Прославата на детските родендени пред четири децении изгледаше сосема поинаку од денес. Во времето на Југославија родендените се славеа дома, во дневната соба. Децата се послужуваа со домашно приготвени сендвичи, грицки и торта, а самите смислуваа игри и забава.
Кога денес ги гледаме детските родендени исполнети со скапи декорации, професионални аниматори и изнајмени игротеки, неизбежно е прашањето дали тие се навистина поубави од оние што се организираа порано? Иако беа далеку поскромни, сите што пораснаа во тоа време ќе потврдат дека токму тие прослави останаа меѓу најдрагите спомени од детството.
Главниот настан беше во дневната соба
Главното место за забава беше дневната соба. Тој ден дневната се претвораше во весела соба исполнета со роднини, соседи и другарчиња од училиште или од населбата.
Немаше кетеринг, мајките и бабите вложуваа многу труд и љубов со денови однапред да подготват вистинска домашна гозба. На масата прекриена со свечен чаршаф се сервираа познатите мали сендвичи со путер, шунка и кашкавал (често украсени со кисела краставички или маслинка), чинии со грицки и разни домашни колачи.
Се пиеше од обични чаши наполнети со сокови од лимон и портокал на растворање, додека постарите се опуштаа со кафе и минерална вода.
Домашната торта како ѕвезда на вечерта
Ѕвезда на секој роденден беше домашната торта, најчесто овошна или чоколадна торта, богато украсена со шлаг, на која секогаш гордо стоеја роденденските свеќички.
А подароците? Иако од денешна перспектива изгледаат скромно, тогаш беа вистинско богатство. Децата искрено се радуваа кога од украсната хартија ќе извадеа:
- Нов школски несесер или дрвени боички.
- Друштвена игра, кукла или количка.
- Книга или едно големо чоколадо.
Децата сами си ја креираа забавата
За одлична забава не беше потребен никој да ги води или да ги организира. Децата сами ја создаваа својата среќа, куќата ечеше од смеа додека се играше криенка, музичко столче или додека се танцуваше на песните пуштени од стариот касетофон.
Немаше мобилни телефони, ниту стотици слични фотографии. Наместо тоа, со аналогниот фотоапарат на филм ќе нѐ сликаа, а потоа со денови се чекаше филмот да се развие во фотографското студио.
Можеби родендените во времето на Југославија не изобилуваа со луксуз, но имаа нешто што не се купува со пари, искрена топлина, детска смеа и чувство на заедништво што го правеа тој ден незаборавен.