Речиси 40.000 деца во САД изгубиле еден родител поради Ковид-19, покажува ново истражување кое нуди отрезнувачка слика за ефектите на пандемијата врз семејствата.

Во анализа објавена од „ЏАМА педијатрикс“, истражувачите од Универзитетот „Стони Брук“, Универзитетот во Западно Онтарио, Државниот универзитет „Пен“ и Универзитетот на Јужна Калифорнија користеле моделирање за да проценат колку деца биле погодени од загуба на родители за секоја смрт од Ковид-19. Откриле дека за секој од приближно 480.000 смртни случаи заклучно со февруари оваа година, 0,078 деца на возраст од 0 до 17 години останале без родител, што претставува зголемување од 17,5 на 20,2 отсто во загубата на родителите, што би се случило во отсуство на Ковид-19.

Тоа се околу 37.400 деца што изгубиле барем еден родител заклучно со февруари, од кои 75 отсто се на возраст од 10 до 17 години, велат истражувачите. Според истражувањето, 20.600 деца биле бели, 7.600 биле црни, а истражувачите објавиле дека црните деца сочинуваат само 14 отсто од децата во САД, но 20 отсто од оние што се проценува дека изгубиле родител од Ковид-19.

Истражувачите испитувале што може да се случи доколку САД усвојат стратегија за колективен имунитет што во суштина е градење имунитет кај популацијата дозволувајќи му на Ковид-19 да се шири пошироко. Таа стратегија, според анализата, би резултирала со тоа што повеќе од 116.900 деца би изгубиле барем еден родител.

Истражувачите забележале дека основните бројки што ги откриле се прилично големи, и дека за споредба, терористичките напади на 11 септември оставиле 3.000 деца без родители. Водечкиот истражувач Рејчел Кидман, социјален епидемиолог од Стони Брук, вели дека пандемијата исто така го отежнува тагувањето, што може негативно да влијае и врз децата.

– За време на ова навистина уникатно, чудно време во кое се наоѓаме сега, кога никој не може да ве утеши и не ги гледате вашите пријатели редовно, навистина не се знае како тоа ќе влијае врз децата, без разлика дали ќе има пострауматска тага што ќе произлезе од ова – вели Кидман. Таа додава дека претходните случаи на загуба на родителите, како што се смртни случаи поврзани со кризата со ХИВ/СИДА, покажуваат дека децата што губат родители се соочуваат со огромни и долготрајни предизвици, почнувајќи од депресија до поголема веројатност да се откажат од училиште.

Таа вели дека наодите значат дека се неопходни сеопфатни реформи за справување со последиците. Решенијата треба да вклучуваат поврзување на децата за поддршка, како и воспоставување национална група за идентификување на децата што изгубиле родител поради Ковид-19, нивно следење и помош онаму каде што е потребно.

Исто така, таа вели дека е важно отворањето на училиштата за учениците да учат лице в лице.

– Учењето со физичко присуство значи дека децата имаат шанса да се дружат со своите пријатели, да бидат поддржани од грижливи возрасни и да имаат пристап до училишни советници – вели Кидман.

Извор



912

X