Бременоста предизвикува многу промени во телото. Некои од нив се очекувани, а некои сосема неочекувани. Покрај зголемувањето на телесната тежина и утринските мачнини, кај многу жени се јавува и поинтензивно потење и поинаков телесен мирис. Еве зошто се случува тоа и што можете да преземете.
Зошто се менува телесниот мирис во бременост?
Зголеменото потење и поинтензивниот мирис на телото често се јавуваат уште во првиот триместар, кога телесната температура е највисока. Неколку фактори придонесуваат за тоа:
Хормонски и циркулаторни промени
Гинекологот д-р Ким Ленгдон објаснува дека вишокот хормони ја зголемуваат телесната температура, што доведува до потење. Бактериите кои предизвикуваат мирис преферираат топла и влажна средина, а поради зголемениот волумен на крв и забрзаниот метаболизам, потењето се зголемува уште повеќе.
Стрес
Според медицинската сестра Кристин Кингсли, зголемениот стрес може да ги активира апокрините жлезди, кои лачат пот со поостар мирис, сличен на амонијак. Овие жлезди најчесто се активираат при вознемиреност.

Зголемена телесна тежина
Зголемената маса од фетусот, амнионската течност, постелката и дополнителните масни наслаги бара поголем напор при движење, што дополнително ги зголемува телесната температура и потењето.
Како да се справите со непријатниот мирис?
Редовна хигиена
Туширајте се секојдневно, особено по физичка активност. Користете топла вода и благ сапун без мириси. По туширањето нанесете дезодоранс кој е безбеден за трудници.
Носете природни, лесни материјали
Памучната облека и ленот овозможуваат кожата да дише и го намалуваат таложењето на бактерии. Секогаш облекувајте чиста облека по туширање.
Обидете се да го намалите стресот
Практикувајте техники за релаксација како медитација, јога, прошетки или разговор со блиски луѓе. Намалувањето на стресот директно го намалува и потењето.
Телесниот мирис во бременоста најчесто не е причина за загриженост. Но ако забележите нагла промена или невообичаено силен мирис, консултирајте се со вашиот гинеколог затоа што понекогаш тоа може да биде знак за друг здравствен проблем.