Воспитување

Штетни фрази што родителите им ги кажуваат на децата кои не сакаат да јадат

Во многу семејства со мали деца оброкот е како игра: има моменти на радост, драма, лутина и фрустрација. Меѓутоа, честопати во очајнички обид да им стават крај на тензичните сцени, родителите прибегнуваат кон чувство на вина или уцена, не сфаќајќи дека прават грешка. Тие користат фрази кои се штетни или контрапродуктивни, па затоа е добро да се анализира нивната заднина и конечно да се елиминираат од примената.

„Има толку многу деца што би биле среќни да имаат што да јадат“

Иако е точно дека има луѓе што гладуваат, не е добро да се обидувате да го убедите детето да го јаде својот оброк од чувство на вина. Всушност, користењето на оваа фраза може дополнително да го поттикне однесувањето што би сакале да го неутрализирате, така што детето ќе почне да развива негативен став кон храната.

„Ако не јадеш, нема да пораснеш“

Од една страна, звучи како казна и има краткорочен ефект бидејќи можеби ќе успее при првиот обид, но не функционира како трајна лекција. Во исто време, исто така, стигматизира одредени типови на тело и физички карактеристики, како што е „слаб/а“ или „низок/ска“. Знаеме дека на децата често им велат „ќе бидеш низок“, „ќе бидеш премногу слаб“ и слично, како да не е нешто во ред со овие карактеристики. Важно е да ги научиме да бидат свесни за различноста на телото и да им се објаснат вистинските причини за важноста на применувањето здрава и разновидна исхрана.

„Ако не го јадеш тоа што ти го подготвив, значи не ме сакаш“

Ова е форма на манипулација, како и да гледате на тоа. Тоа го става детето во ситуација за да ја докаже својата љубов, да направи нешто од обврска и против своја волја. Иако можеби не изгледа така, сублиминалната и многу опасна порака е дека љубовта оправдува сè, дури и постапките со кои не сме задоволни.

„Ако јадеш, ќе ти дадам…“

Тоа може да се смета и за форма на уцена. Кога го правиме ова, ризикуваме децата да ја поврзат храната со награда и да ѝ дадат важност само поради наградата што ја добиваат за возврат. Наместо тоа, она што децата треба да го знаат е зошто е важно да се јаде добро и да се прави тоа без разлика дали добива сладолед за десерт или неколку дополнителни минути за гледање телевизија. Во спротивно, кога ќе ја нема наградата, децата нема да јадат, а родителите ќе се најдат во ќор-сокак.

„Не ти се допаѓа ова? Кажи ми што сакаш и јас ќе ти зготвам

Ова е незгодна фраза и меч со две острици. Точно, постојат ситуации во кои целото семејство не се согласува околу изборот на јадење па се подготвуваат различни. Сепак, оваа ситуација треба да се избегнува колку што е можно повеќе.

Важно е да не посегнувате само по типични јадења што децата ги сакаат (како што се тестенини) и да се обидете да ги поттикнете да пробаат широк спектар на храна. Важно е да се направи разлика помеѓу одбивање и допаѓање бидејќи има фази во кои децата одбиваат јадење само за да го добијат она што најмногу им се допаѓа. Во ред е да се има омилено јадење, се разбира, но разновидната исхрана е клучна и родителите треба да го научат своето дете на тоа.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top