Пасивното пушење предизвикува кашлање, кивање, печење, црвенило и солзење на очите, иритација во носот, грлото, отежнато дишење и главоболка. По четири до пет часа во зачадена и недоволно проветрена просторија пасивниот пушач вдишува количина на чад од тутун што ја вдишува пушач по две до три испушени цигари.

Пушењето во текот на бременоста на жената го спречува нормалниот развој на фетусот. Го спречува и пренесувањето на сите потребни супстанции преку крвта од циркулацијата на мајката преку вените на плацентата во циркулацијата на фетусот. Со намалување на кислородот во крвта на мајката, неговата количина во феталната крв значително се намалува.

Ако мајката пуши во текот на бременоста, никотинот непречено поминува низ плацентата и го достигнува феталното ткиво. Така, дури 3.800 распаднати производи од чад од тутун минуваат нефилтрирани во крвта на детето. Пушењето во бременост има ембрио-фетоотоксични ефекти, кои се одговорни за развој на вродени аномалии.

Никотинот предизвикува нарушувања во созревањето на функцијата на плацентата, интраутерински недостиг на кислород, поради што нероденото дете страда од недостиг на кислород. Тежината на новороденчињата на мајки што пушеле во бременоста е околу 200 грама помалку од новороденчињата на мајки што се непушачи.

Најновите истражувања покажуваат дека пушењето го попречува интелектуалното созревање на детето. Пушењето во бременоста е исто така ризик-фактор за развој на алергии, невродерматитис и астма кај децата.

Мајки пушачи – деца пушачи

Жените што пушат во текот на бременоста и во раното детство на нивните деца создаваат предиспозиција кај децата да станат пушачи во адолесценцијата или зрелоста, покажаа резултатите од истражувањето презентирано на конференцијата на Американското здружение на пулмолози во Сан Диего.

Научниците дошле до овие заклучоци врз основа на истражување за респираторни проблеми кај деца, спроведено во американскиот град Тусон. Целта била да се утврди влијанието на чадот од тутунот врз децата додека тие сè уште биле во стомакот на нивните мајки, а потоа и за време на детството.

Пушењето цигари кај бремените жени било испитувано трипати, во различни фази од бременоста, а потоа била извршена контрола на однесувањето на децата во врска со пушење цигари чии мајки пушеле за време на бременоста. Децата биле прегледани на возраст од 6, 9 и 11 години, а потоа кога наполниле 16 и 22 години.

Резултатите покажале дека ако мајката пушела за време на бременоста и раното детство на нејзиното дете, тоа би имало тенденција да пуши кога ќе наполни 22 години. Истражувањата исто така покажале дека луѓето чии мајки пушеле за време на бременоста и во раното детство имале помала веројатност да престанат да пушат отколку оние чии мајки никогаш не биле пушачи или почнале да пушат кога детето имало 10 години.

Растење во чад – родителите и цигарите

Најновите истражувања потврдија дека пасивното пушење го зголемува ризикот од рак на белите дробови за дури 20 отсто. Најневини пасивни пушачи се децата. Децата кои растат со родители што пушат најверојатно страдаат од респираторни инфекции, воспаление на средното уво, бронхитис и астма.

Пасивно или присилно пушење е вдишување чад од цигари што го пушат другите. Пасивен пушач добива чад од два извора: тој вдишува секундарен чад издишан од пушачот и терцијарен чад што оди во воздухот директно од цигарата. Пушачот вдишува 15 отсто од чадот од цигарите. Останатите 85 одат одат во воздухот што го вдишуваат присутните во просторијата.

Непушачите, кои се пасивни пушачи, исто така страдаат од болести предизвикани од пушењето. Кога станува збор за децата, особено помали од три години, кои растат во простории каде што постојано се пуши, тие се многу почувствителни на пасивно внесување на чадот отколку возрасните луѓе. Колку е помало детето, толку  е побрзо дишењето и внесувањето хемиски агенси на килограм телесна тежина е поголемо отколку кај возрасните.

Респираторните инфекции, настинките, бронхитисот, пневмонијата, бронхијалната астма и воспалението на средното уво се почести кај мали деца чија мајка е пушач. Кога станува збор за училишни деца – „пасивни пушачи“, тие имаат почест бронхитис во споредба со децата што живеат во здрава околина.

Родителите-пушачи тешко можат да им забранат на своите деца да пушат. Тие прифаќаат модел на однесување од своите родители. За жал, има пушачи и кај децата, а особено загрижува фактот дека кога пушењето почнува околу десеттата година, животот станува пократок за 20 или повеќе години, а честопати попреченоста се јавува многу рано.

За многу родители, за жал, родителската љубов е надвладеана од љубовта кон цигарите.

Извор



912

X