„Добар автомеханичар треба да има знаење и соодветен алат, не мора да биде скап. Сепак, тајната на механичарскиот занает е љубовта. Тоа се луѓе што навистина ги сакаат автомобилите. Така е и во мојот случај: кога влегувам во работилницата, го чувствувам тој мирис и го земам алатот в рака и веднаш се орасположувам“.

Ова се зборови на 13-годишниот Никола Јовановиќ од Обреновац, Србија, скромен, вреден, мал автосервисер кој со крупни чекори ги совладува механичарските тајни. Отсекогаш имал автомобилчиња и како што вели, постојано нешто околу нив „мајсторувал“ – ги расклопувал и се обидувал да ги поправи. Раскажува дека повеќето од тие автомобилчиња настрадале во поплавата во 2014 година, која се случила во Обреновац, а успеал да зачува само неколку за спомен, но повеќе не му се потребни играчки со оглед на тоа дека вештите раце на овој мал сервисер одлично ракуваат со вистински автомобили.

– Никој од моето семејство не се занимава со механика и не е мајстор, но отсекогаш сум гледал како татко ми се вртка околу автомобилот, па макар тоа било и замена на светилка – одам зад него, гледам што прави, како одвртува и завртува шрафови. На почеток му го додавав алатот, а подоцна и јас почнав да одвртувам и завртувам шрафови. И така се роди љубовта – раскажува Никола. Подоцна одел кај пријателот на својот татко, кој е сопственик на автосервис и така постепено го калел механичарскиот занает.

– Исто така, учев следејќи го јутјуб-каналот – Неовластен сервисер, кој го создал Мирко Рашиќ, и гледав како ги поправаат автомобилите на професионалци како Никола Илиќ – Мачка, Жељко Роксандиќ, Зоран Шмит. Морам да признаам дека постојат многу работи што не ги знам, но основните работи знам да ги направам – мал сервис на автомобилот, тука се менува филтер-масло, филтер-кабини, знам да променам филтер-гориво, плочки на системот за кочење, клешта за кочење – наведува овој мал сервисер.

фото извор: Screenshoot YouTube

Кога ќе се отвори хаубата, Никола го препознава секој дел од автомобилот, но освен што набљудува, тој внимателно го слуша и звукот на моторот.

– По звукот на моторот се препознаваат многу дефекти и маани на автомобилот. Исто така, и по чадот кој излегува од ауспухот. Постојат 3 основни вида чад – црн, бел и син. Најчесто се случува ауспухот да испушта бел чад кога ќе го запалите автомобилот. Тоа е нормална појава, но ако белиот чад се случува во текот на возењето, тоа значи дека автомобилот троши масло, па ако моторот остане без масло, се случуваат споеви и мора да се промени моторот – објаснува момчето.


Во декември минатата година Никола ја опремил сопствената работилница дома. „Искористивме еден простор во состав на нашиот двор. Не се работи за професионална работилница, туку татко ми и јас работиме околу нашите автомобили. Немам премногу алатки за да можат да поправам некои крупни дефекти. Да кажеме, би сакал да имам ударен шрафцигер за тркалата кој работи на батерии. Тој има многу сила и може со леснотија да го одврти тркалото од автомобилот“, вели малиот мајстор.

Извор



912

X