Здравје

Поради несакани совети, паднав во постпородилна депресија – за сѐ го обвинував бебето

По стресна и ризична бременост, Нехра пред четири месеци родила здраво девојче. Два дена биле во болница, а таа не можела да го тргне погледот од ќерка си и едвај чекала акушерките да ѝ ја донесат. Истовремено, едвај чекала да се врати дома, да го види сопругот и да го прегрне.

„Кога дојдовме дома, надвор нѐ пречекаа десет луѓе. Сите влегоа во куќата со нас. На никој не му беше гајле што сакав да се одморам, да поминам време со мојот сопруг и детето. Никој не ме праша како се породив. Не легнав, не можев да се истегнам. Додека се мачев во полуседечка положба, почнаа да делат совети кои не ги ни барав“, открива мајката.

Советите што ги слушнала од семејството биле:

„Не можете да имате цвеќе во просторијата каде што е бебето“.
„Не смееш да се бањаш или тушираш“.
„Бебето не смее да дојде во контакт со вода додека не му падне папочето“.
„Не можете да го бакнувате бебето додека спие“.
„Не може да го гледаш кога си поспана“.
„Бебешките алишта никогаш не треба да се оставаат да висат откако ќе се стемни“.
„Остави ги лекарите, слушај нѐ нас, постарите“.
„Не смеете да излегувате 40 дена“.

Но, најмногу ѝ пречеле прашањата за доењето. Нехра вели дека никој не смее да ја испрашува мајката дали дои или не, бидејќи тоа е интимна работа.

Се криела кога требало да ја нахрани ќерка си

„Се обидов да дојам, но поради стресот, ми се намали производството со млеко. Бебето полека се здебелуваше во првите две недели. Почнавме да ги комбинираме доењето и адаптираното млеко. Штом некој ме видеше како го хранам детето со шише, веднаш почнуваше да прашува зошто не дојам, зошто немам млеко. Слушнав дека до мене било. Осудата дека не доев ме уби, совеста ме изглода поради тоа што не можам да дојам и почнав да се сметам за немајка. Се криев секогаш кога ќе требаше да ја нахранам ќерка ми, еднаш ја оставив да плаче гладна затоа што не сакав гостите да ме видат како ја хранам со шише за да не ме осудуваат. Сега се чувствувам ужасно поради тоа“, вели Нехра.

Единствената поддршка што ја имала бил нејзиниот сопруг, кој ја тешел и знаел да му каже на семејството да не се меша бидејќи двајцата решиле да го послушаат советот на педијатарот и сестрата. Секако, тоа не им се допаднало на другите, па чекале шанса да излезе нејзиниот сопруг за да продолжат да ѝ даваат несакани совети.

Почнала да се истура на сопругот, не ѝ се допаѓало бебето

„Не му дадоа шанса ни да го запознае нашето дете и да биде со мене. Постојано го викаа да направи нешто, да им помогне. Нормално работи на терен и зема два месеца одмор, од кои само пет дена успеа да биде со нас. Жените во селото не сакаа да ми помага. Еднаш ги закачи алишта на балконот и го нападнаа велејќи дека тоа го прават жените. Како родилка, не смеев да излегувам од дома 40 дена по породувањето – се сеќава новопечената мајка.

Поради сето тоа, паднала во постпородилна депресија. Нехра се плашела да излезе од дома бидејќи повеќе не можела да ги слуша коментарите. Плачела, не можела да заспие, се плашела од секој нов ден и се прашувала како ќе издржи. Таа се истурала на нејзиниот сопруг, кој не го заслужил тоа, но била нервозна и вознемирена.

„Не го сакав моето бебе, го сметав за виновно и посакував да не ја родев. Дури по три месеци се вразумив, почнав да ја прифаќам и да сакам, да ја гушкам и да ја бакнувам. Не ја пуштив. Четири месеци по породувањето поминав низ постпородилна депресија. Отидов во Германија со сопругот и детето. Свесна сум каде треба да се вратам, но се надевам дека имам време целосно да закрепнам и да дојдам во состојба во која не ме засегаат туѓите коментари“, вели таа.

„Нема срам во барањето помош, не чувајте ги проблемите за себе“

Таа ја споделила својата приказна за да им даде трошка надеж на жените кои можеби минуваат низ истото и да им каже дека не се разгалени или неблагодарни.

– Оставете ги тие приказни „какви бевме порано“. Порано жените и бебињата умираа на породување, умираа затоа што се пораѓаа на нива, добиваа разни инфекции затоа што не се водеше хигиена. Не е лесно да се игнорираат коментарите и знам дека не мора сѐ да земате при срце, но тешко е секојпат да се биде глув. Не е срамота да барате помош. Зборувајте му на пријател, психијатар, секој што би можел да ви биде утеха и да ви помогне. Жал ми е за секоја жена што го доживува тоа, но како што ќе дојде, така и ќе помине. Ние сме тука да се поддржуваме“, заклучува таа.

Што да направите ако се појават симптоми на постпородилна депресија?

Медицинските сестри што посетуваат мајки и бебиња во првите недели по породувањето треба да препознаат дали жената се однесува депресивно. Познато е дека постојат три фази на постпородилна депресија, а најзастапена е благата, таканаречена „бејби блуз“. Голема улога има и партнерот, кој треба да се вклучи и да побара помош или совет доколку забележи дека жената се однесува чудно. Доколку постои сомневање за постпородилна депресија, неопходно е да се контактира лекар од семејна медицина и педијатар, кои, доколку е потребно, ќе ја упатат мајката на психијатар.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top