Сите многу зборуваат за имунитетот и неговото зајакнување, особено во студениот период од годината кога владеат респираторни вирусни инфекции на кои децата се особено склони. Децата, баш како и возрасните, имаат три типа имунитет – вроден, стекнат и пасивен.

Вродениот (неспецифичен, природен) имунитет е имунитет со кој децата се раѓаат. Овој имунитет е општа заштита. Неговата улога е во тоа да ги препознае нападите на организмот и да може да се одбрани. Таков тип имунитет, на пример, овозможува кожата. Таа е заштитна бариера која спречува микроорганизмите да влезат во организмот.

Стекнатиот (специфичен) имунитет се развива во текот на растењето. За да се стекне овој имунитет, детето мора да прележи различни болести. Друг начин на кој се стекнува е вакцинацијата.

Пасивниот имунитет детето го добива од некој друг извор и тој е најчесто привремен. На пример, бебињата што се доени го користат мајчиниот имунитет преку млекото што го внесуваат, па во тој период најчесто се заштитени од болести кои мајката веќе ги прележала.

Исхраната е важна

Повеќето родители знаат колку е важно децата да јадат разновидна и здрава храна. А дали сте знаеле дека исхраната е еден од пресудните фактори што влијаат врз имунитетот на детето? Освен што е важно детето преку исхраната да ги внесува сите хранливи материи, важно е и да има редовни оброци. Најдобро е храната што ја јаде да биде распределена во пет оброци, три главни и две ужини, и тие оброци детето да ги консумира секој ден во приближно истото време.

Иако е важно детето да јаде од сите видови овошје и зеленчук, некои од нив можат да имаат поголемо влијание врз имунитетот бидејќи содржат фитонутритиенти, како што се каротеноиди и флавоноиди. Тие влијаат на производство на бели крвни зрнца кои се борат против инфекции и антителата што ја обвиткуваат површината на клетките, на тој начин штитејќи се од вируси. Такви се: портокалите, јагодите, боровниците, доматот, морковот, грашокот…

Квалитетен сон

Како што покажале студиите, недостигот на сон може негативно да влијае врз имунолошкиот систем. Имено, децата што не спијат доволен број часови и немаат квалитетен сон, имаат многу поголеми шанси да се разболат кога ќе бидат изложени на вообичаен вирус. Недостигот на сон влијае и на брзината на заздравување кога детето ќе се разболи.

Во текот на сонот имунолошкиот систем ослободува протеини кои се нарекуваат цитокини. Кога детето ќе се разболи, има некоја инфекција или е под стрес, бројот на цитокини треба да се зголеми за организмот да се бори. Недостигот на сон може да го намали производството на цитокини. Освен тоа, бројот на антитела и клетки што се борат против инфекции, исто така, се намалува кога детето не спие доволно. На децата им се потребни 10 до 14 часа сон, во зависност од тоа колку се стари.

Не инсистирајте на антибиотици

Многу родители, плашејќи се да не се комплицира болеста, штом детето се разболи бараат рецепт за антибиотик од педијатар. Меѓутоа, европското истражување за потрошувачка на антибиотици покажало дека 80 отсто од сите антибиотици се даваат за лекување инфекции на горните дишни патишта, иако е познато дека дури 85 отсто од таквите инфекции се предизвикани од вируси, а не бактерии.

Вирусните инфекции, за разлика од бактериските, не се лекуваат со антибиотици. Примената на антибиотици за лекување вирусни инфекции е еден од најчестите видови на неправилна употреба на антибиотици. Тоа е воедно и главната причина за резистенцијата, односно отпорноста на бактериите на антибиотиците. Неправилната употреба на антибиотици придонесува за уште послаби имунолошки способности на детето да се бори со инфекции.

Една студија од 2017 година во која учествувале истражувачите од „Харвард“, МИТ и уште неколку значајни институти докажала дека прекумерната и несоодветна употреба на антибиотици може всушност да придонесе за слабеење на имунолошкиот систем.

Во текот на експериментот што го изведувале откриле дека некои типови бели крвни зрнца под дејство на антибиотик се спречени да ги покажат своите одбранбени дејства. Врз основа на тоа, заклучено е дека антибиотиците можат да го ослабат имунолошкиот систем.

Вакцинацијата е задолжителна

Растејќи, децата стекнуваат имунитет. Потребно е време за имунолошкиот систем да се развие и изгради. Со почитување на календарот за вакцинација, односно со редовна имунизација, му помагате на детето да го развие имунитетот и да биде здраво. Вакцинацијата е превентивна здравствена заштита за децата, која во сите развиени земји на светот, организирано се спроведува со цел сузбивање и спречување на ширење инфективни болести.

Извадете го детето надвор

Престојот на свеж воздух им овозможува на децата барем накратко да го напуштат просторот кој е полн со микроорганизми и бактерии. Децата што одат во градинка, училиште или продолжен престој, особено се изложени на нив. Од престојот на свеж воздух немаат корист само здравите деца, туку и болните. Важно е само детето добро да го облечете во согласност со временските услови и да избегнувате поголема физичка активност, ако е болно.

Излегувајќи надвор редовно, детето постепено го изградува имунолошкиот систем, но и отпорноста на алергии. Студиите покажале дека децата што живеат во руралните подрачја и кои повеќе време поминуваат надвор се многу поздрави.

Извор



912

X