Кога бев мала и кога ќе се пожалев дека ми е здодевно, мајка ми знаеше да рече: „Фати се за уши и скокај“. Сигурна сум дека не сум единствената што добила ваков повратен коментар на својата досада. Ова е доста позната фраза од регионот која се пренесува од генерација на генерација. Се прашувам дали таа порака во себе носи значење дека е подобро да правиме што било, па дури и држење за уши и скокање, отколку ништо? Каков е нашиот однос кон досадата? Има ли место за неа?

Безделничење е поим со кој сакаме да ја означиме токму таа досада, мрзливост, односно времето што го поминуваме не правејќи ништо. Поради отсуството на потребата и мотивацијата нешто да правиме и да создаваме, често досадата и безделничењето се доживуваат како негативни состојби, нешто што треба да се избегнува или прекине. Ако на тоа ја додадеме изреката дека човекот ја создал работата, јасно е дека безделничењето не е нешто што е пожелно. Повеќето од нас се научени да се ценат себеси преку работата и дека досадата може да е сигнал дека со нас нешто не е во ред, па сето тоа те доведува до депресија. Сите тие варијанти зошто досадата ја бие толку лош глас ние ги усвојуваме, а не преиспитуваме дали се реални. Човекот не е создаден да работи 8 часа дневно, плус дополнителни два за да ја докаже лојалноста на компанијата. Па, ако веќе светот оди во насока да им штети на човековите природни потребни, ајде тоа „дополнително“ да не си го правиме сами на себе.

Многу клиенти доаѓаат целосно обземени од својата работа, во фаза на согорување, велат дека кога одат на годишен одмор, првите неколку дена не можат да се опуштат. Секое слободно време мора да биде исполнето со некоја активност, слушање музика, читање книги, тренинзи, фитнес-сали… Се наметнува прашањето дали може денешниот човек едноставно да биде во мир со себе и со времето во кое ништо не прави. Постои еден тренд и одредено опкружување во кое е многу важно да се претставиме како вечно зафатени и дека некаде брзаме. Тоа би требало да ја испрати пораката дека нашиот живот е динамичен, возбудлив и дека сме важни. Овде досадата е крајно неприфатлива. Ако нашето внимание постојано е насочено кон надворешното опкружување, тогаш кога ние ќе најдеме време да се занимаваме со себе? Тоа е уште една од причините зошто досадата може да се чини опасна. Во безделничењето би можеле да се појават прашања со кои не сакаме да се соочуваме и да се занимаваме. Баш затоа, по лутењето, досадата е емоција што најчесто се потиснува.

Колку и да не работиме ништо, тоа не значи дека досадата не е намерна. Сметам дека досадата, ако си ја дозволиме, е многу корисна и продуктивна. Многу добри идеи се јавуваат токму кога ни е здодевно бидејќи човекот не може вечно да безделничи, исто како што не може нонстоп да работи. Ако досадата не ја спречуваме, таа природно ќе помине, така што човекот сам ќе побара нешто со што ќе ја сопре. Тој од досада се насочува кон работите што ги сака. Таа го насочува кон личните определби и ја поттикнува неговата креативна енергија. Исто така, дозволувањето да се досадуваме е и дозвола да бидеме она што сме. Битија кои не се создадени единствено за работа и преку работа.

Од една страна, постојат луѓе што доаѓаат во психолошката ординација поради неможност да се опуштат и да уживаат, презафатени со работа и животот кој речиси опсесивно се обидуваат да го доведат во ред, а перфекционистички никогаш не се задоволни од резултатот. Од друга страна, има и такви што доаѓаат и велат дека постојат многу малку работи кои ги придвижуваат во активности, ги насочуваат кон некоја цел бидејќи сè брзо им здосадува и лесно го губат интересот. Едните ја потиснуваат досадата, а на другите им е хронично здодевно. Во обидите да се оддалечат од досадата, луѓето можат да побараат решенија во однесувањата кои не се добри за нив: прејадување, употреба на алкохол и дрога, коцкање, впуштање во различни ризични однесувања. Целта е да се пронајдат доволно силни сензации кои ќе ја потиснат досадата.

Колку ја вежбаме посветеноста во својот живот е исто така важно прашање ако се занимаваме со досадата. Многу луѓе се откажуваат од нешто бидејќи не е веќе толку забавно и интересно како на почетокот. Здодевно им е. Тоа не се одразува само врз активностите, туку често се пренесува и на меѓучовечките односи. Го имате нивното внимание сè додека сте им интересни. Така, овде хроничната досада настанува како последица од површното пристапување кон животот, но и од страв од врзување и потенцијални губитоци. Мото: Ако малку вложуваме, малку и ќе изгубиме. Често скокаме од активност во активност и влегуваме и излегуваме од однос во однос. Но, една од опциите може да биде и дека ние навистина не се занимаваме со она што го сакаме. Поточно, во некој момент од животот сме одлучиле да се занимаваме со нешто што суштински нè интересира, додека она кон кое чувствуваме страст седи во некоја фиока и чека.

Мала дигресија. Колку поголем избор имаме, толку потешко донесуваме одлука. Колку повеќе содржини има околу нас, толку ни е потешко да го насочиме вниманието и да се фокусираме. Да го земеме за пример „скролањето“ на „Фејсбук“. На колку објави се задржуваме? Колку долго? Секако дека тоа зависи и од нашите интереси, но она што сè почесто се забележува е дека кратките содржини привлекуваат многу повеќе внимание отколку подолгите. И сама сум забележала дека често кратките објави имаат далеку повеќе лајкови отколку оние подолгите. Не затоа што се подобри, туку затоа што повеќе луѓе ги прочитале бидејќи се кратки и го задржале вниманието докрај. Подолгите објави не се прочитани, туку се отпишуваат како нешта кои бараат повеќе внимание, па се продолжува со „скролањето“. И самата сум се нашла во вакви ситуации. Предолго е, не сакам сега со тоа да се занимавам. Зошто „Инстаграм“ е сè попопуларен? Едноставно. Една од причините е дека не бара многу внимание. Технологијата сега е составен дел од животот и ни носи многу благодати, но секако дека има и свои маани. Јасно е дека ќе биде тешко да им се задржи вниманието на идните генерации бидејќи технологијата фрагментира. Ќе се бара содржина која е конкретна, едноставна, а тоа всушност и не мора во сите ситуации да биде нешто лошо. Но, си го поставувам прашањето – дали во иднина ќе мораме да се занимаваме повеќе со хронична досада отколку досега, бидејќи ќе биде сè поприсутна?

Да резимирам, досадата не е никаква закана. Сосема е разумно дека постојат моменти кога ништо не ни се работи. Досадата е природна и нормална и кај возрасните и кај децата и нема потреба да ја спречуваме, панично да пребаруваме што би можело да се исчисти, да се поправи, да се прочита, погледне, со цел да го исполниме своето време. Понекогаш ми се чини дека досадата е моментот кога и телото и мозокот се согласни дека всушност не сакаат да прават апсолутно ништо. Односно, согласни се дека е сосема во ред истовремено да одмараат. Кога ќе ја прифатиме досадата, таа станува пријатна и не нè заморува. Меѓутоа, ако зборуваме за хронична досада, тогаш тоа веќе е нешто со кое човекот би требало да се позанимава во психолошка ординација.

Автор: Вања Орловиќ, психолог



912

X