Повеќето деца почнуваат да одат помеѓу 11. и 16. месец, но некои чекаат до 18. месец. „Квалитетот на движењето понекогаш е поважен од способноста на детето да застане на две нозе“, истакнал педијатарот Жан Леми. Родителите треба да внимаваат на силата на своето бебе, мускулниот тонус и дали еднакво добро ги користи двете страни од телото.

„Ако детето почне подоцна да оди, веројатно почнало и да седи подоцна. Сè додека постепено ги исполнува развојните фази, веројатно нема потреба да се грижите“, вели д-р Леми. Ако вашето бебе нема контрола над главата до три-четири месеци, не седи до девет месеци или има вкочанет или слаб мускулен тонус, тогаш е време да посетите педијатар. Д-р Леми укажува дека бебето што не оди на 18 месеци треба да се следи. Доколку тоа не се случи до 20-тиот месец од животот, се препорачува специјалистички преглед.

Исто така, д-р Леми нагласува дека родителите треба да ги земат предвид карактеристиките на своето бебе. „Помалку темпераментните бебиња обично доцнат со лазење и одење. Тие се задоволни да го гледаат светот околу нив наместо активно да учествуваат, додека поимпулсивните бебиња ќе проодат порано. Ако имате какви било сомнежи или грижи, треба да се консултирате со педијатар или физиотерапевт“, објаснува Леми.

Тој советува да му помогнете на вашето бебе да оди држејќи го под раце за да може да ги контролира своите движења. Исто така, препорачува ставање играчки на каучот за да се поттикне бебето да се движи и да ги фаќа играчките.

„Не треба да ги учиме децата да одат, но можеме да создадеме средина која ќе му помогне на детето да го направи тоа самостојно“, вели педијатарот и додава:

„Не е лесно. Ние би сакале нашите деца да имаат добар живот. Но, внимавајте да не се вклучите во натпреварот за родители чие бебе прво ќе прооди. Ако бебето е здраво, времето не е најважно.“

Автор: Сандра Крстановиќ

Извор



912

X