Воспитување

Инклузија или администрација во системот за поддршка


Во последните години сè поизразен станува трендот дел од услугите за деца со попреченост да се реализираат преку приватни и лиценцирани центри, кои истовремено користат државни средства и програми за обезбедување „бесплатни третмани“. Иако целта е зголемување на достапноста на услугите, останува отворено прашањето дали станува збор за суштинска реформа или за продолжување на постојни модели во нова форма.

Како стручно лице со долгогодишно искуство во државниот сектор, бев сведок на практики во кои акцентот често се ставаше на административно прикажување на „обемна работа“ преку извештаи, евиденции и формални активности. Во таков пристап, бројот на третмани и документацијата неретко стануваа поважни од реалниот напредок на детето и поддршката на семејството.

Постои ризик истиот модел да се пренесе и во новите форми на услуги кои се финансирани од државни средства. Наместо реална евалуација на квалитетот и ефектот, системот може да се насочи кон формално прикажување активности и оправдување на средства наместо кон индивидуален и функционален напредок.

Слични тенденции веќе се препознаваат и во дел од приватните и лиценцирани центри кои работат со поддршка од државата. Наместо суштинска промена, постои опасност од репродукција на административен модел во кој доминираат статистиките, проектите и формалните извештаи.
Ова не е критика кон постоењето на приватните услуги бидејќи потребата од нив е реална. Но, кога се користат јавни средства, неопходни се јасни критериуми за квалитет, транспарентност и професионална евалуација на резултатите.

Лицата со попреченост и нивните семејства заслужуваат систем заснован на стручност, етика и реални ефекти, а не модел во кој успехот се мери со бројки и извештаи.

Инклузијата и рехабилитацијата треба да значат индивидуален пристап, функционален напредок и достоинствен живот.
Потребна е континуирана стручна дебата која ќе се фокусира не само на достапноста на услугите, туку и на нивниот квалитет и реална ефективност.

Автор: Александра Сабрас Апостолова, дефектолог

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top