Д-р Пит Ечелс од Универзитетот „Бат Спа“ вели дека одлуката да се класифицира зависноста од компјутерски игри како ментално нарушување не е поддржана со докази
Не постојат силни докази што ги поддржуваат стравовите дека времето поминато на или покрај екраните им штети на децата, велат експерти додавајќи дека предупредувањето од Светската здравствена организација (СЗО) во врска со зависноста од игрите е прерано.
Времето поминато користејќи уреди, од компјутери до паметни телефони и телевизори, беше тема на дебата откако британскиот секретар за култура Мет Хенкок ги повика родителите да им постават граници на своите деца за употреба на технологијата.
– Неограничен и пристап без надзор може да биде основа за многу сериозни последици – изјави тој.
Истата недела голем број основни училишта во Австралија побараа од родителите да се едуцираат за компјутерската игра „Фортнајт“ велејќи дека тие забележале промена во однесувањето на децата, како резултат на тоа што учениците постојано ја играле играта. Во Франција на студентите им се забранува да користат мобилни телефони насекаде во училиштата, почнувајќи од септември.
Но експертите велат дека политиката не треба да биде оформена од морална паника.
Енди Пшибилски, вонреден професор и директор за истражување на оксфордскиот Институт за интернет, вели дека истражувањата што ги разгледуваат врските помеѓу времето поминато на/покрај екраните и здравјето на децата не се баш реални.
– Важно е да се сфати дека овие корелации се многу мали. Имено, 99 отсто од благосостојбата на децата нема врска со екраните, без разлика како ќе ги измерите – вели Пршибски.
Д-р Пит Ечелс од Универзитетот „Бат Спа“ вели дека одлуката да се класифицира зависноста од компјутерски игри како ментално нарушување не е поддржана со докази.
– Прерано е – вели тој.
Ечелс вели дека дијагностичките критериуми искористени за нарушувања како што е злоупотребата на супстанции или коцкање не се соодветни за да се искористат за игрите.
– Ако почнете да користите кокаин и престанете да правите сѐ друго во вашиот живот, очигледно е опасно и штетно за вашиот живот: играњето видеоигри е различно бидејќи е хоби – вели тој.