Ние, жените, сме навистина неверојатни суштества. Колку што знаеме да се држиме, да си бидеме потпора и сила една за друга, толку знаеме и да си правиме неподносливи проблеми.

Една моја пријателка неодамна се породи, па поради здравствени компликации, мораше да направи царски рез. Сепак, немала поим дека мора да се правда и да објаснува како се породила.

Ми се пожали дека неколку пати го добила коментарот оти „срамота е што се породила со царски рез, што никогаш нема да ја почувствува моќта и тоа неверојатно чувство на природното породување“, а уште повознемирувачки беше што ѝ рекле дека не знае ни што е породување затоа што „царскиот рез е ништо во споредба со природното“ и дека царскиот рез е создаден специјално за кралските семејства, за жените да не се мачат премногу. Претпоставувам дека ова последново беше шега…

Кој одредува што е „вистинско“ породување?

Дали навистина дојдовме дотука – да го мериме породувањето, нешто што е толку индивидуално, различно за секоја жена, воопшто неспоредливо? Што е следно, можеби ќе почнеме да ја мериме должината на засекот, односно лузната, која е пократка, а која е подолга, како знак на нашата женственост и женствена моќ, затоа што второто ни изгледа дека не е важно?

Навистина ја преувеличуваме стручноста, мислев дека е концентрирана само на социјалните мрежи, но очигледно е дека е сеприсутна. Слободата што ја имаме да кажеме што мислиме ја користиме неконтролирано. Или можеби сè уште многу контролирано и насочено? Во приказната со неа, навистина почнав да размислувам за коренот на проблемот.

Дали се работи за незадоволство од сопствениот живот, завист, можеби некој им го загорчил искуството, па за да не бидат сами во несреќата, така зборуваат? Како прво, тоа е некултурно, а ние очигледно имаме проблем со домашното образование и бонтон.

На крајот, тоа чувство дека мораме да припаѓаме некаде и да се чувствуваме подобро од другите, со навреда, повредување, исмејување, веројатно е запишано во кодот на човештвото и нема уште долго да се искорени. Дали ќе бидете таква личност, на крајот на краиштата, тоа е избор. Како што е наш избор што ќе правиме со нашите животи, па дури и како ќе се породиме. Понекогаш околностите диктираат, понекогаш нашите желби се во прашање.

И да не мора да се породите со царски рез, а сакате, тоа е ваше право. Тоа е ваше тело и не дозволувајте некој да ви го расипе расположението поради површност.

Ниту си помалку мајка ако си направила царски рез ниту си нешто посебно и супериорно ако си се породила по природен пат. Кога тоа мало суштество ќе дојде на овој свет, не е важно кој потешко се породил, а кој полесно. Важна е само количината на љубов што ќе му ја дадете на тоа дете, за да знае дека го сакате, дека сте секогаш тука за него.

Внимавајте да не ја направите линијата пократка таму, бидејќи тоа може да има последици многу поголеми од должината на царскиот рез.

Извор



912

X