Министерството за образование и наука има доделено 13 акредитации за најрелевантните на полето на природните науки, математика и информатика. Но, МОН не го решава начинот на финансирање на овие манифестации, велат менторите на учениците

Шест талентирани ученици од Македонија нема да заминат на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, која на почетокот од декември ќе се одржи во Боцвана, ако не се најдат пари за авионски билети до оваа африканска земја. Котизацијата од 1.000 американски долари е платена, а парите ги собраа трите научни друштва што ги подготвуваат учениците за оваа манифестација – Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД). Секој ученик сам си платил по 80 евра за виза. Парите неповратно ќе пропаднат ако не се обезбедат авиобилети, кои организаторите не можат да ги платат без институционална помош.

Нашите ученици додека се подготвуваа за Олимпијадата

– За да заминеме, потребни ни се околу 12.000 евра. Тука не ги вклучуваме трошоците на децата кои сами плаќаа за двапати неделно да доаѓаат на подготовки, некогаш и преспиваа во Скопје, трошоците за подготвителни материјали или хонорари за тимот што ги подготвуваше – вели доц. д-р Ламбе Барандовски, претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.

Лани освоивме бронза

На 15. издание на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки Република Македонија ќе учествува вторпат. Нашиот тим лани во Холандија освои бронзен медал. Годинава нашата земја ќе ја претставуваат средношколците Мила Ивановска (која лани освои бронза) од „Ј. Б. Тито“ во Битола, Дарко Стојчев од „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Димитар Џорлев од „Јане Сандански“ во Струмица, Бисера Јаневска од „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, Дамјан Јанчевски од приватното училиште „Јахја Кемал“ во Карпош и деветтоодделенецот Мајкл Георгиевски, ученик во „Гоце Делчев“ во Кавадарци. Со нив во Боцвана треба да отпатуваат нивните ментори по физика, хемија и биологија, доц. д-р Ламбе Барандовски, проф. д-р Марина Стојановска и Елена Рафаиловска.

Доц. д-р Ламбе Барандовски, претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ

Научните друштва се соочуваат со истиот финансиски проблем неколку пати во годината, за секоја олимпијада. Во светот постојат многу вакви манифестации, но нашето Министерство за образование и наука има доделено 13 акредитации за најрелевантните на полето на природните науки, математика и информатика.
– Но, МОН не го решава начинот на финансирање на овие манифестации. Ние како здруженија немаме буџети да ги поднесеме трошоците и пред секоја олимпијада треба да молиме спонзори да ни помогнат – вели Барандовски.

Сузана Диневска-Ќовкаровска, претседателка на МБД, објаснува дека подготовката за Олимпијадата не е едноставна. Трае 12 недели, од септември до ноември. По четири недели за секој предмет.

Сузана Диневска-Ќовкаровска, претседателка на МБД

– Учениците најчесто доаѓаа во петок за да можат да преспијат и да продолжат со подготовки во сабота. Целта беше да им покажеме експеримент во практичниот дел за да можат да го следат и наредниот пат. Децата сами си го финансираа доаѓањето во Скопје – патот, преспивањето. Многу вложуваат родителите, наставниците, училиштето, понекогаш се вклучуваат и општините. Ние, универзитетските професори, работиме со децата по цел ден. Сè е волонтерско – вели Диневска-Ќовкаровска.

„Како да сме рекетари, а не професори“

Проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ, вели дека треба да се има предвид сите потенцијални олимпијци да земат вакцини и лекови, бидејќи Боцвана е високоризична земја. Засега има најава за помош од Агенцијата за млади и спорт, од каде што ветиле дека ќе обезбедат по две просечни плати за секој ученик. Но, тоа во моментот изнесува 48.420 денари по ученик, што повторно не е доволно за да се купи авиобилет.

Проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ

– Освен тоа, овие пари им се префрлаат на сметка на учениците, кои потоа треба да ги извадат и да ги префрлат на сметка на некое од друштвата. Како да сме рекетари, а не професори. Мора да се најде начин системски да се реши овој проблем – вели проф. Здравковски.
Барандовски вели дека дополнителен проблем годинава е што неколку ученици имаат по 14 години, а според правилникот на Агенцијата за млади и спорт, тие може да финансираат младинци од 15 до 29 години.
– За овие ученици не можеме да сметаме ниту на тие две просечни плати. Јас сум олимпиец од 1997 година. Ова единствено го правам од љубов кон натпреварите – вели тој.

Учениците ќе се натпреваруваат три дена

Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки годинава ќе се одржи од 2 до 11 декември во Габороне, Боцвана. Наменета е за ученици од основни училишта, до возраст од 16 години.
Двата селекциони натпревари за македонскиот тим ги одржаа трите друштва. На првиот биле поканети 60 ученици од осмо и деветто одделение кои покажале најдобри резултати на државните натпревари по физика, хемија и биологија (а до декември 2018 година нема да наполнат 16 години). На првиот селекционен натпревар учествувале 38 ученици од кои 17 избориле пласман на вториот селекционен натпревар, кој се одржа кон крајот на август. Тогаш бил одбран тимот од шест ученици кои покажале најдобри резултати на овој натпревар. Тие ќе ја претставуваат државата во Боцвана.

Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки во Боцвана ќе се одржи од 2 до 11 декември

– Натпреварот трае три дена. Првиот се решаваат експериментални задачи од физика, биологија и хемија. Тука учениците настапуваат како тимови од тројца. Секој тим добива три експерименти и фактички секој ученик решава по еден експеримент. Вториот ден имаат текст на заокружување, а третиот ден решаваат нумерички проблеми од трите области. Поените секој ученик ги добива сам – објаснува Барандовски.



912

X