестрпливо да чекаат од улогата на грижливите родители да скокнат во улогата на грижливи баба и дедо.

Автор: Зоран Миливојевиќ



912

X