Основното образование е задолжително, затоа учебниците треба да бидат бесплатни. Тоа е идејата на професорот Александар Кавчиќ. Тој потекнува од Белград, учел во Математичката гимназија, докторирал на Универзитетот „Карнеги Мелон“ и предавал на „Харвард“. Неговиот патент – читач на магнетна меморија нелегално го користела глобалната компанија „Марвел“. Тој ја тужел и по неколкугодишно судење го добил спорот и компензација – 750 милиони долари. Сега сака да обезбеди бесплатни учебници за основците во Србија со дел од парите.

Фондацијата „Алек Кавчиќ“ со години донира компјутери за Математичката гимназија во Белград. Но, тука почнува приказната. Следниот голем чекор е бесплатни учебници за учениците во цела Србија.

– Учебниците мора да бидат бесплатни, така е во сите земји, дури и во западните земји. Од пазарот на учебници направивме слободен пазар каде што сега се натпреваруваат различни издавачи кој ќе продаде повеќе учебници за основците. Бидејќи сите овие учебници се исти, генерално исти, одобрени од министерството, единствениот начин да се разликува еден учебник од друг е корупцијата – истакнува  Александар Кавчиќ, инженер и научник.


Како што тврди тој, на овој пазар има многу пари – околу 100 милиони евра годишно. А изработката на учебници за целото основно образование чини максимум 1 милион евра, од надоместок на авторите на учебниците до одобрување од министерството.

– Еднократен трошок од милион евра може да ги обезбеди сите тие учебници, кои можат да се стават на интернет. Зошто ние од тоа правиме стомилионски пазар од кој 50 милиони годишно ги извлекува странска компанија, а државјаните на оваа земја веќе ги платиле учебниците во форма на јавно претпријатие „Завод за учебници“ – наведува Кавчиќ.

Ако сè оди според планот, комплетите за основно образование ќе бидат достапни на интернет следната учебна година.

– Оној што сака, може да учи од ПДФ-формат, да го преземе, да го испечати – тоа е целата идеја. Она што го прави фондацијата, тоа би требало да биде показател дека и државата може да го направи. Фондацијата е дури и подготвена да ѝ го препушти овој модел на државата, доколку сака – вели Кавчиќ.

Професорот знае дека не му претстои лесна работа, но ако го поддржат родителите, наставниците и синдикатите, верува дека тоа нема да биде борба со ветерници.

Извор



912

X