Сè што сака родителот е неговото дете да биде среќно. Но, како што возрасните можат да поминуваат низ тешки времиња, и малечките ги мачат проблеми. Помислата дека нешто не е во ред со вашето дете е загрижувачка, но не кревајте паника, предупредува детскиот психолог, професор Сем Вас, кој споделил неколку конкретни совети како да препознаете и да решите можен проблем.

Се манифестира на два основни начини

Професорот, експерт за детски стрес и внимание, истакнува дека постојат два основни начини на кои ќе се манифестираат проблемите кај децата. „Сето тоа многу се разликува од дете до дете, но како психолози, ние се стремиме да категоризираме што не е во ред со детето на два многу различни начини“, вели Вас.

„Првиот начин е нешто што го нарекуваме екстернализирачко однесување и тоа е кога детето се чувствува лошо однатре, а потоа го применува на светот, на пример – ќе ја удри својата сестра или ќе трча наоколу, ќе крши предмети и ќе биде многу хаотично. Ако гледате промени во однесувањето на вашето дете и ако имате дете кое има тенденција да го екстернализира своето лошо расположение и да го изразува на предмети, тогаш може многу лесно да се види кога нешто не е во ред, бидејќи детето ќе биде поенергично и ќе биде почесто расположено за расправија“ објаснува тој.

„Тоа е еден тип дете, и ако имате таков тип дете, тоа е начинот на кој детето секогаш ќе има тенденција да управува со своето лошо расположение“, додава тој.

Интернализираниот стрес е многу потешко да се препознае

Експертот продолжува да објаснува за интернализирање на однесувањата, што е уште еден модел на однесување кај децата на кој родителите треба да внимаваат. Професорот Вас предупредува дека овие знаци се „многу потешки“ за забележување, повикувајќи ги родителите да се потрудат да внимаваат на овие загрижувачки знаци.

„Интернализацијата е сосема спротивна шема, па кога детето е нерасположено, тоа ќе ги сврти работите на себе и ќе стане помалку комуникативно“, вели тој. „Кога не се чувствуваат добро со себе, децата ќе го прават она што го нарекуваме руминација, така што ќе им се вртат мисли во главата, но нема да ги споделат со другите. Тоа е нешто што многу често се јавува во семејствата, така што и вие самите можете да ја имате оваа тенденција да акумулирате грижи и да не зборувате за нив“, заклучува тој.

„Може да биде тешко за родителите да го забележат ова кај детето, но кога децата се загрижени или се борат со нешто, тие ќе бидат помалку комуникативни, ќе прават помалку врева и често ќе се повлекуваат и ќе сакаат да бидат сами. Може да биде тешко да ги натерате да се отворат“.

„Две деца можат да се борат со нешто и да реагираат на многу различни начини, така што – зависи од детето. Екстернализирачкото однесување може да биде многу забележливо, додека интернализирачките нарушувања потешко се согледуваат и навистина треба да знаете на што да внимавате“.

„Кочењето на емоциите не функционира ниту кај возрасните, а камоли кај децата“

Што точно треба да направите ако забележите дека вашето дете покажува некое од овие однесувања? Според професорот, најголемата грешка што можете да ја направите е да му кажете на вашето дете да не се однесува како што се однесува или да не го чувствува тоа што го чувствува, без разлика дали го интернализира или екстернализира своето однесување.

„Иако проблемите изгледаат спротивни, решението кое најмногу се заснова на докази е истото, а тоа е дека кочењето на емоциите не функционира – ниту кај возрасните, а дефинитивно не функционира кај децата. Не можете да кажете некому да си ги откаже емоциите“, објаснил тој. „Така, на пример, на први септември секогаш ги гледате сите овие родители како ги влечат своите деца до училиште, ги влечат за рака, а нивното дете плаче, а родителот се движи и со весел глас вели: Ќе биде во ред, одлично ќе се забавувате, не плаши се. И токму тоа не функционира“.

Дајте му име на она што го чувствуваат (именувајте ги емоциите)

Експертот понатаму вели дека наместо да му кажете што не треба да чувствува, треба да се обидете да му објасните на вашето дете кои се неговите емоции. „Она што мислиме дека функционира е едноставно опишување на она што детето може да го чувствува, а ние го нарекуваме градење метакогнитивна свест и тоа е развивање на свеста на детето за она што го чувствува“, објаснува професорот Вас.

„Тоа е нешто на кое никогаш не ги учиме децата во училиштата, но е нешто што е и тоа како потребно. Децата не се свесни за тоа што го чувствуваат, не можат да го опишат, а тоа е затоа што и самите не знаат. Само со опишување на она што го чувствуваат ја стекнуваат таа самосвест за што всушност се работи. Има нешто во врска со самосвеста за она што го чувствуваме, што ни помага да се справиме со таа емоција и ни помага да ја намалиме“, додава тој.

„Она што јас би го направил како родител е да му помогнам на моето дете да стане свесно за она што го чувствува, со тоа нема да користам осудувачки термини, па ќе речам нешто од типот: Имам чувство дека ти се чувствуваш така“, и така да го именувате она низ кое поминува. Така ќе му помогнете подобро да ги разбере емоциите“, заклучува тој.

Извор



912

X