Воспитување

Што е најважно во дефектолошкиот третман кај децата со аутизам?

Кога се зборува за третман кај деца со аутизам и развојни тешкотии, многу луѓе најчесто помислуваат на учење зборови, броеви, бои или образовни вештини. Но, суштината на раната интервенција и дефектолошкиот третман е многу подлабока и многу поважна од тоа. Вистинската цел на третманот не е детето да научи да рецитира, механички да повторува или да решава задачи кои немаат функционална вредност за неговиот секојдневен живот. Целта е детето постепено да развива вештини што ќе му помогнат подобро да ја разбере околината, да комуницира, да се чувствува сигурно, да воспоставува односи, да ги регулира емоциите и да стане што е можно посамостојно. Во практичната работа, секој третман е индивидуализиран и приспособен на потребите, можностите и развојното ниво на детето. Сепак, постојат одредени области кои претставуваат основа за понатамошен развој и речиси секогаш се приоритет во работата. Овие вештини често изгледаат мали за околината, но токму тие се најголемите темели за функционален живот.

Разбирање и извршување задачи е првиот чекор кон учење и функционалност

Една од првите и најважни цели во третманот е детето да почне да разбира што се бара од него и да може да следи едноставни инструкции. Кај многу деца со аутизам постои тешкотија во обработката на говорните информации, насочувањето и задржувањето на вниманието, разбирањето на вербалните насоки, организацијата на активностите и поврзување на барањето со конкретна акција. Однадвор често изгледа како детето да не слуша, но во реалноста многу често станува збор за тешкотија во разбирањето, обработката и организирањето на информациите што доаѓаат од околината. Поради тоа, третманот започнува со многу едноставни, кратки и јасни инструкции („Дај“, „Седни“, „Дојди“, „Покажи“, „Стави“, „Отвори“ и „Затвори“).

На почетокот задачите се визуелно поддржани, кратки и структурирани, со минимален број дразби од околината. Постепено, како што детето напредува, се воведуваат посложени барања, повеќечекорни инструкции и активности кои бараат поголема самостојност. Разбирањето и извршувањето задачи не е важно само за учење. Оваа вештина има огромно значење за секојдневното функционирање, безбедноста, учеството во група, следење рутини и адаптацијата во училишна средина. Кога детето почнува да разбира што се очекува од него, значително се намалуваат и фрустрацијата, несигурноста и проблематичните реакции.

Воспоставување функционален контакт

Еден од најголемите предизвици кај дел од децата со аутизам е воспоставувањето и одржувањето контакт со луѓето. Но, важно е да се разбере дека контактот не значи само „погледни ме в очи“ или „седи мирно и гледај“. Вистинскиот функционален контакт подразбира детето да ја забележува другата личност, да реагира на присуството, да споделува внимание, да ја препознае другата личност како важен партнер во комуникацијата и постепено да развива социјална поврзаност. Кај некои деца контактот започнува со краток поглед, насмевка, вртење кон лицето, реакција на име, следење гест, приближување кон друго лице или споделување интерес за предмет или активност. Социјалните ситуации можат да бидат преоптоварувачки, непредвидливи и збунувачки. Затоа, во третманот не се форсира контакт, туку се создава безбедна, смирена и предвидлива средина во која детето постепено учи дека интеракцијата со други лица може да биде пријатна, сигурна и корисна. Функционалниот контакт претставува темел за комуникација, игра, учење, емоционален развој и социјални односи.

Развој на покажувачки гест е почеток на комуникацијата

Покажувачкиот гест е една од најважните преткомуникациски вештини и често првиот вистински чекор кон функционална комуникација. Типично развиените деца природно покажуваат што сакаат, што им е интересно, што забележале или што сакаат да споделат со другите. Кај многу деца со аутизам оваа вештина е намалена или отсутна. Кога детето не покажува, значително потешко бара помош, потешко ги изразува желбите, потешко споделува внимание, а често доаѓа и до фрустрација и проблематично однесување. Во третманот покажувачкиот гест се развива преку игра, мотивациски активности, избор помеѓу предмети, визуелни поттикнувања и ситуации во кои детето има причина да иницира комуникација. Покажувањето со прст не е само гест. Тоа е почеток на комуникација, социјална интеракција, споделување интерес и развој на говор.

Имитација е начин на кој детето учи од светот

Имитацијата е еден од најприродните механизми преку кои децата учат. Типично развиеното дете ги имитира движењата, звуците, изразите на лицето, играта и однесувањето на луѓето околу себе. Кај децата со аутизам оваа способност често е намалена, што значително влијае врз учењето, комуникацијата, играта и говорниот развој. Работата на имитација започнува со многу едноставни активности: плескање, тапкање, подигнување раце, тропање, имитација со предмети, имитација на звуци и едноставни движења. Подоцна, имитацијата се проширува кон функционална игра, социјални активности, вербална имитација и секојдневни животни вештини. Преку имитацијата детето учи како да комуницира, како да игра, како да реагира и како да се вклучи во интеракција со другите.

Иницирање интеракција

Кај многу деца со аутизам комуникацијата најчесто се сведува на реагирање на барања, но не и на самостојно иницирање контакт. Токму затоа една од најважните цели е детето само да пријде, да побара, да покаже, да повика, да започне игра, да сподели интерес или да бара внимание. Ова е многу важен чекор бидејќи иницирањето интеракција претставува основа за пријателства, игра со врсници, учество во група и социјална интеграција. Во третманот секој обид за иницирање комуникација се препознава, поттикнува и позитивно се зајакнува.

Комуникацијата е многу повеќе од говор

Една од најголемите заблуди е дека комуникацијата значи само зборување. Комуникацијата, всушност, претставува способност детето да побара, да одбие, да избере, да сподели, да покаже потреба, да изрази непријатност и да воспостави контакт со околината. Некои деца комуницираат преку гестови, слики, симболи, PECS систем, асистивна технологија, поглед или невербални сигнали. Најважно е комуникацијата да биде функционална. Кога детето нема начин да ги изрази своите потреби, многу често доаѓа до фрустрација, плачење, агресија, повлекување или самоповредување. Затоа, развојот на комуникацијата е еден од најважните приоритети во третманот.

Учење како да се справи со емоциите и преоптоварувањето

Многу деца со аутизам имаат тешкотии во обработката на сензорни информации, толеранција на промени, чекање, адаптација и контрола на емоциите. Поради тоа, секојдневните ситуации кои за другите изгледаат едноставни можат да бидат огромен извор на стрес. Прегласни звуци, метеж, промена на рутина, непредвидливост или неразбрана ситуација можат да доведат до плачење, викање, агресивно однесување, повлекување или стереотипии. Саморегулацијата не се учи преку казни и форсирање, туку преку: разбирање, предвидлива средина, визуелна поддршка, јасна структура, постепено воведување промени и стратегии за смирување. Кога детето постепено учи да ги препознава своите реакции и да се чувствува сигурно, значително се подобрува и неговото функционирање во секојдневниот живот.

Осамостојување е најважната долгорочна цел

Една од најважните цели во третманот е развојот на самостојноста. Осамостојувањето не значи само детето нешто да направи само. Тоа значи поголема сигурност, независност, подобра адаптација и подобар квалитет на живот и за детето и за семејството. Во третманот се работи на самостојно јадење, користење прибор, пиење од чаша, облекување, соблекување, миење раце, миење заби, користење тоалет и лична хигиена. Овие вештини често бараат многу време, трпение, повторување и работа чекор по чекор. Но токму тие претставуваат најголемата функционална вредност за детето.

Како специјален едукатор и рехабилитатор, верувам дека суштината на третманот не е совршенството, туку постепено градење комуникација, сигурност, самостојност и подобар квалитет на живот. Секој мал напредок е доказ дека детето учи, се развива и на свој начин го открива светот околу себе. Во работата со деца со аутизам, најголемите успеси не секогаш се видливи за околината. Понекогаш најважен напредок е првиот поглед, првиот покажувачки гест, првото самостојно барање или првиот прифатен контакт. Иако изгледаат како мали чекори, за едно дете тие претставуваат огромен исчекор во развојот. Токму затоа, во работата со децата со аутизам, малите чекори секогаш се најголемите успеси.

Автор на текст: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/наставник- ментор/ реедукатор на психомоторика

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top