Полека се навикнувавме на аутизмот кој се всели во нашиот дом и во нашето дете. Наполни 3 години. Големо момче. Ги набљудувате децата од околината и полека се пали онаа ламбичка над главата која вели „време е за социјализација“. А каде е најдобрата социјализација на светот. Па, во градинка.

Сè ставате на вага. Дали развојната група, дали приватна или државна градинка? Аутизмот сè е уште непознато нешто и за родителите, а можете да замислите како го доживуваат вработените во образовните установи? Аутизмот , иако плашливо, се обидува достоинствено, како што и заслужува, да влезе на голема врата таму. Допрени од неразбирањето на поединците во секојдневниот живот, размислував што нè чека во тие четири ѕида. Какви услови, какво условување, а можеби сепак бајка? Ме јадеше однатре мислата како моето дете ќе реагира на новата средина и на крајот сфаќам дека само поставувам прашања на кои немам одговор и така нема да се мрднам од мртва точка, па најдобро е да се препуштиме на искуството во практика.

Она што можам да ви го кажам е дека морате да бидете објективни. Знам, тешко е, но среќата на детето е на прво место. Па каква врска има едното со другото, ме прашувате. Има, ако сте објективни и свесни за силните и слабите страни на вашето дете, ќе знаете во каква средина ќе биде среќно, а со самото тоа ќе знаете и која е најдобрата стимулативна средина за негово напредување. Тоа ни е и целта, зарем не? Листите за чекање во градинките постоеја и тогаш кога ние го запишувавме детето, а уписот во државна градинка на средина од годината беше недостижен. Не сакавме да ни помине скапоцено време во чекање и затоа прво пробавме во приватна градинка. Ќе се смеете, но првата помисла ми беше: „Ако плаќам повеќе, тој ќе биде побезбеден“. Тој навистина беше убаво прифатен, но подоцна сфатив дека не мораше да се водам од тоа размислување. Градинка е градинка и децата се деца, без разлика дали е државна или приватна. Воспитувачките убаво го прифатија и не нè условија со ништо. Го сакаа. Се трудеа да го приближат до другите деца, но и нив кон него, додека тој плашливо се препушташе на активностите, а понекогаш бегаше во својот свет.

Девојчињата беа вистински благослов. Не знам што е тоа во женскиот код што ги влече уште од најрана возраст да прегрнуваат, да сакаат, да штитат, но нашето дете секој ден беше опкружено со нив и со нивното внимание. Напредокот доаѓаше полека, со мали чекори, но видлив за нас, кои бевме со него секојдневно. Совршена инклузија, совршено среќно дете, совршена социјализација. Така што, драги мои, ако ме прашувате, мојот одговор е ДА! Да, за царство каде што царува другарство, но само доколку сте спремни да му укажете доверба на колективот кој го воспитува вашето дете и доколку колективот собере доволно храброст и креативност за светот да го погледне со очите на вашето дете. Тогаш тоа е вистинската работа и ветар во грб за нови авантури.

Автор: Јелена Шебез Иниќ – мајка на едно, сега веќе големо, момче со аутизам

Извор



912

X