Со оглед на тоа што сме среде пандемија, нормално е секој од нас да има дополнителен стрес. Стресот доаѓа со склоноста да се заборават работите, па често забораваме на тоа што го прави човек да е добар, или што го прави еден сопруг одличен.

Не мора да се големи гестови – всушност малите нешта се оние што го прават човекот голем. Затоа, често жените бараат сосема малку за нивниот партнер да им каже и покаже дека и покрај монотоното секојдневие и рутините, бракот сепак им е важен.

Ова се неколку работи што жените сакаат почесто да ги слушаат од нивните мажи:

„Со што можам да ти помогнам?“

– Се чини очигледно. Не постои време кога не е добро да прашате некого дали му треба помош. Родителите ме воспитаа да помагам секогаш кога можам, па претпоставувам го очекувам истото за возврат – Ана, 34 години.

„Дали сакаш совет или сакаш едноставно да се ослободиш од стресот и мислите?“

– Никогаш не сум била под поголем стрес отколку во изминатите четири или пет месеци. Работа. Ковид. Деца. А понекогаш не знам ни како да се смирам. Мојот сопруг е одличен во давање совети, но понекогаш сакам само да замолчи за јас да си го кажам она што го имам да го кажам – Карли, 36 години.

„Ми се допаѓаш“

– Оваа реченица е различна од „те сакам“. Постојано велиме „те сакам“. И тоа е одлично. Но, по долгогодишниот брак важно ми е да знам дека и понатаму му се допаѓам. Знам и верувам дека ме сака. Но, понекогаш се прашувам дали ме сака во негова близина или сака да го оставам на мир, или го нервирам или што било. За мене, „те сакам“ и „ми се допаѓаш“ се две различни нешта – Мери, 38 години.

„Одлична си во…“

– Мислам дека мојата самодоверба е прилично ниска. Сигурно сите мајки се чувствуваат вака. Не можам да замислам дека некој се буди во оваа пандемија и си вели: „Да, одлично изгледам и одлична сум во оваа пандемија“. Мојот сопруг постојано ми дели комплименти и прави да се чувствувам посебно, но понекогаш сакам да ме пофали за некоја специфична работа. Како, на пример, пред некој ден ја поправив славината што протекуваше. Беше едноставно. Отворив на „Јутјуб“ и завршив работа. Мислев ќе го импресионирам – Миа, 34 години.

„Јас ќе го завршам тоа“

– Понекогаш се чувствувам како јас да сум лепилото што држи сѐ заедно. Признавам, сакам да ги контролирам работите. И можеби моја вина е што го правам тоа до екстремност. Можеби тој не сфаќа дека ми треба помош или дека јас сакам да се потпрам на него, и знам дека работите ќе бидат завршени. Секако, не очекувам да ми го чита умот – Нора, 37 години.

„Ќе го пребродиме ова“

– Дефинитивно јас сум таа што се грижи во врската. Тоа е поврзано со мојата анксиозност. Токму и затоа посакувам мојот сопруг да ми понуди поголема утеха. Не утеха како: „Дојди да те прегрнам. Сѐ ќе биде во ред“, туку „Без оглед што ќе се случи, дури и ако работите не се како што треба, ќе го пребродиме ова“. Тоа ми е важно да го слушнам сега – Ерин, 36 години.

„Сфаќам“

– Понекогаш имам чувство како да сум луда кога разговарам со мојот сопруг. Не дека не се грижи – тој е сочувствителен, љубезен и полн со љубов. Но, не ги сфаќа работите што ме плашат или вознемируваат денес. Искрено, не сфаќам зошто е толку смирен. Би било охрабрувачки да знам дека не сум единствена што паничи за нешто – Хелена, 34 години.

„Не можам ни да замислам…“

– Наставничка сум во одделенска настава. Моментално, ова е најлудиот период што некогаш сум ги искусила во мојот живот. Предавам онлајн и речиси седум часа во денот се обидувам да едуцирам и да им предавам на 20 8-годишни деца. Имам „училница“ во визбата за никој да не ми пречи додека предавам. Иако тој не ме гледа додека работам, би било добро да се стави на мое место. Ме тера да се чувствувам девалвирано што мисли дека јас „работам“ долу. Како да одговарам на е-пошта и да седам на конференциски повици. Не. Се обидувам да им предавам на расеани третоодделенци кои едвај ме гледаат или слушаат – Џасмин, 32 години.

„Ајде да го направиме тоа“

– Јас сум водена од емоциите, а мојот сопруг од мозокот. Толку е едноставно. Си доаѓам дома и многу сум возбудена за нешто. И постојано зборувам за тоа. А мојот сопруг почнува со прашањата: „Дали ќе биде безбедно?“ „Дали е нешто што ни треба во моментот?“, „Дали имаме пари за тоа?“ Дури и да е во право, дури и мојата идеја да е глупава или луда, би сакала барем еднаш да рече: „Супер. Ајде да го направиме тоа“ – Кери, 37 години.

„Каков ти беше денот?“

– Мислам дека сите наши денови се рутински. Уште повеќе затоа што сме дома. И не ги напуштаме домовите, па да бидеме искрени, прашањето „Како ти беше денот?“ е повеќе формалност. Но, некако ми недостига. Сега кога ќе го прашам, ме гледа и вели: „Цел ден сме во истата куќа. Знаеш каков ми беше денот“ – Атена, 36 години.

„Изгледаш убаво“

– Ова не е толку големо прашање бидејќи искрено не е нешто што очекувам да го слушнам овие денови. Не изгледам убаво, веројатно затоа што последните 6 месеци ги поминав во пижами, без шминка и со фатена коса. Но, кога ќе вложам напор, би сакала мојот сопруг да забележи, иако често поминува незабележано. Знам дека е глупаво, но би било фино да ја слушам оваа реченица повремено – Хели, 37 години.

„Добро утро и добра ноќ“

– Добро утро е големата реченица. Се будиме и… постоиме. Почнува денот. И двајцата сме онаму каде што треба да бидеме, не си велиме чао и не одиме на работа, па повеќе сме како цимери. Обично си велиме „Еј“, но постои нешто послатко и поискрено во врска со „Добро утро“ дури и ако го велиме на поминување. Како кога ќе кивнеш и некој ќе ти рече „на здравје“ – Сара, 32 години.

Извор



912

X