Можеби не знае кој е Стив Џобс или како да си ги врзе врвките на патиките, но просечно 6-годишно дете разбира повеќе од дигиталната технологија отколку просечните 45-годишници. Барем ова го тврдат најновите истражувања за децата и употребата на модерна технологија.

Родени во новиот милениум, овие деца не знаат за мрачните векови со дајлап-интернетот.

– Овие млади луѓе создаваат комуникација – вели Џејн Рамбл, раководителка на истражувањето за медиуми во „Офком“, додавајќи: – Како резултат на растењето во дигиталната ера, тие развиваат фундаментално различни навики за комуникација отколку генерациите пред нив.

Затоа, „Офком“ (канцеларија за комуникации во Велика Британија) смислила дигитален количник или „DQ-тест“ за споредба на 800 деца и 2.000 возрасни лица. Со овој тест не се мери интелигенцијата, туку знаењето и способноста да се користат таблети, паметни телефони, пребарување на интернет и мобилни aпликации.

Што покажаа резултатите?

Меѓу групата деца на возраст од 6 до 7 години, кои пораснаа со „Јутјуб“, „Спотифај“, „Плејстејшн“, дигиталниот количник бил 98, кој е повисок од оној на возрасните на возраст од 45 до 49 години, чиј „DQ“ беше 96. Дигиталното разбирање е најдобро во адолесценцијата, кај испитаници на возраст од 14 до 15 години и изнесуваше 113.

Начинот на кој милениумците контактираат едни со други и се забавуваат е многу различен од претходните генерации. Најинтересната промена е поврзана со фреквенцијата на телефонските разговори. Уште пред две децении тинејџерите ги монополизираа фиксните телефони за нивните пријателски и љубовни разговори што траеја со часови. За оние на возраст меѓу 12 и 15 години, разговорите на мобилен телефони се само 13 отсто од комуникацијата. Кога зборуваме за возрасни, процентот се зголемува на 20.

Денешните деца најголемиот дел од својата комуникација ја водат преку социјални медиуми и текстуални пораки преку апликации како „Вацап“ или „Вајбер“ или со споделување фотографии, мемиња и видеа. Интересно, само 50 отсто од тинејџерите гледаат телевизија, во споредба со возрасните чиј процент е околу 70 отсто. Младите се главно фокусирани на гледање кратки видеа на „Јутјуб“ или на социјалните мрежи.

Сепак, младите на возраст меѓу 16 и 24 години користат поголем дел од достапните медиуми, посветувајќи им го најголемиот дел од комуникацијата. Од сите медиуми, најголем пад, кај сите возрасни групи, има во консумирањето на содржината преку телевизиските екрани.

Имајќи ја предвид изминатата година, онлајн-наставата и пандемијата, употребата на дигитални медиуми и уреди што овозможуваат нивно користење и понатаму расте, особено кај децата и младите.

Извор



912

X